
Двајца колеги можат да имаат пристап до истата алатка. Предност стекнува тој што одвоил време да научи како да работи со неа и кога да ѝ верува.
Иста претплата, а различни навики
Најдобриот аналитичар што го познавам одбива да користи вештачка интелигенција (ВИ), од причина што ја разбирам. Дваесет години ги чита бројките на компаниите, забележува грешки што другите ги пропуштаат и не потпишува работа што не ја проверил. Кога фирмата воведе асистент, го испроба едно попладне. Доби самоуверен, погрешен одговор и го затвори. Имаше право да не му верува на тој одговор. Но токму неговата способност да ја препознае грешката е причината зошто не треба да се откаже од алатката.
Изминатава година во повеќе фирми гледав како се раѓа разлика меѓу луѓе со ист пристап до алатката. Колешката на соседното биро го отвора асистентот на почетокот од денот, му го дава неуредниот прв нацрт, го оспорува предложеното и ги проверува важните делови. Не мора да знае повеќе од аналитичарот; со алатката, едноставно, вежбала подолго.
Доаѓа момент кога истата претплата повеќе не ги става двајцата во иста положба. Едниот стекнал навики што другиот не може да ги купи. Но најголемата предност ќе ја има човекот што ќе ги спои тие навики со искуството и расудувањето што веќе ги има. Разликата може да се надомести, но само со вежбање.
Сè повеќе луѓе веќе ги градат тие навики. Според Европската централна банка, уделот на вработени што користат вештачка интелигенција на работа пораснал од 26 насто во 2024 на 52 насто во 2026 година. Кога METR повторно ја испитувал продуктивноста на програмери, дел од учесниците пријавиле дека не сакаат да ризикуваат да извршуваат одредени задачи без вештачка интелигенција. Тоа е важен сигнал: кај дел од искусните корисници алатката веќе станала дел од нормалниот начин на работа. Употребата станува навика многу побрзо отколку што компаниите успеваат да дефинираат како таа навика треба да изгледа.
Што се учи со вежбање?
Вредноста на часовите со асистентот зависи од тоа што правите во нив. Ако побарате прв нацрт, потоа барате објаснување, го оспорувате резултатот и ги проверувате важните бројки, продолжувате да го вежбате сопствениот суд. Ако постојано преземате готов одговор, имате помалку прилики сами да откриете грешка. Со вежбање не учите само како подобро да поставите прашање. Учите како да ја поделите работата меѓу човекот и машината: што да ѝ дадете, што да проверите, каде да ја оспорите и кога воопшто да не ја користите.
Причината да се зачува таа умешност се гледа и надвор од канцеларијата. Во набљудувачка студија од четири полски клиники, стапката на откривање аденоми при прегледи без вештачка интелигенција паднала од 28,4 на 22,4 насто по воведувањето систем што им помагал на лекарите да ги забележат. Студијата сама по себе не може да утврди што го предизвикало падот. Тоа е причина повремено да проверуваме дали луѓето сè уште умеат да ја завршат работата без помош од системот.
Тука аналитичарот од почетокот има нешто драгоцено: знае да препознае погрешен одговор. Компаниите лесно можат да ги обучат луѓето како да ја отворат алатката. Многу потешко е да изградат расудување со кое ќе знаат кога нејзиниот одговор не е доволно добар. Затоа, процената на аналитичарот треба да стане дел од работата со асистентот, а не да остане затворена во неговата глава.
Од каде да почнете?
Јас би почнал со една одлука што постојано се повторува и им одзема време на најдобрите луѓе. Дајте му на човекот што ја носи одредено време ‒ на пример десетина часа ‒ да ја испроба алатката врз вистински случаи, како што советува Итан Молик, и кажете му јасно дека има дозвола да ја користи.
Пред пробата запишете што очекувате да се подобри и измерете како работата се извршува денес. Потоа следете показател што финансискиот директор веќе го разбира ‒ на пример времето за завршување, бројот на исправки или квалитетот на исходот. Искусниот човек нека ги проверува резултатите и нека запише што прави добро вештачката интелигенција, каде греши и што секогаш мора да се провери. Тимот повремено нека ја направи истата работа и без асистентот. А однапред договорете и за што ќе го искористите заштеденото време: во истражувањето на BCG од 2026 година, две третини од вработените на оперативни позиции добивале малку или воопшто не добивале насоки за тоа.
Аналитичарот беше во право кога ја откри грешката. Токму затоа ви треба неговата процена додека тимот учи да работи со алатката. На сите можете да им купите претплата уште денес; неговиот начин на проверка можете да го пренесете на целиот тим само ако му дадете место во таа работа. Почнете од луѓето чие расудување ви е највредно.
Автор: Филип Петровски, Data Masters
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








