ПОВЕЌЕ

    ВРЕДАТ МИЛИОНИ, НО РЕЧИСИ НИКОГАШ НЕ СЕ ПРОДАВААТ: Ова се 10-те најретки спортски автомобили на сите времиња

    Време зa читање: 8 минути

    Кај најретките спортски автомобили во светот цената одамна престанува да се формира според коњските сили, забрзувањето или опремата. Кога се работи за овие убавци на четири тркала, кои потекнуваат од различни временски епохи, она што се нуди под и над хаубата е историја – конкретно шасија, тркачко педигре, оригиналност и фактот дека од некој модел постојат само два, три или пет примероци.

    Не постои официјална светска листа на „10-те најретки автомобили“, бидејќи има голем број уникатни прототипови и автомобили изработени по нарачка. Затоа, „Пари“ издвојува 10 од најретките спортски и спортско-тркачки автомобили за кои постојат релевантни податоци за нивната пазарна вредност, подредени според највисоката јавно потврдена продажна цена. Исклучок е Bugatti Type 57 SC Atlantic, кој практично не се појавува на пазарот, па кај него е користена проценката објавена од самиот Bugatti.

    1. Mercedes-Benz 300 SLR Uhlenhaut Coupé – €135 милиони

    Само два примероци. Mercedes-Benz го создал 300 SLR Uhlenhaut Coupé во Германија во 1955 година како затворена верзија на својот исклучително успешен тркачки 300 SLR, со намера автомобилот да се натпреварува во сезоната 1956. Но, Mercedes се повлекол од мотоспортот на крајот од 1955 година и двата автомобили никогаш не добиле вистинска тркачка кариера. Едниот го користел главниот инженер Рудолф Уленхаут како службен автомобил, од каде потекнува и името. Во мај 2022 година Mercedes продаде еден од двата примероци на специјално организирана аукција во музејот на компанијата во Штутгарт за неверојатни 135 милиони евра. Двата оригинални автомобили и денес постојат, а продажбата од 2022 година останува рекорд за автомобил.

    2. Bugatti Type 57 SC Atlantic – повеќе од €100 милиони

    Меѓу 1936 и 1938 година во Молсхајм биле создадени само четири Bugatti Type 57 SC Atlantic, а нивниот дизајн е дело на Жан Бугати. Три автомобили биле испорачани на клиенти, додека четвртиот – црниот Atlantic на Жан Бугати, познат како „La Voiture Noire“ – исчезнал пред Втората светска војна и никогаш не бил пронајден. Bugatti наведува дека денес три од четирите автомобили се познати, но само два се зачувани во целосно оригинална состојба. Тие практично не се појавуваат на пазарот. Самата компанија наведува проценка од околу или над 100 милиони евра, а доколку исчезнатиот „La Voiture Noire“ некогаш биде пронајден, Bugatti проценува дека би можел да вреди повеќе од 100 милиони евра.

    3. Ferrari 330 LM / 250 GTO by Scaglietti – $51.705.000

    Ова е Ferrari за кое дури и ознаката бара објаснување. Шасијата 3765 е создадена во Маранело во 1962 година и е единствениот фабрички 250 GTO Tipo 1962 кој првично добил четирилитарски мотор и кој директно го користела Scuderia Ferrari. Автомобилот настапувал на Нирбургринг и на 24 часа Ле Ман, а подоцна фабриката го вратила во Маранело и го конвертирала во 250 GTO спецификација со трилитарски мотор. Поради оваа единствена комбинација RM Sotheby’s го води како Ferrari 330 LM / 250 GTO. Во ноември 2023 година автомобилот беше продаден во Њујорк за 51.705.000 долари, со што стана еден од најскапите автомобили што некогаш смениле сопственик на јавна аукција.

    4. Ferrari 412P Berlinetta – $30.255.000

    Ferrari 412P е производ на златното време на трките на издржливост и директната војна меѓу Ferrari и Ford. Моделот е создаден во Маранело за сезоната 1967 како „клиентска“ верзија на прототипите на Ferrari за приватните тркачки тимови. Вкупно четири автомобили ја носеле 412P конфигурацијата, но само два биле изградени од почеток како 412P, додека другите два потекнувале од претходните 330 P3. Автомобилот со шасија 0854, каросериран од Fantuzzi и испорачан на британскиот Maranello Concessionaires, во 2023 година беше продаден на Bonhams за 30,255 милиони долари. Тој е особено ценет бидејќи ги задржал оригиналната шасија, мотор, менувач и каросерија.

    5. Ferrari 290 MM – $28.050.000

    Ferrari произведе само четири 290 MM во 1956 година, специјално развиени за легендарната Mille Miglia. Создадени во Маранело, со каросерија на Scaglietti и V12 мотор, овие автомобили биле возени од имиња како Хуан Мануел Фанџо, Фил Хил, Питер Колинс и Еуџенио Кастелоти. Најпознатиот примерок, шасија 0626, бил направен за Фанџо и во декември 2015 година беше продаден од RM Sotheby’s во Њујорк за 28,05 милиони долари. Реткоста е само половина од приказната – кај ваков Ferrari огромен дел од вредноста доаѓа од директната поврзаност со најголемите возачи и трки од педесеттите години.

    6. Ferrari 275 GTB/C Speciale – $26,4 милиони

    Ако 36-те примероци од 250 GTO се сметаат за екстремно ретки, Ferrari 275 GTB/C Speciale оди уште подалеку – изработени се само три. Тие се создадени во Маранело во 1964 година, со ултралесна алуминиумска каросерија на Scaglietti, тркачки V12 и цела низа механички решенија наменети за натпреварување. Првиот од трите автомобили, шасија 06701, беше продаден во Монтереј во 2014 година за 26,4 милиони долари. RM Sotheby’s го опиша како поредок дури и од неговите „роднини“ 250 GTO.

    7. Aston Martin DBR1 – $22,55 милиони

    Aston Martin почнал да го развива DBR1 во Велика Британија во 1956 година по промената на правилата во Светскиот шампионат за спортски автомобили и на Ле Ман. До 1959 година биле направени само пет примероци. DBR1 стана еден од најзначајните автомобили во историјата на Aston Martin, а моделот победи на 24 часа Ле Ман во 1959 година и помогна компанијата истата година да ја освои светската титула. Првиот произведен автомобил, DBR1/1, во 2017 година на RM Sotheby’s во Монтереј достигна 22,55 милиони долари, тогашен рекорд за британски автомобил продаден на аукција.

    8. McLaren F1 „LM-Specification“ – $19.805.000

    Ова не е еден од петте оригинални портокалови McLaren F1 LM, туку нешто можеби уште поретко. McLaren изградил 64 сериски патнички F1, но по завршувањето на производството само два стандардни F1 биле фабрички преработени во LM-Specification, со нерестриктиран 680-КС GTR мотор и уште поагресивен пакет за потисна сила. Примерокот 018 бил произведен во Велика Британија во 1994 година, а во 2000 и 2001 година бил вратен во фабриката во Сари за конверзијата. Во 2019 година на аукцијата во Монтереј достигна 19.805 милиони долари, тогаш рекорд за McLaren.

    9. Alfa Romeo 8C 2900B Lungo Spider by Touring – $19,8 милиони

    Во времето кога голем дел од Европа сè уште се движел по патишта полни со многу побавни автомобили, Alfa Romeo 8C 2900B можел да вози со брзини што биле речиси незамисливи за крајот на триесеттите години. Шасиите ги произведувала Alfa Romeo во Милано, а прекрасната алуминиумска каросерија ја изработувала миланската Carrozzeria Touring со својата Superleggera технологија. Од приближно 32 шасии 8C 2900, околу 12 добиле Touring Spider каросерија, а само седум биле на долгото „Lungo“ меѓуоскино растојание; понови проценки наведуваат дека само околу пет Lungo Spider преживеале во значајна оригинална форма. Еден примерок од 1939 година во 2016 достигна 19,8 милиони долари на RM Sotheby’s.

    10. Ferrari 375 Plus – $18,4 милиони

    Ferrari 375 Plus е создаден во Маранело во 1954 година како оружје за Светскиот шампионат за спортски автомобили. Со огромен V12 од речиси пет литри и околу 330 КС, моделот бил способен за приближно 280 км/ч – екстремна бројка за средината на педесеттите. Биле произведени само пет примероци, а автомобилите настапувале на Mille Miglia, Ле Ман и Carrera Panamericana. Примерокот со шасија 0384, кој имал фабричка тркачка историја, во 2014 година на Bonhams во Гудвуд беше продаден за 18,4 милиони долари.

    РЕТКОСТА Е ВАЖНА, НО НЕ Е ДОВОЛНА

    Интересно е што бројот на произведени автомобили сам по себе не ја одредува цената. На светот има модерни суперавтомобили направени во еден или два примерока кои вредат многу помалку од Ferrari произведен во 20 или 30 примероци. Кај врвниот колекционерски пазар пресудни се историјата на конкретната шасија, оригиналноста на моторот и каросеријата, резултатите на трките, познатите возачи што седеле зад воланот и фактот дали автомобилот бил директно користен од фабричкиот тим.

    Токму затоа на овој пазар два наизглед исти автомобили можат да имаат разлика во вредност од десетици милиони долари. А кај модели како Uhlenhaut Coupé или Bugatti Atlantic, вистинскиот проблем за милијардерот кој сака да ги купи не е цената – туку дали сопственикот воопшто ќе прифати да ги продаде.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично