ПОВЕЌЕ

    Што е сработено во Сопиште за една година: Од улици и градинка до инвестиција од над 5 милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    Општина Сопиште во изминатата безмалку една година реализирала, започнала или обезбедила средства за повеќе инфраструктурни и комунални проекти, инвестиции во образованието, спортот и животната средина, соопшти градоначалникот Јане Мицевски, презентирајќи ги резултатите од првата година од мандатот.

    Значаен дел од активностите, според презентираниот отчет, се однесуваат на патната инфраструктура. Реконструирана е улицата 20 во Нова Брезница во должина од 1.700 метри, целосно е асфалтирана улицата број 11 во Сопиште, а започната е реконструкцијата на улицата 14 во Горно Соње, во должина од 234 метри, каде што се очекува завршување на финалната фаза на асфалтирање.

    Реконструирана е и улицата 5 во Добри Дол, во должина од 667 метри, додека улицата 1 во Горно Соње е асфалтирана во должина од повеќе од 1.200 метри. Целосно е реконструиран и мостот што ги поврзува Ракотинци и Добри Дол.

    Со поддршка од Владата била реализирана и рехабилитацијата на улицата што го поврзува населеното место Света Петка со спојот кон патот за ХЕЦ „Света Петка“. Станува збор за делница долга 1.696 метри, на која, според податоците од отчетот, се поставени 6.054 квадратни метри асфалт.

    Во населеното место Сопиште е изградена нова пешачка патека, заедно со нова подземна инфраструктура, канделабри за улично осветлување и урбана опрема. Проширена е и главната улица во делот пред црквата „Св. Мина“, каде што сега се оспособени две коловозни ленти и пешачки патеки од двете страни. Асфалтиран е и крак од улицата 1 во Света Петка.

    Во тек е и реконструкцијата на патниот правец Добри Дол – Марков Манастир. Почетокот на градежните активности за првата фаза од овој патен правец, во должина од 500 метри, беше објавен на 25 август.

    Од општинскиот буџет, според отчетот, дополнително се обезбедени 10 милиони денари за реконструкција на улици во сите населени места. Реализирана е и нова рекреативно-планинска патека „Феникс“, која ги поврзува Горно Соње и Крст Водно.

    Дел од активностите биле насочени кон децата и образованието. Во Сопиште беше отворена новата детска градинка „Сонце“, со капацитет за згрижување 84 деца. Отворањето на објектот беше на 4 јануари 2026 година.

    Општината, според презентираните информации, за првпат обезбедила бесплатна училишна униформа за секое дете, а за првачињата биле обезбедени анатомски училишни ранци со училишен прибор.

    Во централното основно училиште „Драга Стојановска“ е поставен нов кров, со нова кровна конструкција, кровни панели, олуци и систем за одводнување. За градинките, училиштата и јавните установи биле обезбедени и 100 инвертер-клими, преку донација од компанија која во соопштението не е именувана.

    Инвестиции се реализираат и во спортската инфраструктура. Започнало обновување на урбаната опрема и модернизирање на спортските игралишта на територијата на општината, а започната е и целосна реконструкција на спортскиот центар „Црвена Прст“. Во населеното место Сопиште е поставена и отворена фитнес-зона.

    Во делот на животната средина, од Општината информираат дека се отстранети диви депонии во Добри Дол, Јаболце и Говрлево и дека биле спроведени повеќе теренски еко-акции. Во соработка со „Пакомак“ се обезбедени 200 канти за отпад, а обезбедени се и средства за набавка на две нови возила за одржување на јавната чистота. За возилата во моментов се спроведува постапка за јавна набавка.

    Во соработка со ЕВН Македонија започнати се земјено-градежни активности за каблирање и модернизација на електродистрибутивната мрежа. Во Горно и Долно Соње, според отчетот, се пуштени во употреба две нови трафостаници. Во Долно Соње започнало и бушење на нов истражно-експлоатационен бунар со планирана длабочина од 100 метри, кој треба да придонесе за постабилно водоснабдување.

    Меѓу поголемите најавени приватни инвестиции е изградбата на првиот трговски центар во Општина Сопиште. Според информациите што ги презентираше градоначалникот, инвестицијата е вредна над пет милиони евра, а веќе е поставен камен-темелникот. Во соопштението се наведува и дека Општината води разговори со други потенцијални инвеститори, без да се посочат нивните имиња или конкретни инвестициски проекти.

    Во изминатиот период биле организирани и првите Бадникови поворки во општината, со учество на повеќе од 100 деца, како и новогодишен хепенинг со поделба на пакетчиња.

    Мицевски најави дека локалната власт ќе продолжи со инвестиции во инфраструктурата и населените места и во следниот период, посочувајќи дека целта е натамошен развој и уредување на Општина Сопиште.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично