ПОВЕЌЕ

    Наместо поголема батерија – помал отпор: рецептот на „Фолксваген“ за рекорден досег

    Време зa читање: 2 минути

    „Фолксваген“ постави три светски рекорди со својот електричен прототип Mission Efficiency, а највпечатлив е податокот за потрошувачка од само 6,48 kWh на 100 километри. Но, суштината на проектот не е само во рекордот, туку во поинаквиот пристап: наместо поголема батерија, автомобилот е направен да троши што е можно помалку енергија.

    Рекордната потрошувачка е постигната во идеални услови, при брзина од околу 68 km/h, на рамна патека и со исклучена климатизација. Сепак, добри резултати се постигнати и во реално возење. На пат од Волфсбург до Виена, долг повеќе од 1.270 километри, автомобилот имал просечна потрошувачка од 6,89 kWh/100 km, односно 7,51 kWh кога ќе се вклучат и загубите при полнење.

    Особено интересно е што Mission Efficiency нема огромна батерија. Нејзиниот капацитет е 54,9 kWh, а високата ефикасност е постигната главно со исклучително добра аеродинамика. Коефициентот на воздушен отпор е само 0,158, благодарение на ниската каросерија, покриените задни тркала, рамното подвозје и активните отвори за ладење.

    Според „Фолксваген“, при брзини над 80 km/h автомобилот троши повеќе од 30 проценти помалку енергија од ID. Polo, а при 140 km/h троши приближно колку ID. Polo при 100 km/h.

    Под каросеријата се наоѓа електромотор со 99 kW, односно околу 135 коњски сили. Максималната брзина е 160 km/h, а официјалната WLTP-потрошувачка изнесува 8,4 kWh/100 km.

    Инженерите штеделе енергија и тежина на речиси секој детал. Автомобилот има електромеханички задни сопирачки, соларен систем од 370 W, кој во поволни услови може да придонесе за до 30 километри дополнителен досег дневно, а во кабината нема ниту класичен голем централен екран. Наместо тоа, возачот може да користи сопствен телефон или таблет.

    Mission Efficiency засега останува концепт, но идејата зад него е многу поширока. Наместо електричните автомобили постојано да добиваат сè поголеми и потешки батерии, „Фолксваген“ покажува дека поголем досег може да се добие и со помала потрошувачка.

    Токму тоа може да биде една од главните насоки во развојот на идните електрични автомобили – не кој ќе има најголема батерија, туку кој ќе троши најмалку енергија за секои 100 километри.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично