ПОВЕЌЕ

    ДЗР: Бавната гасификација е ризик за нерационално трошење на јавните средства

    Време зa читање: 5 минути

    И по изминати 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив не се ставени во употреба, но исто така отсуствува долгорочен план за развој на дистрибутивен систем на природен гас во државата, целосно самофинансирање на дејноста – пренос на природниот гас и реализацијата на идните активности за интерконекција со соседните држави, наведено е во извештајот на Државниот завод за ревизија.

    Наодите се резултат од извршената ревизија на усогласеност на тема „Развој на системот за гасификација во Република Северна Македонија‘‘, во АД за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост, како правен следбеник на АД ГА – МА Скопје и АД за вршење на енергетски дејности. Опфатен е период од 2019 до септември 2023 година. Сепак, појаснуваат ревизорите, одредени области, прашања, настани и анализи се опфатени пред 2019 и последователно до денот на известување за извршената ревизија. Опфатени се и прашања поврзани со правната рамка и развојот на гасоводната мрежа и гасификацијата во државата, како и спојувањето на акционерските друштва за гасификација НЕР и ГА-МА и организациона поставеност на новото друштво – НОМАГАС, каде што ревизорите исто така утврдиле отстапувања.

    „Имајќи предвид дека Процесот на планирањето на гасификацијата на територијата на целата држава е отпочнато во 2010 година, а нејзината имплементацијата е започната по пет години, односно во 2016 година, со ревизијата се утврди дека поголем дел од проектите кои се предвидени со физибилити студијата се отпочнати, но изградбата се одвива со бавна динамика и постојат отстапувања во однос на планираната временска рамка, местоположбата на гасоводите, како и планираните финансиски средства за изградба“, пишува во извештајот.

    Ревизорите воочиле отсуство на долгорочен план за развој на системот на пренос на природен гас, што има влијание на идните активности за проширување и надградба на системот за пренос на природен гас, како и неговата интерконекција со другите држави.

    Државата увезува природен гас кај Деве Баир на границата со Бугарија, а со ревизијата е утврдено дека функционалниот гасовод е изграден во деведесеттите години од минатиот век и се состои од еден магистрален гасовод кој се наоѓа на источната граница во месноста Деве Баир и се протега преку Крива Паланка, Кратово и Куманово до Скопје, како и градските гасоводни мрежи во наведените градови. Должината на магистралниот гасовод е 98 km, а заедно со неговите блок станици и приклучни места за разводни гасоводи изнесува речиси 130 km. Вкупната должина на градските гасоводни мрежи, од каде фабрики, правни субјекти, училишта, општини, ТИРЗ и други објекти се снабдуваат со природен гас, изнесува речиси 80 km. Набавната вредност на функционалната гасоводна мрежа изнесува приближно 71 милион евра, од кои најголем дел, или 49% претставуваат вложување во магистрален и разводен гасовод Деве Баир – Скопје и 26% отпаѓаат на изградбата на градската гасоводна мрежа во Скопје, се посочува во извештајот. Притоа, ревизорите укажуваат на недоволната искористеност на магистралниот гасовод и на непостоењето на формално воспоставена дистрибутивна мрежа.

    Освен тоа, и по изминати 13 години изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив се уште не се ставени во употреба.

    „Во периодот од 2014 до 2023 година за изградбата на магистралните гасоводи ЛОТ1-61 km (Клечовци- БС5 изграден), ЛОТ 1 – 36 km (БС5 – Неготино со ГМРС Изградена гасоводна мрежа Штип и ГМРС Неготино), ЛОТ 2 (Неготино (Кавадарци) – Битола) и ЛОТ 5 (км Гостивар-Кичево, Одобрение за градење) склучени се договори и анекси кон договорите, како и договори за непредвидени и дополнителни работи во вкупен износ од приближно 156,4 милиони евра. Најголем дел од нив иако се изградени сѐ уште не се ставени во употреба. Причини за ваквата состојба се слабостите во делот на запишување на правото на сопственост на линиските инфраструктурни објекти, но и бавното решавање на предметите за експропријација за коишто во периодот од 2018 до 2022 година биле исплатени приближно 2 милиони евра“.

    Утврдени се и слабости во следењето на реализацијата на договорите за изградба и надзорот над изградбата на магистралните гасоводи, како и во начинот на одржување на гасоводната мрежа.

    За делниците кои не се изградени, а за кои се набавени материјали и резервни делови е утврдено несоодветно управување со нивната залиха, што претставува ризик од нерационално трошење на јавни средства. Ревизорите утврдиле залихи од материјали и резервни делови, со вкупна вредност од приближно 1,6 милиони евра, кои се набавена пред 2019, кои не се користат, со што се „доведува во прашање потребата од нивна набавка како и можноста да бидат застарени и неупотребливи“. Исто е случајот и со залихите за завршување на гасоводниот прстен околу Скопје, „кој поради недоволна координација со надлежните служби на Град Скопје не е завршен и на тоа место е изградена нова сообраќајница, поради што во иднина за да се затвори гасоводниот прстен околу градот ќе треба да се прават дополнителни активности и расходи“.

    Воедно, ревизорите упатуваат на потребите за развивање на дистрибутивен систем на природен гас во државата, целосно самофинансирање на дејноста – пренос на природниот гас и реализацијата на идните активности за интерконекција со соседните држави.

    „За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности за развој на гасификација на државата, со што би се постигнало добивање на поевтин енергенс, пониски трошоци, заштита на животната средина, подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, поврзување со соседните држави и поголема конкурентност на стопанството на странските пазари“, нагласено е во ревизорскиот извештај.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично