Намалени приходи, пониска добивка и помал број вработени се последиците со кои се соочува Мермерниот комбинат поради стеснетиот обем на нарачки од Кина. „Дополнителен товар создаде и воениот конфликт во Заливот, преку растот на цените на енергенсите, што резултираше со натамошни одложувања во финансирањето на капитални инфраструктурни и комерцијални проекти“, велат од прилепската компанија.
По првите девет месеци од годинава, Комбинатот забележал годишен пад кај добивката од 57,1 отсто. Заработката се намалила од 9,8 милиони на 4,2 милиони евра.
Притоа, од јануари до септември вкупните приходи остварени од продажба се намалени за 42,8 отсто. Во билансот на успех е заведен износ од 12,9 милиони евра.
Од Мермерен комбинат посочуваат дека доминантниот дел од падот „произлегува од меѓународните пазари, каде што продажбата бележи намалување од 43,2%“, а реализацијата е 12,7 милиони евра.
„Ова е директна последица на континуираната стагнација во кинескиот градежен сектор и намалената инвестициска активност, што доведе до значително редуцирање на нарачките од купувачите од Кина“, појаснуваат од компанијата.
Исто така, додаваат дека продажбата на домашниот пазар покажала релативна стабилност – има намалување од 12,8 отсто и остварување од 286,4 илјади евра.
Во такви услови компанијата почнала поинтензивно да ги користи постојните залихи, со што бројот на вработените е намален за приближно 10 отсто, „главно преку природен истек на договорите за вработување на определено време“. Тоа, појаснуваат од Мермерен комбинат, е дел од мерките за оптимизација на оперативната структура и усогласување на трошоците со тековните пазарни услови.
Аналитика








