ПОВЕЌЕ

    Народната банка со нови олеснувања за клиентите на АЛТА банка: Организиран превоз, повисоки лимити и слободен пристап до новите приливи

    Време зa читање: 4 минути

    Од организиран автобуски превоз за граѓаните кои немаат платежни картички, до повисоки лимити за користење на средствата и можност за целосно повлекување на новите приливи од плати, пензии и социјални трансфери. Народната банка презема дополнителни мерки за да им го олесни секојдневието на клиентите на АЛТА банка АД Битола и да им овозможи полесен пристап до парите на нивните сметки. Покрај постепеното ублажување на ограничувањата, се прошируваат и можностите за подигање готовина, особено за граѓаните од градовите во кои Банката нема отворени шалтери за исплата.

    За клиентите од Прилеп, Охрид и Ресен кои немаат платежни картички, Народната банка организира превоз до филијалата на АЛТА банка во Битола и назад. Превозот е предвиден за денеска, сабота, 7 ноември, а враќањето ќе биде организирано откако сите клиенти ќе завршат со подигањето на средствата.

    Автобусите ќе поаѓаат од Прилеп во 10 часот, од плоштадот „Методија Антонов-Ченто“, пред „Реклами“; од Охрид во 11 часот, од градската автобуска станица; и од Ресен во 12 часот, од маркетот „Кипер“.

    Со оваа организација, на граѓаните кои немаат можност да користат платежни картички им се олеснува пристапот до готовина, без потреба самостојно да организираат патување до Битола.

    Дополнително олеснување следува од понеделник, 9 ноември, кога ќе бидат отворени шалтерите на АЛТА банка во Тетово и Струмица. На овие шалтери клиентите што немаат платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари. Со тоа се проширува мрежата за исплата, а граѓаните од овие градови и околните населени места повеќе нема да мора да патуваат до Битола.

    Паралелно со мерките за полесен физички пристап до парите, Народната банка ги олеснува и условите за нивно користење.

    Од следната недела, неделниот лимит за подигање готовина и плаќање на продажни места со картичките на АЛТА банка се зголемува од досегашните 10.000 на 15.000 денари.

    Особено значајна промена за граѓаните е можноста целосно да располагаат со идните нови приливи од плати, пензии и социјални трансфери, доколку средствата пристигнуваат од институции или компании што имаат сметки во други банки.

    За овие приливи нема да важи ограничување на износот што може да се повлече. Клиентите ќе можат да ги користат средствата во целост, преку платежна картичка или со подигање готовина на отворените шалтери на Банката.

    Од Народната банка нагласуваат дека, благодарение на ова олеснување, граѓаните немаат потреба да отвораат нови платежни сметки во други банки за да можат да ги примаат и користат платите, пензиите и социјалните трансфери.

    Во меѓувреме, исплатите во филијалата на АЛТА банка во Битола продолжуваат според утврдениот распоред. Филијалата работи во две смени, а исплати се вршат и во сабота, 7 ноември.

    Според последните информации што ги соопшти Народната банка, во петокот во експозитурата во Битола биле услужени околу 660 клиенти. Просечниот износ што го подигнале изнесувал околу 16.000 денари, наспроти приближно 19.000 денари претходниот ден. Разликата, како што објаснуваат од централната банка, е очекувана поради пониските износи на социјалните трансфери.

    Народната банка повторува дека АЛТА банка АД Битола продолжува со работа, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Воведената администрација претставува привремена мерка која, според централната банка, се применува до промена на сопственоста.

    Според оценката на Народната банка, АЛТА банка е ликвидна и висококапитализирана, со солиден квалитет на кредитното портфолио. Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки, а привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со нив.

    Од централната банка посочуваат дека мерките се воведени за да се зачува ликвидноста и да се заштитат интересите на сите штедачи. Најавуваат и понатамошно следење на состојбата и приспособување на условите, со приоритет на уредното опслужување на граѓаните и заштитата на клиентите на Банката.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично