
Два од најголемите железнички проекти во Македонија треба да влезат во градежна фаза напролет 2027 година. Во мај е најавен почетокот на третата делница од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до границата, а еден месец претходно се очекуваат првите теренски активности за модернизација на Коридорот X. Со тоа, по години на доцнења и подготовки, истовремено треба да се отвори работа на двата главни железнички правци низ земјата.
Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека изградбата на третата фаза од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка кон границата, се очекува да започне во мај 2027 година. Тендерот за избор на изведувач веќе е објавен преку европскиот систем за јавни набавки. Истовремено, за проектот за брза пруга на Коридорот X се очекуваат првите теренски активности во април следната година. Втората делница кон Бугарија, од Бељаковце до Крива Паланка, според најновата изјава на Николоски треба да биде завршена во 2028 година.
Третата фаза кон Бугарија е кратка по километража, но е една од најсложените железнички инвестиции во земјата. Станува збор за околу 23 километри од Крива Паланка до бугарската граница. Со нејзината изградба треба да се затвори последната празнина на источниот дел од Коридорот VIII во Македонија.
За оваа делница е обезбеден финансиски пакет од околу 560 милиони евра, кој покрај изградбата ги опфаќа и електрификацијата и модернизацијата на целата источна железничка линија од Куманово до бугарската граница. Пакетот вклучува заеми од ЕИБ и ЕБОР и значителни грантови од Европската Унија, меѓу кои и 149 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Првата делница, Куманово–Бељаковце, во должина од 30,8 километри, беше завршена во декември 2024 година. Следната, Бељаковце–Крива Паланка, е долга околу 34 километри и сè уште се гради. Токму нејзиното доцнење покажува дека кај Коридорот VIII вистинскиот тест нема да биде отворањето на нов тендер, туку одржувањето на динамиката на терен.
Уште една важна пречка беше прекуграничниот тунел со Бугарија. Македонија и Бугарија во ноември 2025 година потпишаа посебен договор за негово проектирање, изградба и идно управување. Европската комисија го оцени договорот како клучен чекор за конечно железничко поврзување на двете земји.
Коридорот VIII има значење што оди подалеку од линијата Скопје–Софија. Во целосна форма тој треба железнички да ги поврзе Јадранското со Црното Море, преку Албанија, Македонија и Бугарија. WBIF проценува дека завршувањето на врската со Бугарија би ја скратило железничката врска на Македонија со Црното Море за околу 200 километри.
Паралелно се отвора и вториот голем железнички проект – Коридорот X.
Во Македонија се подготвува модернизација на линијата од Табановце до Гевгелија, со двоколосечна и електрифицирана пруга и проектирана брзина до 160 километри на час за патничките возови. Проектот е дел од пошироката идеја за побрза железничка врска Белград–Скопје–Солун.
На српска страна веќе се спроведуваат постапки за модернизација на железничката линија Белград–Ниш, која понатаму продолжува кон Прешево и македонската граница.
Во Табановце паралелно се реализира и заедничка железничка гранична станица со Србија, чија цел е контролите на двете држави да се вршат на едно место и да се намали времето на чекање на возовите.
Оттука, 2027 година нема да биде година во која Македонија ќе добие две завршени модерни железници, но може да биде година во која двата клучни коридора конечно ќе влезат во посериозна градежна динамика.
По години во кои железницата беше најслабиот дел од транспортната инфраструктура, вистинскиот тест сега е најавените тендери, договори и европски милиони да се претворат во километри нова и модернизирана пруга.
Аналитика








