ПОВЕЌЕ

    ЦКБ: Депозитите без промени, фирмите ги пренасочуваат парите кон државните обврзници

    Време зa читање: 3 минути

    Со реализираните активности до септември, Централна кооперативна банка за 12 насто ги надминала финансиските резултати од минатогодишното трето тримесечје. Добивката е во износ од 34,7 милиони денари.

    Банката покажува отпорност на негативните влијанија, надворешни и внатрешни. Зацртаниот план е надминат за 1,4 проценти, при што кај вкупната актива/пасива има петпроцентен раст.

    Трендот на зголемувањето на каматите кај ЦКБ се одразил со повисоки вкупни приходи кои произлегуваат по таа основа – за 12,5 насто. А, пак, нето-приходите по растот од 7,1 проценти достигнале ниво од 223,021 илјада денари или 3,6 милиони евра.

    Пораст има и кај приливите од провизии и надомести, за 8,8 насто, со што планот е натфрлен за 3,4 проценти. Во овој сегмент се работи за чисти приходи од 86,776 илјади денари/1,4 милиони евра, што претставува раст од 8,6 проценти во однос на истиот период од минатата година, и надминување на проекциите за 3,6 насто.

    Кај останатите приходи од дејноста ЦКБ бележи пониски остварувања од планираните, за 27,3 отсто. Сепак, посочуваат, за 28,9 насто се повисоки во однос на споредбениот минатогодишен период.

    Во сегментот расходи, значителен пораст има кај трошоците за вработените, наведуваат од Банката. Износот е 134,664 илјади денари или речиси 2,2 милиони евра, наспроти сумата од близу два милиони евра забележана во истиот лански период. Со тоа, проекциите се надминати со 3,6 насто.

    Останатите расходи од дејноста имаат шестпроцентен раст во однос на споредбениот период, додека од аспект на планираното има намалување за 2,8 отсто.

    До третото тримесечје евидентиран е мал пораст на кредити и побарувања од други комитенти во однос на крајот на годината, при што е забележан пад од 2,2 проценти во однос на планот.

    Државните обврзници и повисоките камати ги привлекле и пренасочиле средствата на компаниите, посочуваат од ЦКБ, па депозитите се речиси на исто ниво како и претходната година, но за 3,9 отсто пониски во однос на планот.

    Исто така, се наведува, Банката ги зголемила стапките на депозитите, а тоа повлекло повисоки расходи за камати за 27,2 насто. А, остварените расходи за камати во известувачкиот период се повисоки за осум насто во однос на планираните.

    ЦКБ и натаму внимателно ги следи случувањата, со цел навремена адаптација на промените. Оттаму, велат, „ќе продолжат континуираните напори за остварување на планираните позиции од деловниот план, но без притоа да се компромитира високото ниво на квалитет на кредитното портфолио“. Конкурентноста, пак, продуктна и ценовна ќе оди во насока на заштита и задржување на постојните, но со интенција и за привлекување нови клиенти.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично