ПОВЕЌЕ

    ,,У Повер” фирма на син на моќен политичар од ДУИ е во постапката на РКЕ за одземање на лиценцата за снабдување со струја

    Време зa читање: 4 минути

    Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕ) почна постапки за одземање на лиценци на двајца снабдувачи на електрична енергија – Друштвото за производство, трговија и услуги МИСТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје и Друштвото за трговија со електрична енергија У ПОВЕР ДОО експорт-импорт Скопје.

    Причината за тоа е што не ги обезбедиле навреме и во целост количините на електрична енергија за кои имаат склучено договори со потрошувачите и не постапиле во целост по претходно донесените одлуки на РКЕ со кои им беа наложени мерки за усогласување на работењето.

    Во чија сопственост се двете фирми? Порталот Пари веќе пишуваше за фирмата У ПОВЕР чија дејност е трговија и снабдување со електрична енергија. Еден од сопствениците на оваа фирма е син на високиот функционер од ДУИ, Муса Џафери кој партиципираше речиси во сите влади. Од функцијата заменик-претседател во владите во периодот од 1 октомври 2002 до 6 јули 2006 година. Бил министер за локална самоуправа во периодот 2008–2011 и вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор од 2011 до 2016.

    Фирмата У ПОВЕР е во сопственост на неговиот син Арианит Џафери. Негов партнер, косопственик на оваа компанија е Фитим Ибрахими. Тој, пак, е син на најмоќниот бизнисмен во градежниот бизнис, фирмата АК Инвест која остварува најголеми приходи во градежниот сектор во земјава.

    Колку пари лани направила У ПОВЕР од трговијата со струја?

    • Приходите на У ПОВЕР во 2020 биле речиси 8,5 милиони евра
    • Фирмата остварила добивка нешто над 1 милион евра или во однос на 2019 година има раст од 271 %
    • Во У ПОВЕР работат 12 лица

    Другата фирма против која се поведе постапка за одземање на лиценцата е МИСТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ. Оваа фирма се води во сопственост на Марјан Трајковски, а еве колку заработила лани:

    • Приходите на МИСТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ лани изнесувале 1,5 милиони евра
    • Фирмата лани остварила добивка од 167 илјади евра и во однос на 2019 година бележи пораст кај профитот над 3.000 проценти
    • МИСТ ЕНЕРЏИ има 2-ца вработени

    Според Регулаторната комисија за енергетика МИСТ ЕНЕРГИ и У ПОВЕР не купиле електрична енергија навреме и сега кога цените на берзите се зголемија, количините кои им недостигаат ги надополнувале од резервите на МЕПСО кои се наменети за балансирање на електроенергетскиот систем.

    -МЕПСО ја алармираше РКЕ дека е евидентирано неоправдано зголемено ангажирање на електричната енергија која се користи за исклучителни ситуации. Дополнително оваа електрична енергија што снабдувачите ја користеле од механизмот за балансирање е поевтина од берзанската цена, со што ја нарушуваат конкуренцијата и ја загрозуваат стабилноста на електроенергетскиот систем. РКЕ ја следи состојбата во континуитет и пред еден месец побара од овие снабдувачи да доставуваат (докази дека имаат обезбедено електрична енергија) номинации согласно потребите на своите потрошувачи, но до истекот на рокот не постапија и затоа отпочнуваме со постапка за одземање на лиценци, вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

    Од Регулаторна велат дека регистрирале половично информирање и обиди за манипулација од страна на снабдувачите кон потрошувачите. Па така, дел од снабдувачите почнале да ги раскинуваат договорите со домашните компании, министерства, јавни претпријатија и други установи пред време и се обиделе да им фактурираат по нови цени.

    -Сакам да потенцирам дека преку донесените закони и правилници потрошувачите се заштитени и снабдувачот не смее да им ја промени цената од договорот додека трае периодот на промена на снабдувач, односно додека не склучи нов договор. Снабдувачот е обврзан да му ја фактурира испораката на струја на потрошувачот согласно цената во договорот за снабдување. Доколку тоа не го прави и манипулира РКЕ ќе отпочне со соодветни постапки. Сакам да потенцирам дека овие ценовни дисторзии се евидентирани на слободниот пазар на големо, додека цената на електричната енергија за домаќинствата е стабилна и гарантирана од домашниот производител ЕСМ. Универзалниот снабдувач ја има обезбедено потребната енергија, изјави Бислимоски.

    РКЕ ќе ја информира Комисијата за заштита на конкуренција за последните донесени одлуки и отворени постапки.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично