ПОВЕЌЕ

    ЕЦБ ЈА ИЗБРА ЕЛИТАТА: 36 банки и финтек компании ќе ја тестираат иднината на еврото

    Време зa читање: 4 минути

    Кога ќе платите кафе, ручек или онлајн нарачка со дигитално евро – засега тоа ќе биде можно само во строго контролиран тест. Но токму тој тест треба да покаже дали Европа е подготвена за најголемата промена во платежниот систем во последните децении.

    Европската централна банка (ЕЦБ) избра 36 банки и даватели на платежни услуги кои ќе учествуваат во пилот-проектот за дигиталното евро – проект што треба да ја тестира техничката функционалност, безбедноста и практичната употреба на идната дигитална валута на еврозоната.

    Меѓу избраните се некои од најголемите европски и светски финансиски имиња, како Deutsche Bank, UniCredit, Revolut, Stripe, Adyen, SumUp и Worldline, а покрај традиционалните банки, учествуваат и финтек компании и оператори на платежна инфраструктура.

    Пилот-проектот треба да започне во втората половина на 2027 година и ќе трае 12 месеци. Во него ќе учествуваат ЕЦБ и 19 национални централни банки од еврозоната, а тестирањата ќе се спроведуваат во реална средина, но во затворен систем.

    Дигиталното евро доаѓа – дали ќе може да го користат и Македонците?

    Во тестирањето ќе бидат вклучени вработени во централните банки, кои ќе ја користат бета-верзијата на дигиталното евро за различни видови плаќања. Избрани продавници, ресторани, кафулиња и онлајн трговци ќе ги прифаќаат плаќањата, со што ќе се симулира секојдневната употреба на новата дигитална валута.

    Ќе се тестираат плаќања меѓу физички лица, плаќања во продавници, мобилни плаќања, онлајн купувања, како и трансакции што функционираат и во онлајн и во офлајн режим.

    ЕЦБ преку овој процес сака да ја оцени сигурноста, скалабилноста на системот, оперативните процеси и корисничкото искуство, пред да донесе конечна одлука дали дигиталното евро ќе стане реалност.

    По повикот за изразување интерес во март годинава, Евросистемот добил повеќе од 50 апликации, што, според ЕЦБ, покажува силен интерес од финансискиот сектор за учество во развојот на новата платежна инфраструктура. Избраните учесници опфаќаат различни деловни модели, големини и земји, со цел тестирањето да биде што порепрезентативно.

    Во пилот-проектот, дел од компаниите ќе имаат улога на дистрибутери, односно ќе отвораат тест-сметки и ќе им овозможуваат на корисниците пристап до дигиталното евро преку сопствени апликации или преку платформата на Евросистемот. Други ќе обезбедуваат техничка поддршка за трговците за прифаќање на плаќањата, а некои ќе ги извршуваат двете функции.

    Бета-верзијата на дигиталното евро ќе биде технички многу блиска до финалниот производ, но нема да има статус на законско средство за плаќање. Исто така, учесниците во пилот-проектот нема да смеат да им наплатуваат надоместоци на корисниците за услугите поврзани со тестирањето.

    Силниот интерес на пазарот покажува дека приватниот сектор е подготвен активно да се вклучи во развојот на дигиталното евро и да придонесе за зајакнување на европскиот систем за плаќања“, изјави членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, кој ја предводи Работната група за дигиталното евро.

    Иако подготовките напредуваат, конечната одлука за издавање на дигиталното евро сè уште не е донесена. ЕЦБ планира да биде подготвена за евентуално воведување на новата валута во 2029 година, но претходно треба да биде усвоена европската законска рамка, по што Управниот совет на ЕЦБ ќе донесе посебна одлука дали дигиталното евро ќе биде пуштено во употреба.

    Во меѓувреме, проектот добива и политичка поддршка. Во јуни, надлежниот комитет на Европскиот парламент го поддржа предлог-законот за дигиталното евро, кој предвидува бесплатни основни услуги за граѓаните, можност за онлајн и офлајн плаќања и задолжително прифаќање на дигиталното евро од поголемиот дел од трговците.

    Доколку проектот успешно ги помине сите фази, дигиталното евро ќе стане нова електронска форма на пари издадена од централната банка, која нема да ги замени готовината и постојните платежни картички, туку ќе ги надополни како дополнителна опција за плаќање во европската економија.

    (Фото: European Commission)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично