
Компаниите никогаш немале подобри извештаи. А сепак, сè повеќе сопственици чувствуваат дека бизнисот управува со нив, додека ниту еден извештај на нивната маса не објаснува зошто.
Прашањето што речиси никогаш не ми го поставуваат
Цела деценија добивам исти телефонски повици од различни компании низ регионот, секогаш со некоја верзија на истата загриженост: дали бројките ни се точни, можеме ли да му веруваме на извештајот и зошто продажбата и финансиите носат различен резултат за истиот месец? За сите тие години, на прстите од едната рака можам да ги избројам повиците во кои некој го поставил обратното прашање, што недостига во бројките и што се случува во бизнисот, а ниту еден извештај никогаш не го забележал.
На Пари.ком.мк досега објавив пет колумни и, гледано од денешна перспектива, секоја му служеше на првото прашање, бидејќи сите беа за бројката што веќе ја имате: како да се усогласите околу неа, како да ја објасните, како да ѝ верувате, колку чини да стигнете до неа и што мора да биде запишано под неа.
Потешкото прашање е дали тие бројки ви овозможуваат да го смените тоа што ќе се случи следно.
Најскапите работи ги нема во ниту еден извештај
Традиционалниот извештај најчесто е запис за тоа што се случило: приходот што сте го оствариле, маржата што сте ја задржале, трошоците што сте ги направиле, полисите што сте ги продале и штетите што сте ги исплатиле. Кога е добро изграден, сето тоа го бележи точно. Тоа е само една страна од управувањето: бројките најчесто одговараат на прашањето „што се случило?“ Но, најскапите деловни пропусти често се работите што не се случиле. Клиентот што го губите ретко ја соопштува својата одлука, а продажбата што никогаш не сте ја направиле не остава трага како реализиран настан. Извештаите одлично го мерат тоа што се случило; управувачката аналитика мора да ги препознае и сигналите за тоа што се подготвува да се случи. Тоа слепило изгледа различно во секоја индустрија.
Во малопродажбата сликата е лесна: купувачот дошол по производ, наишол на празна полица и продолжил до дисконтот отспротива, а таа продажба нема да се појави во ниту еден извештај. Во банка или осигурителна компанија загубата е потивка, па токму таму вреди да се помине побавно.
Банките и осигурителните компании: заминувањето што веќе почнало
На банките и осигурителните компании не им треба лекција за известување, бидејќи извештаите за ризикот и за прашањата на регулаторот веројатно се најдисциплинираните извештаи во целата економија, а кога во нив пишува дека маржата паднала, таа навистина паднала. Но, вреди да се праша за кого е изградена целата таа дисциплина.
Во регулираните финансиски институции дисциплината на податоците историски се градела според тоа кој не смее да чека: извештаите што ги бара регулаторот мора да бидат беспрекорни и секогаш доаѓаат први, веднаш зад нив се потребите на финансиите, а додека редот стигне до луѓето чија работа е да влијаат врз следната одлука на клиентот, од целата анализа останува резиме на тоа што било продадено минатиот месец. Регулаторот е клиент што секоја банка и осигурителна компанија мора да го услужи, но не смее тој да ја одредува насоката на нивната анализа, бидејќи сè што бара супервизорот гледа наназад, додека луѓето на крајот од листата се единствените во зградата платени да го сменат тоа што ќе се случи следно.
Цената на тој редослед живее во месеците пред да се затвори сметката. Профитабилен клиент речиси никогаш не заминува од банка на денот кога формално си оди: прво платата почнува да легнува на сметка во друга банка, потоа картичката се користи поретко и заштедите тивко се селат во друга банка, а вистинската одлука за формалниот крај е донесена со месеци. Дел од сигналите за тоа оддалечување со месеци биле видливи во податоците на банката, но никој не ги поврзал во навремено предупредување. Пролетва, американското истражување за банкарството на мало на J.D. Power ја измери појавата што со години им ја опишувам на банкарите во регионот: една петтина од клиентите префрлиле пари од својата главна банка само во претходните три месеци, а истражувачите ова однесување го нарекле „тивко префрлање“. Стандардниот извештај најчесто го регистрира формалниот исход. Но, економското заминување на клиентот може да започне многу порано.
Во осигурувањето, истото заминување пристигнува полиса по полиса. Замислете клиент што со години ги осигурувал автомобилот, домот и здравјето на семејството во вашата компанија, а овој месец тивко дозволил да истече полисата за автомобилот. Во евиденцијата тоа е едно мало истекување меѓу илјадници, вкупниот резултат речиси не се поместува и новите продажби на друго место ја покриваат разликата за неколку дена, но неговата здравствена полиса треба да се обнови за неколку месеци, па се поставува прашањето колкава е веројатноста тој да ја обнови полисата како ништо да не се случило? Истекувањето на автомобилската полиса било првиот датум за обновување по одлуката на клиентот да се оддалечи од вас, поради што датумите на преостанатите полиси стануваат одбројување што стандардниот извештај не го гледа, иако навремен повик сè уште може да го смени исходот.
Другата страна на истата слепа точка е продажбата. Извештајот ја брои секоја продадена полиса, но во него никаде ја нема полисата што никој не му ја понудил на клиентот што го осигурува домот кај вас, автомобилот во друга компанија, а никој не го прашал зошто. Можноста што никогаш не била понудена нема да се појави како пропуштен приход, но може да биде ран сигнал за идно заминување. Полисата што никогаш не била понудена може да биде заминување што веќе добило датум.
Во осигурувањето можноста има рок. Ако аналитиката остане само на периодичен стандарден извештај, тој лесно може да пристигне откако рокот за реакција ќе истече.
Добриот управувачки систем мора да ги поврзе резултатите што веќе ги мериме со сигналите што им претходат. Приходот, формалното заминување на клиентот или истечената полиса се исходи. Намалената активност, првото необновување или промената во однесувањето се сигнали што можат да дадат време за реакција.
Тестот што можете да го направите в понеделник
Ако сакате искрено да проверите дали вашето известување може да одговори на вистинските прашања, постои тест што не чини ништо: прашајте колкав дел од реалната анализа во вашата компанија се прави во ексел-табела, откако податоците ќе се извезат од скапиот систем што сте го купиле токму за луѓето повеќе да не работат во Ексел.
Извезувањето е порака од вашите најдобри луѓе дека стандардниот извештај го немал одговорот, па тие ги извадиле податоците за самите да го постават прашањето. Ексел-табелата е добра затоа што во неа човек конечно може да праша што сака, а истовремено е предупредување затоа што таа слобода е рачна, бавна и невидлива за другите, па живее во една датотека на еден лаптоп и заминува со човекот кога тој ќе си замине. Секое извезување е прашање на кое вашиот систем не можел да одговори, а ако ги преброите извезувањата, сте го измериле растојанието меѓу известувањето што го имате и управувањето што верувате дека го имате.
Додајте уште две прашања: кои одлуки денес се носат врз анализа што постои само на лаптопот на еден човек, и за кои важни настани дознавате дури откако веќе се случиле? Одговорите многу брзо покажуваат каде завршува известувањето, а управувањето сè уште не почнало.
Управувањето значи да стигнете пред да се случи
Ова не значи дека треба да ги фрлите извештаите: бројката на која може да ѝ се верува, а која ја бранам низ пет статии, е влезницата, а не дестинацијата. Извештајот може да ви го покаже само тоа што веќе се случило, додека вашите најголеми трошоци годинава се работите што не се случиле. Пред клиентот да ја затвори сметката, пред полисата тивко да истече, пред полицата да остане празна: да управувате со бизнисот значи да стигнете до тие моменти додека исходот сè уште може да се смени, а за тоа ви е потребна основа под извештаите на кои веќе им верувате, способна утре наутро да го прими невообичаеното прашање врз податоците што веќе ги имате и да одговори исто толку сигурно како на стандардното. Затоа е потребно аналитиката постојано да се развива и секогаш да ги следи процесите и развојот на компанијата.
Повеќето извештаи на вашата маса можеби се целосно точни. Но тоа не е исто со управувањето. Извештајот ви кажува каде сте стигнале. Аналитиката треба да ви покаже каде се менува насоката, а управувањето започнува тогаш кога сè уште имате време да интервенирате. Затоа, следниот пат кога ќе отворите контролна табла, не прашувајте само: „Дали оваа бројка е точна?“ Прашајте: „Што можам сè уште да сменам?“ Таму започнува управувањето.
Извори:
J.D. Power, 2026 U.S. Retail Banking Satisfaction Study, објавено во март 2026 година.
Автор: Филип Петровски, Data Masters
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








