ПОВЕЌЕ

    ИМА 4,6 ПАТИ ПОВЕЌЕ СТРУЈА ПО ЖИТЕЛ ОД ЕУ, но им кажа „Стоп“ на дата-центрите

    Време зa читање: 7 минути

    Норвешка, една од енергетски најбогатите држави во Европа, одлучи привремено да го ограничи приклучувањето нови дата-центри на електроенергетската мрежа. Одлуката е донесена на 9 ноември, иако земјата произведува повеќе електрична енергија отколку што троши, извезува милијарди киловат-часови струја и располага со огромни резерви на нафта, природен гас и хидроенергетски потенцијал. Причината е експлозивниот раст на побарувачката за електрична енергија од вештачката интелигенција, кој се заканува да го претвори денешниот норвешки енергетски вишок во недостиг, а евтината струја во скап ресурс.

    Норвешкиот оператор на електропреносниот систем Statnett од 9 ноември 2026 година привремено ги запира новите резервации на мрежен капацитет за дата-центри, како и обработката на дел од барањата за техничко одобрување на новите постројки. Ограничувањето се очекува да биде укинато најдоцна до 1 август 2027 година.

    Во меѓувреме, постојните капацитети продолжуваат да работат, а дел од проектите што веќе добиле технички одобренија ќе можат да се приклучат на мрежата. Истовремено, норвешката влада најави подготовка на нов систем на дозволи, со кој државата ќе одлучува кои дата-центри имаат најголема општествена и стратешка вредност.

    Норвешка повеќе не сака секој инвеститор што располага со капитал да добива пристап до нејзината електрична енергија, без оглед на тоа за што ќе ја користи.

    ПОБАРУВАЧКАТА ЗА СТРУЈА НАД КАПАЦИТЕТИТЕ НА ЕНЕРГЕТСКАТА МРЕЖА

    Според бројките што ги објави Statnett, моментално на норвешката електроенергетска мрежа се приклучени дата-центри со вкупна моќност од околу 800 мегавати (MW).

    Но, инвеститорите веќе резервирале дополнителни 4.200 MW, додека проекти со потреби од уште 9.100 MW чекаат во ред за обезбедување капацитет. Покрај нив, операторот примил и дополнителни барања за приклучување со вкупна моќност од 18.000 MW.

    Тоа значи дека само резервираните капацитети и дополнителните барања и проекти во редот достигнуваат 31.300 MW.

    За споредба, максималната моментална потрошувачка на електрична моќност во цела Норвешка е нешто над 25.000 MW. Овие бројки покажуваат колку голем товар би можеле да претставуваат за електроенергетскиот систем.

    Дата-центрите, особено оние што се користат за развој и работа на напредни системи за вештачка интелигенција, имаат огромна потреба од електрична енергија. Тие бараат струја за процесорите, серверите, системите за ладење и останатата инфраструктура, најчесто 24 часа дневно.

    Дата-центар со континуирана потрошувачка од 1.000 MW би потрошил 8,76 терават-часови (TWh) електрична енергија годишно. Тоа е приближно шест проценти од сегашната годишна потрошувачка на електрична енергија во Норвешка.

    НОВЕШКА ПРОИЗВЕДУВА РЕЧИСИ ПЕТПАТИ ПОВЕЌЕ СТРУЈА ОД ЕВРОПСКИОТ ПРОСЕК

    Токму енергетската моќ на Норвешка ја прави одлуката особено интересна. Според норвешкиот Завод за статистика (SSB), земјата во 2025 година произвела рекордни 161,8 TWh електрична енергија, со инсталирани производствени капацитети од 41.247 MW, односно околу 41,25 гигавати (GW).

    При население од приближно 5,63 милиони жители, тоа значи производство од околу 28.750 киловат-часови електрична енергија по жител годишно.

    Во Европската Унија, која има околу 452 милиони жители, вкупното производство во 2025 година изнесувало приближно 2.797 TWh. Пресметано по жител, тоа се околу 6.190 киловат-часови годишно.

    Со други зборови, Норвешка произведува околу 4,6 пати повеќе електрична енергија по жител отколку просекот на 27-те членки на ЕУ. Разликата е значителна и кога се споредува инсталираната производствена моќност. Норвешка располага со околу 7,3 киловати инсталиран капацитет по жител, додека просекот на ЕУ е приближно 2,4 киловати.

    Уште поголема е разликата во структурата на производството.

    Во 2025 година 89,9 проценти од норвешката струја била произведена во хидроцентрали, дополнителни 8,6 проценти од ветерни електрани и околу 0,2 проценти од соларни извори. Вкупниот удел на обновливите извори достигнува приближно 98,7 проценти.

    Според Евростат, во истата година обновливите извори учествувале со 47,3 проценти во производството на електрична енергија во ЕУ.

    Норвешка, практично, речиси целосно ја заснова својата електроенергетика на обновливи извори, за разлика од ЕУ, каде што значаен дел од струјата сè уште се произведува во нуклеарни електрани и постројки што користат фосилни горива.

    Дополнителна предност на Норвешка се големите акумулации. Земјата располага со околу 1.100 водни резервоари со вкупен капацитет за складирање енергија од над 87 TWh, што ѝ овозможува значителна флексибилност во регулирањето на производството од хидроцентралите.

    Меѓутоа, инсталираниот капацитет и големото годишно производство не значат дека струјата е неограничено достапна во секој регион и во секој момент. Потребни се доволно производство, преносна инфраструктура и стабилност на системот токму на локациите каде што инвеститорите сакаат да градат.

    Дополнително, производството од хидроцентралите зависи и од врнежите и состојбата на акумулациите. Рекордната 2025 година беше резултат и на поволните хидролошки услови, кои не се гарантирани секоја година.

    Норвешка е и еден од најголемите европски производители и извозници на природен гас и нафта. Во 2025 година произвела околу 2.593 TWh примарна енергија од сите извори, при што најголемиот дел се однесува на нафта и природен гас.

    Но, богатството со нафта и гас не е исто што и расположлива електрична енергија. Најголемиот дел од овие енергенси се извезуваат, а нивното користење за производство на струја би барало дополнителни електрани, инфраструктура и трошоци, со потенцијални климатски последици.

    ОД РЕКОРДЕН ИЗВОЗ ДО ОПАСНОСТ ОД НЕДОСТИГ НА СТРУЈА

    Во 2025 година Норвешка извезла 34,3 TWh електрична енергија, а увезла 11,5 TWh. Со тоа остварила рекорден нето-извоз од 22,8 TWh.

    Во година со нормални хидролошки услови, норвешкиот енергетски регулатор NVE проценува дека земјата располага со вишок електрична енергија од околу 15 TWh.

    Сепак, најновата анализа на NVE, објавена на 29 октомври 2026 година, покажува дека овој вишок може брзо да исчезне.

    Дата-центрите моментално трошат околу 3 TWh електрична енергија годишно. Но, само проектите што веќе имаат доделен мрежен капацитет би можеле да ја зголемат нивната потрошувачка на околу 25 TWh годишно до 2035 година.

    Тоа би било повеќе од осумпати над сегашното ниво и би претставувало приближно 18 проценти од денешната вкупна норвешка потрошувачка на електрична енергија. NVE предупредува дека ако продолжи силниот раст на потрошувачката, а изградбата на нови ветерни електрани на копно и на море остане ограничена, Норвешка може да премине од енергетски вишок во дефицит.

    Во едно од анализираните сценарија, енергетскиот биланс во 2035 година би достигнал минус 4 TWh во нормална година, а во одредени неповолни години земјата би можела да има потреба од увоз на дури 30 TWh електрична енергија.

    Станува збор за ризични сценарија, а не за сигурна прогноза. Сепак, анализите покажуваат колку би можеле да бидат сериозни последиците од пребрзото зголемување на потрошувачката.

    Во сценаријата со најизразен недостиг на струја, NVE проценува дека просечните цени во 2035 година би можеле да бидат 35 до 55 проценти повисоки од претходните проценки.

    КОЈ ИМА ПРЕДНОСТ?

    Владата во Осло смета дека струјата мора да се користи таму каде што создава најголема вредност за општеството.

    Долгогодишната норвешка индустриска политика се темели на достапноста на електрична енергија за енергетски интензивните индустрии, меѓу кои производството на алуминиум, металургијата и другите преработувачки дејности.

    Во меѓувреме, електрификацијата на транспортот, индустријата и дел од нафтено-гасниот сектор дополнително ја зголемува домашната побарувачка.

    Доколку голем дел од мрежниот капацитет однапред го резервираат дата-центри, другите инвеститори би можеле да останат без можност за приклучување или да чекаат многу подолго.

    Постои и прашањето колкава економска вредност создаваат дата-центрите во споредба со електричната енергија што ја трошат.

    Според истражување нарачано од норвешкото Министерство за дигитализација, секторот во 2025 година создал директна економска вредност од околу 3,2 милијарди норвешки круни, но обезбедувал работен ангажман еквивалентен на само околу 600 работни места со полно работно време.

    Овој однос ја засилува домашната дебата дали големите, често странски сопственици на дата-центри треба да добиваат предност при користењето на електрична енергија.

    Сепак, норвешката влада не се откажува од дигиталната инфраструктура и вештачката интелигенција. Напротив, сака да направи разлика меѓу проектите што се неопходни за националната економија и безбедност и оние што претежно обезбедуваат услуги за странски корисници.

    Според најавениот пристап, предност ќе добиваат дата-центри што опслужуваат одбрана, полиција, здравство, итни служби, финансиски системи и друга критична инфраструктура, како и капацитети потребни за развој на домашната и европската вештачка интелигенција. За разлика од нив, дата-центрите што се занимаваат со криптовалутни активности нема да се сметаат за општествено приоритетни.

    Владата истовремено разгледува и можност големите инвеститори да преземат поголем дел од трошоците за проширување на електроенергетската мрежа.

    Дополнително, се размислува тие да придонесат со изградба на сопствени производствени капацитети, вклучително и ветерни електрани на море или гасни електрани со системи за зафаќање и складирање јаглероден диоксид.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично