ПОВЕЌЕ

    ДОДЕКА ПОВИКУВА НА РАЗВОЈ БЕЗ СОПИРАЧКИ, Трамп со семејството инвестира милиони во вештачката интелигенција

    Време зa читање: 7 минути

    Додека дел од највлијателните луѓе во индустријата за вештачка интелигенција предупредуваат дека развојот на најмоќните AI-модели се движи пребрзо и бараат повеќе време за безбедносни механизми, американскиот претседател Доналд Трамп испраќа спротивна порака: Америка не смее да ја забави AI-трката, особено не додека Кина е зад неа. Случајно или не, ова се совпадна и со деловните потфати на семејството Трамп што се сè повеќе испреплетени со бумот на вештачката интелигенција.

     

    Личното богатство на претседателот е изложено на компании кои профитираат од AI-бумот, а неговите синови директно се вклучени во инвестиции во AI-компании, AI-чипови, дата-центри и сродна технологија, открива анализа на „Вашингтон пост“. Деловните потфати создаваат потенцијални конфликти на интереси додека САД се соочуваат со тоа како да се справат со брзиот напредок во вештачката интелигенција.

    Финансиските пријави на Трамп и деловните активности на неговите синови покажуваат дека семејството има значителна финансиска изложеност токму кон секторите кои би можеле да профитираат од продолжување на AI-бумот – од Nvidia и други големи технолошки компании, до xAI, Perplexity, AI-чипови, дата-центри и компании што развиваат технологии базирани на вештачка интелигенција.

    Преклопувањето меѓу јавната политика и приватните инвестиции веќе отвори прашања за можен конфликт на интереси меѓу експерти за владина етика. Reuters, кој детално ги анализираше инвестициите, нагласува дека нема докази дека фондовите поврзани со семејството прекршиле закон или добиле преференцијален третман.

    ТРАМП ЏУНИОР И МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ ИНВЕСТИРАНИ ВО AI-СЕКТОРОТ

    Две пријави доставени до американската Канцеларија за владина етика покажуваат дека само во првите три месеци од 2026 година Трамп пријавил трансакции со вкупна вредност меѓу 220 и околу 750 милиони долари.

    Меѓу купувањата имало хартии од вредност поврзани со Microsoft, Meta Platforms, Oracle и Broadcom, додека една од поголемите поединечни набавки била Nvidia – меѓу еден и пет милиони долари. Во истиот период имало и големи продажби, меѓу кои Microsoft, Amazon и Meta, што покажува дека портфолиото не е едноставен облог само на раст на AI-секторот.

    Nvidia, Microsoft, Meta, Oracle и Broadcom се меѓу компаниите најдиректно изложени на експанзијата на AI – преку чипови, cloud-инфраструктура, дата-центри, модели или огромни капитални инвестиции во технологијата.

    Trump Organization тврди дека инвестициските сметки на претседателот целосно ги управуваат независни финансиски институции, без Доналд Трамп, неговото семејство или компанијата да избираат конкретни инвестиции или однапред да бидат информирани за трансакциите.

    Ситуацијата е поинаква кај Доналд Трамп Џуниор.

    Тој е партнер во венчур-фондот 1789 Capital, чија инвестициска активност значително се прошири по враќањето на неговиот татко во Белата куќа.

    Reuters објави дека фондот надминал една милијарда долари средства, а меѓу неговите инвестиции се наоѓаат xAI на Илон Маск и AI-пребарувачот Perplexity, покрај SpaceX, Neuralink и други технолошки и одбранбени компании. Фондот вообичаено инвестира меѓу пет и 50 милиони долари по компанија.

    Тука врската не е само формална. Според Reuters, една од главните улоги на Трамп Џуниор во 1789 Capital е пронаоѓање атрактивни инвестиции.

    Фондот подоцна влезе и во Cerebras Systems, производител на AI-чипови и еден од конкурентите на Nvidia.

    Четворица експерти за владина етика со кои разговарал Reuters оцениле дека ваквата структура создава потенцијал за конфликт на интереси, бидејќи промени во регулативата, федерални договори или други владини политики можат да влијаат врз вредноста на компаниите во портфолиото.

    Од друга страна, лице блиско до Трамп Џуниор изјавило за Reuters дека тој не разговара со својот татко за деловните интереси и не бара владини услуги или повластувања за инвестициите. Reuters наведува и дека нема докази дека 1789 Capital добил незаконски повластен третман.

    И ЕРИК ТРАМП НАВЛЕЗЕН ВО AI-КОМПАНИИ

    AI-експозицијата на семејството не завршува со 1789 Capital.

    Во февруари 2025 година Доналд Трамп Џуниор и Ерик Трамп влегоа во советодавниот одбор на Dominari Holdings, компанија која во истиот период го засили фокусот кон инвестиции во AI и дата-центри. Двајцата учествувале и во приватно пласирање акции на компанијата.

    Само една недела подоцна беше формирана American Data Centers, во која учествуваа Dominari, Доналд Трамп Џуниор и Ерик Трамп, со цел изградба на инфраструктура за high-performance computing, cloud и AI.

    Трамп Џуниор тогаш оцени дека AI напредува со „невидено темпо“ и дека искористувањето на технологијата е важно за агендата „America First“, додека Ерик Трамп го нагласи значењето на инвестициите во дата-центри за глобалната конкурентност на САД.

    Ерик Трамп е инвеститор и во Space-Eyes, компанија која развива AI-базирани системи за геопросторно разузнавање и борба против дронови.

    БЕЛАТА КУЌА ПРИТИСКА НА ПЕДАЛАТА ЗА ГАС

    Паралелно со ширењето на овие инвестиции, политиката на администрацијата на Трамп кон AI е насочена кон што побрз развој на американската индустрија.

    Уште на 23 јануари 2025 година, Трамп потпиша извршна наредба „Removing Barriers to American Leadership in Artificial Intelligence“, со која како официјална политика беше поставено одржување и зголемување на американската глобална доминација во AI. Дел од политиките на претходната администрација беа укинати со образложение дека претставуваат пречка за иновациите.

    Неколку месеци подоцна Белата куќа го објави America’s AI Action Plan, документ кој започнува со констатацијата дека САД се во „трка за глобална доминација во вештачката интелигенција“. Планот има три главни столба: забрзување на иновациите, изградба на AI-инфраструктура и американско лидерство во меѓународната AI-дипломатија и безбедноста.

    Во декември 2025 година администрацијата отиде уште подалеку и преку нова извршна наредба побара минимално оптоварувачка национална регулаторна рамка, истовремено отворајќи можност федералната влада да ги оспорува државните AI-закони кои ги смета за преголема пречка за иновациите.

    Трамп тоа го формулираше многу директно: „За да победат, американските AI-компании мора да бидат слободни да иновираат без тешка регулација.“ „Кој ќе победи во AI – победува“

    Разликата меѓу ставот на Белата куќа и растечките предупредувања од самата AI-индустрија стана особено видлива во септември 2026 година.

    На конференцијата AII-In, Трамп порача:

    „Ние ја водиме Кина во AI… сакам така и да остане, бидејќи кој ќе победи во AI – победува.“

    Неколку дена подоцна, во објава на Truth Social, неговата порака беше уште поексплицитна:

    „Нема на никаков начин да го попречуваме или задушуваме растот на оваа неверојатна индустрија.“

    Трамп додаде дека злоупотребите може да се решаваат преку веќе постојниот кривичен и граѓански правен систем. Неговата позиција, според Reuters, е дека дополнителна AI-регулација не е неопходна и дека паузирањето на развојот би ѝ овозможило на Кина да ја намали технолошката предност на САД.

    ПРВИТЕ ЛУЃЕ НА AI-ИНДУСТРИЈАТА ПОВИКУВААТ ДА СЕ ЗАБАВИ ТЕМПОТО

    Токму во тој момент дел од најпознатите луѓе кои ги градат најнапредните AI-системи почнаа да бараат спротивното.Извршниот директор на Anthropic, Дарио Амодеи, на 12 септември побара координирано забавување на развојот на најмоќните модели. „Мора да го забавиме темпото со кое ги подобруваме способностите на AI-моделите“, напиша Амодеи.

    Неговиот предлог вклучува независни безбедносни проверувачи во компаниите, заеднички стандарди меѓу водечките лаборатории и меѓународна соработка за ограничување на ризиците.

    Илон Маск и Сем Алтман јавно поддржаа делови од предлогот на Амодеи. Алтман изјави дека компаниите треба да бидат подготвени „да забават или да запрат“ ако дојдат до точка во која не можат безбедно да продолжат.

    Загриженоста дополнително ја зголеми поранешниот истражувач на Anthropic, Џејкоб Коксон, кој при заминувањето од компанијата предупреди дека луѓе кои ја развиваат технологијата сериозно веруваат дека AI би можела да предизвика катастрофални последици до крајот на деценијата.

    OpenAI во меѓувреме побара воспоставување меѓународни технички стандарди за frontier AI, вклучувајќи системи кои се способни за рекурзивно самоусовршување – односно самите да ги подобруваат сопствените способности. Компанијата смета дека безбедносните истражувања и нивната примена мора да останат пред растот на способностите на моделите.

    Иако геополитичката логика зад американската AI-политика постои независно од деловните интереси на семејството Трамп, неговите критичари предупредуваат дека, колку повеќе вредноста на AI-компаниите зависи од тоа дали владата ќе ја забрза или ќе ја ограничи индустријата, толку поголемо станува прашањето каде завршува јавната политика, а каде почнува приватниот финансиски интерес.

    (Фото: Трамп со синовите ДТ Џуниор и Ерик Трамп, Trump Turnberry golf course in South Ayrshire, Global News)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично