ПОВЕЌЕ

    Кој ја создава вредноста во Македонија: странските фирми со удел од 37%

    Време зa читање: 4 минути

    На секои 100 компании во македонскиот деловен сектор, помалку од пет се под контрола на странски сопственици. Но, кога ќе се погледне колку луѓе работат во нив и колкава економска вредност создаваат, односот е сосема поинаков. Во овие компании е ангажиран речиси секој четврти вработен во деловниот сектор, а зад нив стои повеќе од една третина од вкупната бруто-додадена вредност.

    Тоа го покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за домашните претпријатија контролирани од странство. Во 2024 година во Македонија имало 3.280 странски филијали, односно домашни претпријатија под контрола на странски субјекти. Иако тие претставуваат само 4,7 проценти од претпријатијата во деловниот сектор, нивната економска тежина е многу поголема од нивната бројност.

    Според ДЗС, странските филијали ангажираат 24,2 проценти од вкупно вработените во деловниот сектор, а создаваат дури 37 проценти од вкупната бруто-додадена вредност.

    Колку е значаен овој удел подобро се гледа ако податоците се стават во контекст со вкупната активност на деловниот сектор. Според дефинитивните структурни деловни статистики на ДЗС, во 2024 година во опфатените пазарноориентирани претпријатија биле ангажирани 434.645 лица, а бруто-додадената вредност достигнала 497 милијарди денари. Тоа покажува дека зад уделот од 24,2 проценти стојат приближно 105 илјади вработени, додека 37 проценти од вкупната додадена вредност се еквивалентни на околу 184 милијарди денари, или близу три милијарди евра.

    Податоците уште појасно ја покажуваат разликата меѓу бројот на компании и нивната продуктивна и економска тежина. Додека странски контролираните фирми сочинуваат помалку од една дваесеттина од претпријатијата, нивниот удел во создадената вредност е речиси осумпати поголем од нивното учество во бројот на компании.

    Најголемо значење имаат во преработувачката индустрија. Од вкупната додадена вредност што ја создаваат домашните претпријатија контролирани од странство, дури 35,3 проценти доаѓаат од овој сектор. Следуваат информациите и комуникациите со 16,7 проценти, а трговијата на големо и мало, заедно со поправката на моторни возила и мотоцикли, учествува со 11,5 проценти.

    Токму структурата на овие инвестиции покажува дека странскиот капитал не е присутен само преку трговија и услуги. Напротив, голем дел од економската вредност се создава во производството, а значаен удел има и секторот информации и комуникации, што дополнително ја зголемува тежината на овие компании во домашната економија.

    Кога ќе се погледне од каде доаѓа капиталот, доминацијата на Европа е речиси апсолутна. Според ДЗС, 92,8 проценти од странските филијали се контролирани од субјекти од европските земји. Земјите членки на Европската Унија контролираат 44,6 проценти од странските филијали, но компаниите под нивна контрола имаат уште поголемо значење кога ќе се земат предвид вработеноста и создадената вредност. Во нив се ангажирани 62,8 проценти од вработените во странските филијали, а тие создаваат 61,9 проценти од нивната додадена вредност.

    Најголема економска тежина меѓу земјите има Австрија. Компаниите под австриска контрола учествуваат со 17,4 проценти во додадената вредност на странските филијали во Македонија. По неа следува Холандија со 11 проценти, Германија со 9,7 проценти и Обединетото Кралство со девет проценти. Само компаниите контролирани од овие четири земји создаваат речиси половина од вкупната додадена вредност на странските филијали во земјава.

    Бројот на регистрирани странски филијали во статистиката за 2024 година е значително поголем од оној што беше евидентиран во претходните години. Но, ДЗС посочува дека тоа е резултат на подобрен извор на податоци и дека поголемиот број опфатени претпријатија нема значително влијание врз измерениот придонес на фирмите контролирани од странство во вкупната економија. Затоа директното споредување на самиот број компании со претходните години треба да се прави внимателно.

    И токму тука е суштината на статистиката. Прашањето не е само колку странски компании работат во Македонија, туку колкава економска тежина имаат. А бројките на ДЗС покажуваат голема диспропорција: 4,7 проценти од претпријатијата ангажираат речиси четвртина од вработените во деловниот сектор и создаваат повеќе од третина од неговата бруто-додадена вредност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично