
Jan Rosenow, раководител на Energy Programme при Environmental Change Institute и Jackson Senior Research Fellow на Oriel College при University of Oxford, е еден од најпознатите европски експерти во областа на енергетската транзиција, електрификацијата и енергетската ефикасност.
Во рамки на новата секција „Expert Insights“, EnergyAndClimateIndex ќе претставува и адаптира анализи, ставови и истражувања од водечки меѓународни експерти, академски институции и аналитички центри поврзани со енергетиката, климатските политики и енергетската транзиција.
Во оваа анализа, проф. Rosenow отвора едно од најконтроверзните прашања во европската енергетска политика: дали обновливите извори ја прават електричната енергија поевтина или поскапа. Неговата анализа покажува дека одговорот не е едноставен и дека зависи од тоа дали се анализираат големопродажните пазари, малопродажните сметки, структурата на тарифите или поширокиот дизајн на електроенергетскиот систем.
Пазар на големо: обновливите извори генерално ги намалуваат цените
Според анализата, европските држави со висок удел на обновливи извори најчесто имаат пониски големопродажни цени на електричната енергија. Земји како Шпанија и Португалија, со удел на обновливи извори над 60%, бележат значително пониски пазарни цени од земји како Полска или Чешка, каде зависноста од фосилни горива и природен гас останува висока.
Но, анализата покажува дека не е доволно само да се гледа уделот на ветерните и сончевите електрани. Хидроенергијата, нуклеарните капацитети, интерконекциите, складирањето и системската флексибилност имаат подеднакво важна улога.
Особено важен заклучок е дека најсилниот фактор што влијае врз високите големопродажни цени не е самиот удел на обновливите извори, туку бројот на часови во кои природниот гас ја поставува цената на електричната енергија. Колку повеќе системот располага со нефосилни капацитети, обновливи извори, хидроелектрани, складирање, нуклеарни капацитети и прекугранични врски толку поретко гасот станува маргинален производител што ја одредува цената.
Пазар на мало: тука сликата е многу покомплексна
Кога анализата се префрла на цените што реално ги плаќаат домаќинствата и компаниите, врската помеѓу обновливите извори и цените речиси исчезнува. Норвешка има речиси целосно обновлив систем и најевтина струја за домаќинствата во Европа, додека Данска со исто така многу висок удел на обновливи извори има значително повисоки цени.
Причината е што сметките за електрична енергија не зависат само од цената на производството. Во многу европски држави, најголемиот дел од сметката го сочинуваат:
- мрежни тарифи,
- даноци,
- давачки,
- политики за поддршка на обновливите извори,
- механизми за обезбедување на капаците,
- трошоци за балансирање,
- и регулаторни надоместоци.
Според Rosenow, токму овие „неенергетски“ компоненти создаваат сериозен структурен проблем за европската енергетска транзиција.
Во многу земји, електричната енергија носи најголем дел од трошоците за декарбонизација и поддршка на обновливите извори, додека природниот гас во голема мера останува ослободен од тие трошоци. Резултатот е парадоксален ценовен сигнал: Европа политички сака електрификација, електрични возила, топлински пумпи и електрифицирана индустрија, но во исто време преку тарифниот систем ја прави електричната енергија релативно поскапа од гасот.
Ценовниот јаз помеѓу електричната енергија и природниот гас
Според анализата на Rosenow, еден од најголемите структурни проблеми во европскиот енергетски систем денес е начинот на кој се распределуваат трошоците помеѓу електричната енергија и природниот гас.
Во најголем дел од Европа, токму електричната енергија го носи најголемиот товар од политиките за декарбонизација, обновливите извори, мрежните инвестиции и различните регулаторни давачки, додека природниот гас во голема мера останува релативно помалку оптоварен со вакви трошоци. Како резултат на тоа, домаќинствата и индустријата во многу европски држави плаќаат значително повеќе за електрична енергија отколку за иста количина енергија испорачана како природен гас.
Според податоците прикажани во анализата, во втората половина на 2025 година, домаќинствата во дел од европските држави плаќале и до пет пати повисока цена за електрична енергија во споредба со природниот гас.
Кај индустријата, разликите во одредени земји се уште поизразени. Во Обединетото Кралство односот достигнува 4,83, додека во Финска индустриската електрична енергија е дури и поевтина од природниот гас. Rosenow посочува дека овие ценовни разлики не се резултат само на трошоците за производство на електрична енергија, туку пред сè на начинот на кој државите ги структурираат даноците, тарифите и политичките механизми поврзани со енергетската транзиција.
Системските трошоци се реални, но не се главниот проблем
Анализата не ги игнорира ниту системските трошоци поврзани со обновливите извори.
Со растот на ветерните и сончевите електрани растат и трошоците за:
- балансирање,
- ограничување на производството (curtailment),
- проширување на мрежата,
- складирање,
- и системска флексибилност.
Во Германија, компензациите за ограничување на производството достигнале 2,8 милијарди евра во 2024 година, додека во Обединетото Кралство трошоците за балансирање надминуваат 2 милијарди фунти годишно.
Но Rosenow нагласува две важни работи.
Прво, овие трошоци сè уште не се доминантен двигател на високите сметки. Во повеќето случаи, многу поголемо влијание имаат даноците, мрежните тарифи и историските инфраструктурни трошоци.
Второ, голем дел од овие системски трошоци не се „проблем на обновливите извори“, туку резултат на задоцнета модернизација на мрежата и недоволна системска флексибилност. Со други зборови, проблемот не е што се изградиле премногу обновливи извори, туку што остатокот од системот не се развивал доволно брзо.
Клучната дебата: не е проблемот во обновливите извори, туку во дизајнот на пазарот
Можеби најважниот дел од анализата е заклучокот дека европската дебата за цените на електричната енергија е погрешно насочена ако се фокусира само на пазарот на големо.
Според Rosenow, многу поважни се прашањата:
- како се распределуваат даноците и давачките помеѓу различните енергенси;
- дали електричната енергија е претерано оданочена во споредба со природниот гас;
- како се наплатуваат мрежните трошоци;
- дали постојат доволно силни ценовни сигнали за флексибилност;
- и дали малопродажните пазари се дизајнирани за електрифицирана економија.
Тој посочува дека земји како Норвешка, Шведска и Финска успеале да создадат систем во кој електрификацијата има економска логика и за домаќинствата и за индустријата што директно се гледа преку високото користење на топлински пумпи и електрични возила.
Каде се движи Европа?
Анализата заклучува дека три долгорочни трендови веќе работат во корист на пониски големопродажни цени:
- намалување на бројот на часови во кои природниот гас ја поставува цената;
- драматичен пад на цените на сончевата енергија, ветерните електрани и батериските системи;
- и раст на електрификацијата, што овозможува фиксните мрежни трошоци да се распределуваат на поголем број потрошени киловат-часови.
Но, истовремено постои и сериозен ризик.
Доколку електрификацијата се забави, а мрежните инвестиции продолжат да растат, трошоците ќе се распределуваат на помал број потрошувачи и сметките дополнително ќе растат. Тоа може да создаде негативен циклус во кој високите цени ја забавуваат електрификацијата, а слабата електрификација дополнително ги зголемува цените. Токму затоа Rosenow смета дека реформата на малопродажните пазари и тарифните системи ќе биде едно од клучните енергетски прашања во следната деценија.
Оригиналната анализа на проф. Jan Rosenow може да се прочита на следниот линк.
м-р Виктор Андонов
Аналитика








