ПОВЕЌЕ

    ДОГОДИНА ЗА ТРОШЕЊЕ ЌЕ ИМАМЕ 600 МИЛИОНИ ЕВРА ПОВЕЌЕ, ќе добиеме ли развоен буџет?

    Време зa читање: 4 минути

    Анализа: Што откриваат првичните податоци од Предлог-буџетот за 2025 година

    Стокмениот Предлог-буџет за 2025 година треба да оди во собраниската комисија, а потоа и на пленарна седница, со што ќе се затворат, барем на хартија, предвидените ставки за идната година. Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска го оцени како развоен и ги наброја основните контури: станува збор за буџет во кој на приходната страна е планирано да се соберат 5,8 милијарди евра, или 13 проценти повеќе од годинава, на расходната страна планирани се трошоци за 6,5 милијарди евра, или 10 проценти повеќе отколку оваа година, буџетскиот дефицит е планиран да биде 4% од БДП, инфлацијата 2,2 проценти, а економскиот раст 3,7 проценти.

    Основни параметри за буџетот за 2025 година

    Кога ќе се презентираат економските показатели за секој нов буџет, владата што го предлага го има аргументот дека тој ја има развојната компонента. Со развојната компонента претставена како капитални проекти се бранат и буџетските дупки, во овој случај кусокот од околу 700 милиони евра меѓу расходите и приходите, а со тоа обично се оправдуваат и задолжувањата.

    Математиката што ја направи порталот Пари меѓу сегашниот ревидиран буџет за оваа година (кој може да претрпи и ново ревидирање) покажуваат амбициозни очекувања, како во однос на можноста да се соберат повеќе пари на приходната страна, така и да се потроши значајно поголем износ на расходната страна. Имено, разликата меѓу приходите за 2025 и 2024 година се 660 милиони евра, а меѓу расходите се 600 милиони евра, односно толку пари в година ќе имаме повеќе за трошење. За жал, како што многумина економисти досега истакнале, а и како што се гледа од бројките за реализација, во изминатите години не сме се покажале успешни ни во трошењето, барем за износите што се однесуваат на вистински капитални расходи.

    Разлика меѓу сегашниот буџет и планираниот за 2025 година

     Кога ќе се видат вакви бројки, прашањето е како ќе се зголемат приходите за 660 милиони евра. Математиките на министерката за финансии се јасни, предвиден е економски раст од 3,7%. Но, загрижува дали оваа прогноза на која се темели целиот буџет е реално остварлива. Прогнозата на Светска банка за економскиот раст во нашата земја за 2025 година е дека тој ќе биде 2,5%. Но, ММФ пак, даде пооптимистичка прогноза – дека наредната година ќе имаме економски раст од 3,6%, колку што беше и пролетната проекција на Народната банка.

    Проекции на економски раст за 2025 година

    За да се поттикне и реализра економскиот раст, потребно е тоа што е зацртано како капитална инвестиција и да се реализира. Во Буџетот за оваа намена има дури 822 милиони евра, што е 12,6% од вкупно планираните расходи. Овој износ е и 13% поголем во однос на ребалансираниот буџет.

    Капитални расходи

     Она што е вечна мака во секоја завршна сметка за буџетот што поминал, е реализацијата на капиталните инвестиции. Секој буџет низ годините претрпувал ребаланси, а капиталните инвестиции страдале. Министерката за финансии вети дека тоа нема да биде случај со буџетот за 2025 година.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично