Инфлацијата во Северна Македонија во септември изнесува 2,7% на годишно ниво, покажуваат најновите податоци што денеска ги објави Државниот завод за статистика. Во однос на август, пак, трошоците на животот останале непроменети, односно месечната инфлација е 0%.
По 2,3% годишна инфлација во јули и 2,6% во август, септември донесе благо забрзување на 2,7%. Тоа значи дека ценовниот притисок и натаму е под 3%, но трендот во последните два месеца повторно е благо нагорен. Во август, според официјалните податоци, инфлацијата изнесуваше 2,6% на годишно ниво и 0,4% на месечно.
На месечно ниво, сепак, септември бил релативно мирен. Вкупниот индекс на трошоците на животот не се променил во однос на август, но движењата по категории се значително различни.
Најголемо намалување има кај рекреацијата, спортот и културата – за 3,7%, како и кај транспортот – за 3,4%. Цените на рестораните и услугите за сместување се намалиле за 0,3%, а на информациите и комуникациите за 0,1%.
Од другата страна, најголем месечен раст е регистриран кај покуќнината, опремата и одржувањето на домаќинствата – за 1,3%. Храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за 0,5%, колку и личната нега и разновидните стоки и услуги. Образованието поскапело за 0,4%, облеката и обувките за 0,3%, а домувањето, водата, струјата, гасот и другите горива за 0,2%.
Индексот на цените на мало во септември во однос на август изнесува 98,7, односно цените на мало во просек се намалиле, додека на годишно ниво индексот е повисок за 1,7%.
„Очекувам да бидеме земја каде што ќе има, ако не најниска, меѓу најниските две-три инфлации во регионот и Европа, и ако не највисок, тогаш меѓу првите пет највисоки порасти на бруто-домашниот производ во регионот и во Европа“, рече денес премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски во повеќе наврати во изминатите недели ја истакна инфлацијата како еден од показателите според кои, според неговата оценка, Северна Македонија стои подобро од поголем дел од регионот.
„Денеска очекуваме да излезе Државниот завод за статистика со процена на трошоците за живот за септември. Во третиот квартал бројките се дека состојбата е под контрола. Во јули стапката беше 2,3 проценти, а просекот во Европската Унија и во еврозоната беше 2,9 проценти. Во регионот сме втори, убедливо, кога ќе ги анализираме стапките на инфлација од Словенија до Турција. Во август беше 2,6 проценти кога во Европа и во еврозоната просекот беше 3,2 проценти. Сега Европската Унија објави процена дека во септември е 3,8 во еврозоната“, рече Мицкоски.
Според процените и анализите на Државниот пазарен инспекторат, Мицкоски посочи дека за храната и за безалкохолните пијалаци очекувањата се годишната стапка на инфлација да биде меѓу 1,5 и 2 проценти, што ќе претставува најниска во регионот и една од најниските во Европа
Најновата бројка од 2,7% покажува дека инфлацијата останува под 3%, но е нешто повисока од августовската. Оттука, денешниот податок ја потврдува ценовната стабилизација во однос на претходните инфлаторни бранови, но истовремено покажува дека притисокот не е целосно исчезнат.
Особено важен за стандардот на граѓаните е податокот дека храната и безалкохолните пијалаци во септември поскапеле за 0,5% во однос на август. Тоа е втора последователна месечна стапка од 0,5% за оваа група, бидејќи ист раст беше регистриран и во август.
Со годишна стапка од 2,7%, септември е трет последователен месец во кој инфлацијата е под 3%. Прашањето сега е дали ова ниво ќе се задржи и во последниот квартал, особено со почетокот на грејната сезона и евентуалните промени кај енергенсите и храната.
Аналитика








