46,1% од етничките Македонци вработени во јавниот сектор се со високо образование, кај Албаниците овој процент е поголем и изнесува 54,7% додека со високо образование се 40,7% од Бошњаците. Во Судски совет, Уставен суд, Совет на Јавни обвинители и Јавно обвинителство, докторите на науки се застапени со 0%, пишува “Порталб“. Според степенот на образование – распоредот на “силите” на вработените во администрација е различен.
Најголем дел од вработените во јавниот сектор со високо образование…
Скоро половина од вработените во јавниот сектор се со високо образвание, а веднаш зад нив се оние со средно. Конкретно од вкупниот број на вработени 52 891 се со факултет, а 38 493 се со средно образование. Во јавниот сектор само 2,4% се доктори на науки, додека 8,3% се со основно образование.
“Најнизок степен на образование за кој е предвидено работно место во јавниот сектор е основното образование – за определени работни места во јавните претпријатија, додека за најголемиот број на работни места е предвидено средно или високо образование” – се наведува во Извештајот на МИОА.
Образовна структура во Јавен сектор
Доктори на науки 2,38%
Магистри 3,84%
Високо образование 47,40%
Вишо образование 3,15%
Пост-средно образование 0,48%
Средно образование 34,50%
Основно образование 8,26%
Ако се навлезе подлабоко во анализата за степенот на образование на вработените во институциите, забележително е дека Секретаријатот на Владата е институција со најголем број на високообразован кадар – 80% од вработените, зад него е Владата каде 67,5% од вработените се со високо образование, а повеќе од 60% од вработените се со високо образование во Министерствата, Народен правобранител, Органи во состав на министерство, Претседател на држава и Судски совет.
Од друга страна вработени со средно образование доминираат во Јавните претпријатија 57,1%, Јавно обвинителство 51,3%, Служба во Владата 70,8%, Суд 57,9%.
Докторите на науки се концентрирани во неколку институции како што се Јавни установи, Народна банка, Претседател на држава.
Доктори на науки
Јавна установа 3,8%
Претседател на РСМ 3,5%
Народна банка 2,8%
Секретаријат на Влада 2,7%
Во Судски совет, Уставен суд, Совет на Јавни обвинители и Јавно обвинителство, докторите на науки се застапени со 0%. Од друга страна, “основците” ги нема во Влада, Претседател на држава и во Уставен суд, но затоа доминираат во Јавните претпријатија со 25,1%.
“Имајќи ја во предвид самата структура на јавниот сектор и институциите кои се опфатени со истиот, како и видот на работните места кои се нудат, може да се изведе заклучок дека во јавниот сектор постои огромна разлика во однос на степенот на образование кој е потребен за да може да се пополни работно место во овие институции„ – се наведува во Извештај од Регистарот на вработени во јавниот сектор за 2020 та.
Образовната структура на вработените во јавниот сектор кои припаѓаат на различните заедници е различна – со високо образование се 46,1% од Македонците, 54,7% од етничките Албанци, 40,7% од Бошњаците, 52% од Власите. Скоро 60% од етничките Роми вработени во јавниот сектор се со основно образование, 28,1% се со средно образование, а 10,8% од вработените Роми се со високо образование. Од друга страна, доктори на науки има најмногу од Влашката етничка заедница, скоро 4%, следуваат Македонците со 2,74%, а по нив се докторите на науки од Српската етничка заедница со застапеност од 2,24%.
Различна е застапеноста на вработените од различни етнички заедници и на локално ниво. Етничките Македонци со повеќе од 90% се застапени во општините Аеродром, Битола, Берово, Гази Баба, Виница, Гевгелија, Градско, Дојран, Кратово и други. Етничките Албанци со 100% застапеност се во Арачиново, Боговиње, Липково, додека со над 80% се застапени во Теарце, Сарај, Желино, Дебар, Врапчиште. Етничките Роми се најзастапени во општините Берово и Битола со скоро 2%, во Кочани, Бутел и во Дебар со речиси 3%, во Штип со 3,4%, а најмногу во општина Шуто Оризари со 35,3%. Етнички Турци со 16 % се најзастапени во општина Долнени, 11,1% во Конче, Маврово и Ростуше, а со скоро 90% во Центар Жупа и со 23% во општина Студеничани. Етничките Срби со 21,2% се најзастапени во општина Старо Нагоричане.