Од кредитна линија тешка 250 милиони евра за инвестиции и развој на домашните компании, одобрени 14,26 милијарди денари, односно околу 231,8 милиони евра. Веќе се ангажирани речиси 93 проценти од расположливиот износ, кој е дел од средствата добиени со унгарскиот заем.
До февруари годинава компаниите реално повлекле 14,08 милијарди денари или околу 228,95 милиони евра, а во март и април биле одобрени уште 15 проекти вредни 167,6 милиони денари. Вкупно, кредитната поддршка опфатила 767 инвестициски проекти.
Најголем дел од парите компаниите ги насочиле токму таму каде што инвестициите обезбедуваат подолгорочен ефект – 46 отсто се вложени во градежни објекти, 39 отсто во опрема, 11 отсто во обновливи извори на енергија, а 4 отсто во транспортни средства.
Податоците се содржани во извештајот на Државниот завод за ревизија, кој носи позитивен заклучок по извршената ревизија на усогласеност на тема „Кредитна линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва со средства од Договорот за задолжување од Буџет на Република Северна Македонија“ за одобрени кредити во период од јануари 2025 до февруари 2026 година.
Најголемата ставка се инвестициите во градежни објекти. За нив се искористени околу 107,7 милиони евра. Во набавка на современа опрема се насочени 89,1 милион евра. Понатаму, 26 милиони евра компаниите вложиле во премин кон обновливи извори на енергија, додека за обновување на транспортните средства биле наменети 8,9 милиони евра.

Производството добило најголем дел од кредитната „торта“. За 281 проект биле одобрени 6,29 милијарди денари или 102,3 милиони евра. Оваа намена зафаќа дури 44 отсто од вкупната кредитна маса.
Следува трговијата, која преку 194 проекти добила 3,5 милијарди денари, односно 25 отсто од вкупните средства. За транспорт се одобрени 1,45 милијарди денари преку 129 проекти (10 % од средствата), а градежништвото добило 988,5 милиони денари за 63 проекти.
Хотелиерството и угостителството учествуваат со 37 проекти вредни 852,3 милиони денари или шест проценти од средствата, а за останатите дејности се одобрени уште 1,17 милијарди денари.
Од аспект на големината на компаниите, малите конкурирале со најмногу проекти, а големите добиле најмногу пари. На малите фирми отпаѓаат 455 од вкупно 767 одобрени проекти, односно 59 отсто. За нив се одобрени 3,57 милијарди денари, што е една четвртина од вкупниот износ.
Сепак, најголем дел од парите завршил кај големите компании. За 94 проекти на големи субјекти биле одобрени 4,72 милијарди денари. Тоа претставува 33 отсто од вкупната кредитна маса.
Средните компании добиле 4,61 милијарда денари за 171 проект, а на микрофирмите им биле одобрени 1,36 милијарди денари за 47 проекти.
Кредитната линија од 250 милиони евра е воспоставена преку Владата, Министерството за финансии и Развојната банка, а средствата се пласираат преку 12 комерцијални банки. Условите предвидуваат кредит до 10 милиони евра по корисник, рок на отплата до 15 години, со грејс-период до три години и фиксна каматна стапка од 1,95 проценти, без дополнителни надоместоци за одобрување и управување. Притоа, компаниите мора да обезбедат сопствено учество од најмалку 20 проценти од вредноста на инвестицијата.
Од структурата на инвестициите произлегува дека поволните кредити не се насочени кон тековно финансирање, туку кон објекти, нова опрема и енергетски капацитети – вложувања што треба да го зголемат производствениот и развојниот потенцијал на компаниите на подолг рок.
Освен тоа, ревизорите немаат забелешки за процесот на распределба на кредитите:
„Врз основа на обезбедените докази, добиено е разумно уверување за изразување на позитивен заклучок дека активностите на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, во однос на правната рамка и управувањето со средствата од оваа кредитна линија, се во согласност во сите материјални аспекти со применетата релевантна законска и подзаконска регулатива, интерни акти и договори“.
Аналитика








