Цените на дизелот во Германија нагло пораснаа до ново рекордно ниво, достигнувајќи просек од 2,453 евра за литар на национално ниво во средата – податоци објавени во четвртокот од автомобилската организација ADAC – што го зголеми притисокот врз владата да изготви план за олеснување на товарот за возачите.
Рекордните цени на дизелот вршат огромен притисок врз транспортната индустрија. Шпедитерите бараат од канцеларот Фридрих Мерц да воведе комерцијално дизел-гориво и да стави крај на двојното оданочување на емисиите на CO2. Цените на горивата во Германија бележат силен раст од почетокот на војната во Иран и нарушувањата во поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, при што и цените на бензинот во средата достигнаа ново рекордно ниво од просечни 2,314 евра за литар, според ADAC.
Од неодамнешната ескалација на состојбите на Блискиот Исток, цената на дизелот е зголемена за приближно 60 центи по литар (нето). При месечна километража од 10.000 км, ова резултира со дополнителни трошоци од 1.800 евра по камион. За возен парк од 50 камиони, тоа значи дополнителни трошоци од над 1 милион евра годишно.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во вторникот најави дека владата ќе „реагира на прекумерното покачување на цените“, но сè уште нема обелоденето конкретни мерки.
Постојано високите цени на горивата ги зголемуваат проблемите на Мерц, чие раководство се соочува со силен притисок поради слабиот резултат на неговата партија на покраинските избори во Саксонија-Анхалт, каде што екстремно десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (AfD) оствари убедлива победа со речиси 44% од гласовите.
Уште два изборни циклуси на покраинско ниво закажани за недела би можеле да бидат „капката што ја прелева чашата“ за канцеларот кој се наоѓа во тешка положба, бидејќи се предвидува неговата ЦДУ (CDU) да го забележи најлошиот изборен резултат на покраинско ниво од Втората светска војна во Мекленбург-Западна Померанија.
МЕРЦ НЕ САКА ДАНОК НА ЕКСТРА ПРОФИТ НА НАФТЕНИТЕ КОМПАНИИ
Конзервативците на канцеларот (ЦДУ) и нивниот помал коалициски партнер, Социјалдемократите (СПД), имаат различни ставови за тоа како најдобро да се реши проблемот. Додека СПД повикува на воведување данок на екстра-профитот на нафтените компании, Мерц ја отфрла таа идеја.
Сепак, сè почести се повиците до канцеларот да дејствува брзо, вклучително и од редовите на конзервативците.
Министерот за финансии Ларс Клингбајл, кој истовремено е и копретседавач на СПД, во четвртокот исто така повика на „брза одлука“. „Цените на горивата мора да се намалат, а особено на патниците кои секојдневно патуваат до работа им е потребно одредено олеснување.“
Владата во моментов разгледува можни решенија, додаде тој, барајќи трпение од возачите и повторувајќи дека се залага за воведување данок на екстра-профитот на нафтените компании.
Претходно оваа година, Берлин воведе двомесечно намалување на данокот на гориво за да им помогне на возачите, но таа мерка истече на крајот на јуни. Сепак, експертите предупредија да не се воведува повторно универзален попуст, туку повикаа на насочени мерки за поддршка на оние со пониски примања.
Цените на енергенсите ширум светот нагло пораснаа откако САД и Израел почнаа да го напаѓаат Иран на 28 февруари, на што Техеран одговори со попречување на поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец – клучна рута за глобалната трговија со нафта и гас.
И покрај постојаните обиди за постигнување договор, засега не се гледа крај на војната, а борбите за контрола врз теснецот неодамна повторно ескалираа.
Еден литар дизел моментално е за околу 0,71 евро поскап отколку пред почетокот на војната, додека бензинот чини околу 0,54 евра повеќе.
Тоа значи дека просечниот возач, кој управува возило со просечна потрошувачка на гориво и поминува околу 800 километри месечно, троши околу 34 евра повеќе за гориво отколку пред војната. Оние што возат возило на дизел и поминуваат 1.400 километри месечно со просечна потрошувачка, мора да плаќаат околу 69 евра повеќе.
Но, наглиот раст на цените не влијае само врз приватните потрошувачи.
Колку подолго цените на енергенсите остануваат високи, толку е поголем ризикот дека ќе пораснат и другите цени, бидејќи транспортот и ладењето на храната, меѓу другото, стануваат поскапи. Според економистите, компаниите ќе бидат принудени да го пренесат зголемениот трошок за енергија врз своите клиенти.
ПРЕВОЗНИЦИТЕ БАРААТ ПОМОШ ОД МЕРЦ
Во отворено писмо до Мерц, германските транспортни компании во четвртокот истакнаа дека ситуацијата во транспортниот сектор – во кој доминираат малите и средните претпријатија – драстично се влошила поради растот на трошоците за гориво, и ја повикаа владата да обезбеди помош.
Од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, цената на дизелот пораснала за вкупно околу 0,6 евра по литар, соопшти здружението на транспортери BGL. Со месечна километража од 10.000 километри, ова резултира со дополнителни трошоци од 1.800 евра по камион, што значи дополнителни трошоци од над 1 милион евра годишно за возен парк од 50 камиони, се наведува во соопштението.
„Компаниите тешко дека можат и понатаму сами да го поднесат ова зголемување на трошоците“, напиша Дирк Енгелхарт, портпарол на управниот одбор на BGL. „Високите цени на дизелот загрозуваат бројни мали и средни претпријатија и ја слабеат конкурентноста на германската економија.“
Поради наглото зголемување на цените на горивото, германската влада се соочува со тешкотии во изнаоѓањето нови начини за помош на возачите. И Германското здружение на земјоделци врши притисок врз политичарите. „Итно ни е потребно намалување на данокот на енергија или на данокот на CO2 за дизелот“, изјави претседателот Јоахим Руквид. Сепак, тој додаде дека предлогот за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата не би донел олеснување за бизнисите. За компаниите што подлежат на стандарден даночен третман, ДДВ претставува трошок што едноставно се пренесува понатаму.
И транспортните компании го отфрлија предлогот на министерката за економија Катерина Рајхе (од ЦДУ на Мерц) за привремено намалување на ДДВ-то на горивата, со образложение дека тоа нема да донесе никакво моментално олеснување за транспортните фирми кои имаат право на поврат на ДДВ.
Наместо тоа, здружението побара укинување на двојниот товар поврзан со емисиите на CO₂ за германскиот транспортен сектор, кој произлегува од националниот систем за тргување со емисии и од доплатата за CO₂ во рамките на патарината за товарни возила.
Превозниците исто така побараа воведување посебна цена за комерцијален дизел, по примерот на други земји-членки на ЕУ, како што се Франција, Шпанија и Италија, каде што данокот на енергија за дизелот што се користи за комерцијални цели е намален на минималното ниво пропишано од ЕУ.
Аналитика








