Директното влијание на климатските промени, порастот на температурите и сушата сега е видливо дури и во познатата француска винска индустрија е главната причина што 2026 година, производството на вино во Франција би можело да падне на најниското ниво во последните околу 70 години. Екстремните горештини и сушата веќе трета година по ред е главната причина за пад на производството на вино во Франција, кадешто оваа некогаш престижна индустрија се соочува и со економска криза, како и со промени во однесувањето на потрошувачите.
Според бројките кои ги објави француското Министерство за земјоделство, базирани на податоците на француската статистичка агенција Агресте, се очекува француските винопроизводители оваа година да произведат под 34 милиони хектолитри вино, што претставува пад од 6% во однос на 2025 и од 17% во однос на петгодишниот просек.
Посебно загрижувачки е тоа што сушата летово ги погоди некои од климатски поумерените региони на Франција, каков што е регионот Шампањ, познат по производството на прочуеното шампанско вино. Во овој регион се очекува приносот на грозјето да биде дури 50% помал од ланскиот, во регионот Јура очекуваниот пад е 37%, додека во Бургунди-Божоле приносот е помал за една третина.
Експертите велат дека климатските промени влијаат врз повеќето од главните региони за производство на вино во Франција.
Со оглед дека Франција и натаму важи за еден од најголемите производители на вино на светско ниво, значителниот пад на производството ќе доведе до пореметувања и во глобалното снабдување.
БЕРБАТА МЕСЕЦ ДЕНА ПРЕД РОКОТ
Последиците од климатските промени веќе се забележуваат во времето на созревање и берба на грозјето. Според Француската винска унија, бербата на грозјето во регионот Бургоња оваа година започна на 14 август. Ова е најраната берба во историјата на имотот.
Според раководителот на имотот, Флорент Латур, просечното време за берба на грозјето се поместува нанапред за околу три дена во секоја деценија. Во споредба со 1930-тите години, времето на берба сега е поместено за околу еден месец порано.
Раното созревање на грозјето носи нови предизвици за производителите на вино. Тие мора да управуваат со голем број работници и други ресурси во краток временски период. Брзите промени во временските прогнози, исто така, создадоа ситуација во која датумите за берба мора постојано да се менуваат.
Влијанието на климатските промени не е подеднакво во сите вински региони на Франција. Регионите Долината на Лоара и Шампањ, кои се сметаат за релативно ладни и умерени, претрпеа поголемо влијание од горештините. Сепак, некои области во јужна Франција, како што се Бордо и Лангедок-Русијон, забележаа зголемено производство во споредба со претходната година.
Според Жан-Мари Кардебат, професор по економија на Универзитетот во Бордо и истражувач на областа на виното и алкохолните пијалаци, Франција не била соодветно подготвена за климатските промени.
Тој вели дека Шпанија долго време се соочува со горештини и суша, па затоа нејзината инфраструктура за наводнување е релативно развиена. Во Франција постојат строги прописи во врска со наводнувањето на лозјата, а тоа е дозволено само под посебни околности.
СУШАТА ГО СМЕНИ КВАЛИТЕТОТ НА ПРОЧУЕНИТЕ ВИНА И ЗАТВОРА ВИНАРИИ
Покрај климатските промени, се преиспитуваат и правилата во француската винска индустрија кои постојат со децении. Правилата за „апелација“ (заштитено географско потекло), воспоставени за да се зачуваат квалитетот на виното и регионалниот идентитет, ги дефинираат аспектите како што се сортите на грозје, густината на насадите и наводнувањето.
Сепак, некои претставници на индустријата тврдат дека таквите правила можат да ги спречат производителите да носат навремени одлуки во согласност со променливите климатски услови. Во 2025 година, „Шато Лафлер“ (Château Lafleur) ги повлече некои од своите вина од официјалните класификации за Померол и Бордо. Сопственикот, семејството Гинодо (Guinaudeau), изјави дека постоечките правила ја ограничувале нивната можност да ги направат неопходните промени во услови на климатски промени.
Влијанието на климатската криза не е ограничено само на производството. Зголемените трошоци за производство, намалената продажба и падот на домашната потрошувачка дополнително ги влошија економските проблеми на индустријата.
Според Кардебат, бројот на затворени бизниси во винската индустрија е зголемен приближно трикратно во периодот меѓу 2019 и 2025 година. Тој проценува дека и 2026 година би можела да биде предизвик за индустријата.
Француската влада најави пакет за итна помош во вредност од над една милијарда евра кон крајот на летото, со цел да ги поддржи земјоделците и производителите на вино погодени од горештините и сушата.
Покрај падот на производството, се намалува и површината под лозја во Франција поради промените во побарувачката на вино.
Во регионот Бордо, од 2023 година наваму се откорнати лозја од површина од околу 20.000 хектари. По ова, површината под лозја таму е сведена на околу 83.000 хектари.
(Фото: лозје во Бордо, архивска слика, michael clarke stuff)
Аналитика








