ПОВЕЌЕ

    Црна Гора ги става под лупа странските работници и нивните газди

    Време зa читање: 3 минути

    Црна Гора не ја затвора вратата за странските работници, но планира многу построго да проверува кој ги вработува, дали се пријавени и дали за нив се плаќаат даноци и придонеси.

    Владата подготвува нов систем за издавање единствена дозвола за привремен престој и работа. Дозволата и натаму ќе ја издава Министерството за внатрешни работи, но само по претходна согласност од Заводот за вработување. Без позитивно мислење од Заводот, странецот нема да може да добие дозвола за работа.

    МВР ќе ги проверува идентитетот и документацијата на подносителот, додека Заводот ќе проценува дали постои реална потреба од странски работник, дали има расположлива домашна работна сила, дали компанијата ги исполнува условите и дали има слободно место во годишната квота.

    Под лупа ќе бидат ставени и самите работодавачи. Преку електронска размена на податоци ќе се проверува дали компанијата редовно плаќа даноци и придонеси, дали е активна, дали е во стечај или ликвидација и дали претходно биле утврдени неправилности при ангажирањето работници.

    Причината за построгите правила е големиот раст на бројот на странци што работат во Црна Гора. Во 2021 година биле издадени 20.580 дозволи, а во 2025 година рекордни 40.567. За само четири години бројот речиси се удвоил. До 1 јуни 2026 година биле издадени уште 14.778 дозволи.

    Дополнително внимание привлекува податокот дека во 2025 година речиси 11.800 дозволи надвор од квотата биле издадени на странци назначени за извршни директори. Црногорските институции претходно предупредуваа дека дел од странците отворале компании со минимален капитал и се назначувале за директори само за да добијат престој, иако фирмите немале реална деловна активност.

    Најмногу странски работници доаѓале од Турција, Србија и Русија, а најголем дел биле ангажирани во градежништвото, туризмот, угостителството и услужните дејности. Токму овие сектори со години се соочуваат со недостиг од работна сила и во голема мера зависат од увоз на работници.

    Владата го отвора и прашањето дали државата ги наплатила сите јавни давачки што произлегуваат од издадените дозволи. Според илустративната пресметка, доколку за околу 40.000 работници месечно се плаќаат најмалку 120 евра даноци и придонеси, во буџетот би требало да се уплаќаат околу 4,8 милиони евра месечно, односно приближно 60 милиони евра годишно.

    Ова не значи дека државата изгубила точно 60 милиони евра, бидејќи дел од работниците биле ангажирани сезонски или пократко. Сепак, пресметката покажува колку пари може да останат ненаплатени доколку странците работат непријавени.

    Со новиот модел Црна Гора сака секоја дозвола да биде поврзана со реално работно место, активен работодавач и уредно платени обврски. Пораката до компаниите е јасна: странски работници ќе може да се вработуваат, но веќе нема да биде доволно само да се достави документација.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично