Европската Унија до средината на април ќе го одложи воведувањето на царинските контрамерки против САД кои беа најавени на 12 март, соопшти портпаролот на Европската комисија (ЕК), Олоф Гил.
Одлуката е одговор на царините од 25 отсто што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за челик и алуминиум.
Гил објасни дека тоа ќе даде повеќе време за преговори со американската администрација.
Истиот ден кога стапија на сила американските тарифи за челик и алуминиум, ЕУ објави пропорционални царини на почетокот на април за низа производи увезени од САД, како што се чамци, мотоцикли и бурбон, во вредност од 4,5 милијарди евра.
Царините на Трамп ја поттикнаа ЕК да предложи повторно воведување тарифи за американските производи почнувајќи од 1 април, како и да воведе уште еден сет тарифи во вредност од 18 милијарди евра од 13 април, пишува Ројтерс.
Како што претходно изјави европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ, ЕУ размислува да ги „усогласи двата сет на контрамерки“, што ќе обезбеди дополнително време за консултации со земјите-членки и преговори со САД.
„Сега размислуваме да го усогласиме тајмингот на овие два пакета контрамерки на ЕУ за да можеме да се консултираме со земјите за нив, а тоа исто така ќе ни даде дополнително време за преговори со нашите американски партнери“, рече комесарот Шефчовиќ во Европскиот парламент.
Сега двата пакета контрамерки треба да стапат на сила во средината на април.
Првиот сет на контрамерки се однесува на низа американски производи како што се мотоцикли, бурбон и чамци и е одговор на економската штета вредна 4,5 милијарди евра од извозот на челик и алуминиум од ЕУ. Вториот пакет се однесува на американскиот извоз во вредност од 18 милијарди евра.