Грција се соочува со продлабочена и упорна демографска промена. Падот на бројот на раѓања остави особено силен белег врз регионите во земјата; податоците покажуваат долгорочен пад на фертилитетот, проследен со стареење на населението и зголемување на бројот на смртни случаи, според новите наоди на Институтот за демографски истражувања и студии, објави грчкиот весник Прототема.
Од просечно околу 148.000 раѓања во периодот 1979–1980 година, земјата забележа само 67.000 во 2024–2025 година. Истовремено, просечната возраст на која жените раѓаат деца се зголеми за речиси шест години – од 26,2 на 32,2 години. Овој тренд на опаѓање започна кон крајот на 1970-тите и, со исклучок на периодот 2003–2009 година, продолжува и денес.
Намалувањето на населението не е рамномерно низ целата земја. Во периодот меѓу 2009 и 2024 година, бројот на раѓања на национално ниво опадна за 42%, од 117.440 на 68.310. Во шест префектури во копнениот дел на Грција – Теспротија, Гревена, Фтиотида, Кожани, Евританија и Лерин (Флорина) – падот надмина 50%. Спротивно на тоа, во неколку островски региони, намалувањето на бројот на раѓања беше значително помало, додека во Кикладите и на Закинтос остана под 15%.
Клучен фактор е падот на фертилитетот низ генерациите. Жените родени кон крајот на 1950-тите имале во просек по околу две деца, додека кај оние родени околу 1985 година, таа бројка паднала на помалку од 1,5. Истовремено, годишната стапка на фертилитет се намалила од приближно 2.200 деца на 1.000 жени во 1979–1980 година на само 1.240 во 2024–2025 година.
Сликата станува уште позагрижувачка кога ќе се земат предвид смртните случаи. Според истата студија, природниот биланс на населението – разликата меѓу бројот на раѓања и смртни случаи – сега е цврсто во негатива. Додека во деценијата 1971–1980 година бројот на раѓања го надминувал бројот на смртни случаи за 638.000, тој вишок се намалил на 276.000 во следната деценија и на само 22.000 во периодот 1991–2000 година. Спротивно на тоа, меѓу 2011 и 2020 година имало 267.000 повеќе смртни случаи отколку раѓања, додека само во петгодишниот период од 2021 до 2025 година, таа разлика достигнала 290.000.
ОСТРОВИТЕ СО ПОЗИТИВЕН НАТАЛИТЕТ
Поконкретно, во 2024 година на национално ниво имало 184 смртни случаи на секои 100 раѓања, во споредба со 92 во 2009 година. Во некои регионални единици, тој сооднос достигнал дури 376 смртни случаи на 100 раѓања. Само пет од вкупно 74 регионални единици – Тера, Миконос, Кос, Наксос и Ретимно – забележале повеќе раѓања отколку смртни случаи.
Според анализата, големите регионални разлики се поврзани со три главни фактори: разликите во трендовите на фертилитет, демографското стареење и миграциските текови. Областите што задржале помлади жители или привлекле такви, забележале поумерен пад на населението, додека оние што изгубиле голем дел од помладото население истовремено се соочуваат со помал број раѓања и поголем број смртни случаи.
Врз основа на горенаведеното, се чини дека демографскиот проблем на Грција не се развива подеднакво низ целата земја. Демографската карта на земјата се менува, при што падот на населението е најизразен во областите каде што постои комбинација од низок фертилитет, стареење и губење на населението.
(Фото: discovergreekculture.com)
Аналитика








