ПОВЕЌЕ

    Профитот малку надолу, бизнисот нагоре: Комерцијална банка „тежи“ 3,25 милијарди евра

    Време зa читање: 4 минути

    Комерцијална банка „игра“ со големи бројки: 3,25 милијарди евра актива, 2,77 милијарди евра депозити и вкупни пласмани од околу 1,53 милијарди евра, а приходите од провизии скокнале за речиси 22 насто. Кредитирањето расте, повеќе пари се вложуваат во државни хартии од вредност, а редовните банкарски приходи се повисоки од лани.

    На крајот од сето тоа стои и голема добивка – 68,4 милиони евра за девет месеци. Таа е за 1,1 отсто пониска од минатогодишната во истиот период, кога изнесувала 69,1 милион евра. Сепак, Комерцијална банка го надминала планираниот профит за деветмесечјето за 11,1 насто.

    Ова го покажуваат неревидираните и неконсолидираните резултати на Комерцијална банка за деветте месеци од годинава.

    Причина за благото намалување на заработката не е послабото редовно банкарско работење. Напротив, нето-приходите од камати, провизии и курсни разлики се зголемени. А разликата во однос на претходниот резултат главно произлегува од пониските останати приходи, пред сè од помалата капитална добивка од продажба на преземен имот, како и од растот на оперативните расходи и исправката на вредност. Показателот за оперативната сила на Банката е поповолен – добивката пред исправка на вредност е за 0,9 насто повисока од лани.

    Вкупните приходи од работењето достигнале 107,1 милион евра, и се зголемени за 2,1 насто. Најголемиот извор на приливи се каматите. Нето-приходите од камати изнесуваат 75,88 милиони евра и се зголемени за 3,8 насто. Самите приходи од камати, пак, достигнуваат 86,85 милиони евра, а ги следи раст од 4,2 насто.

    Најголемото зголемување доаѓа од секторот држава, како резултат на поголемите пласмани во државни хартии од вредност, велат од Банката. Повисоки се и каматните приходи од домаќинствата и компаниите, благодарение на растот на кредитирањето.

    Од друга страна, и парите што Банката ги плаќа за депозитите станале поскапи. Каматните расходи се зголемиле за 6,9 насто, главно поради поголемиот обем на орочени депозити. Тоа резултирало со намалување на нето-каматната маржа од 3,58 на 3,46 насто.

    Меѓу најсилните позиции во билансот на успех се приходите од провизии и надоместоци. По оваа основа се обезбедени 17,94 милиони евра (нето-износ). Споредено со ланското деветмесечје, се бележи раст од 21,9 насто, при што проекциите се натфрлени за 22,6 насто.

    Од курсни разлики Банката остварила нето-приход од 5,41 милион евра, за 2,7 насто повеќе на годишно ниво. Во овој дел планот е остварен со 121,8 насто.

    Сосема е поинакво движењето кај останатите приходи од работењето. Во ставката се заведени 7,66 милиони евра, до кои стои минус од 35,5 отсто.

    Оперативните расходи во деветмесечниот период достигнале 30,56 милиони евра, за 5,2 насто повеќе од лани. Најголем дел од растот е поврзан со повисоките плати и другите трошоци за вработените, а влијание имале и повисоките трошоци за софтверски лиценци и амортизација. Сепак, трошоците се под планираниот праг.

    Во основата на банкарското работење се доверените средства од населението и од бизнисот. Комерцијална банка располага со депозити од 2,77 милијарди евра. Споредено со декември минатата година, тие се зголемени за 3,3 насто.

    Паралелно со тоа, како кредитна поддршка Банката пласирала 1,53 милијарди евра. Кредитите и побарувањата од клиентите достигнале околу 1,42 милијарди евра (+ 7,6 %). Се посочува дека растот доаѓа и од домаќинствата и од јавните и приватните нефинансиски компании.

    Дополнително, Банката има 112,64 милиони евра кредити и побарувања од други банки, каде што е регистрирано зголемување од 26,5 насто.

    Расте и портфолиото на хартии од вредност. На крајот од септември во нив биле вложени 706,55 милиони евра, за 12,7 насто повеќе отколку на крајот од 2025 година. Тоа произлегува од поголемиот износ на запишани државни обврзници и државни записи по достасувањето на претходните вложувања.

    На крајот од септември вкупната актива на Комерцијална банка достигнала 3,25 милијарди евра. На 31 декември лани износот бил 3,13 милијарди евра. Или, за девет месеци е остварено зголемување од 3,8 насто, базирано на поголемото кредитирање на клиентите, вложувањата во хартии од вредност и пласманите кај други банки.

    Накусо, профитот малку попуштил, но банкарската машина продолжила да врти сè поголеми бројки.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично