ПОВЕЌЕ

    Славески втор сведок во надзорната расправа: Алта банка нема финансиски проблеми

    Време зa читање: 3 минути

    Состојбата во Алта банка Битола е здрава и солидна, а мерката администрација не е воведена поради проблеми во работењето на домашната банка, туку поради одземањето на дозволата за работа на нејзиниот сопственик – Алта банка Белград. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, како втор сведок на надзорната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет, посветена на случајот Алта банка.

    Според него, капитализираноста на Алта банка Битола е околу 26 отсто, што е значително над законскиот минимум од 8 отсто и далеку над нивото под кое би се отворило прашање за стечај, односно под 2 отсто.

    Славески посочи дека и ликвидноста на банката е висока, а кредитното портфолио е со добар квалитет. Учеството на нефункционалните, односно лошите пласмани, изнесува 2,9 отсто.

    „Мерката администрација треба да обезбеди зачувување на оваа здрава позиција преку заштита на билансот и времено управување од страна на Народната банка, сè до наоѓањето нов сопственик, на што Народната банка активно работи“, рече Славески.

    Тој објасни дека Извршниот одбор на Народната банка на 1 ноември донел одлука за воведување администрација во Алта банка Битола поради случувањата во Србија.

    Како што наведе, одземањето на дозволата за работа на „Алта банка“ Белград од страна на српскиот регулатор, во ноќта меѓу 30 и 31 октомври, автоматски значело дека сопственикот на домашната банка повеќе не може да ги исполнува обврските што ги има кон банката во Македонија.

    „Одлуката беше изнудена и на никаков начин не е поврзана со тековната финансиска состојба и со работењето на домашната банка“, нагласи гувернерот.

    Во однос на процесот на лиценцирање, Славески тврдеше дека биле запазени сите чекори и постапки предвидени со законската и подзаконската регулатива.

    Според него, врз основа на официјално добиената документација биле утврдени идентитетот на барателот, сопственичката структура и крајниот сопственик. Во процесот била остварена и директна службена комуникација со надлежните домашни и странски институции.

    За сите лица биле направени проверки преку меѓународни глобални платформи, преку кои можат да се добијат информации за евентуална вклученост во невообичаени трансакции.

    „Добиените информации и документи на ниту еден начин не упатуваа на пречки во однос на давањето на согласноста“, рече Славески.

    Тој нагласи дека Народната банка се обратила и до Народната банка на Србија, од која било побарано мислење и оценка за работењето на Алта банка Белград и нејзините органи, вклучително и крајниот сопственик.

    Според Славески, одговорот од српскиот регулатор бил недвосмислен – не била изразена загриженост, ниту било укажано дека банката, нејзините органи на управување или крајниот сопственик не ги почитуваат прописите, не поседуваат соодветна репутација или претставуваат ризик за уредното работење и поддршка на домашната банка.

    Гувернерот рече и дека била направена длабинска и сеопфатна проверка на изворот на средствата за купување на акциите.

    Средствата, наведе тој, потекнувале директно од редовното работење на Алта банка Белград, а нивното потекло можело да се потврди преку билансите на банката, кои во процесот на лиценцирање се проверуваат и од независни надворешни ревизори.

    Славески повтори дека во моментот на давањето на согласноста Народната банка не располагала со информации што би претставувале законска пречка за одобрување на преземањето, додека администрацијата воведена во ноември е последица на подоцнежното одземање на дозволата на матичната банка во Србија.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично