
Канада би можела да стане првата придружна членка на ЕУ, изјави Урсула фон дер Лајен во своето редовно годишно обраќање пред Европскиот парламент, најавувајќи потенцијално нов и досега невиден однос со Отава. „Би сакала да ја отворам вратата Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија“, рече таа за време на својот говор за состојбата на Унијата, на кој присуствуваше канадскиот премиер Марк Карни.
Таа не прецизираше што би подразбирало придружното членство.
„Партнерствата се стратешки избор за Европа. Но, тие исто така претставуваат одговор на пукнатините во меѓународниот систем заснован на правила“, изјави Фон дер Лајен во своето годишно обраќање за состојбата на Европската Унија пред Европскиот парламент во Стразбур.
„На светот гледаме со исти очи: од вештачката интелигенција до климатските промени, од Арктикот до геополитиката. И настапувавме заеднички: во однос на Украина, одбраната, суровините и синџирите на снабдување. Но, пред сè… Европа и Канада веруваат во демократијата.“
Идејата за придружно членство на Канада во ЕУ прв ја обелодени германскиот канцелар Фридрих Мерц уште во мај годинава во мај, кога предложи ЕУ да воведе статус на „придружно членство“ за Украина како преоден чекор кон полноправно членство, што би му овозможило на Киев да учествува во институциите на ЕУ без право на глас додека го продолжува процесот на пристапување.
Сепак, преовладувачкото мислење меѓу високите функционери на ЕУ беше дека на Канада не може да ѝ се понуди членство бидејќи таа се наоѓа надвор од европскиот континент – територијален услов предвиден во европските договори.
Оваа најава уследи по извештајот на „Волстрит џурнал“ од минатата недела, според кој Карни истражувал дали Канада би можела да стане „придружна членка“, додека Отава се обидува да ги продлабочи врските со Европа во услови на влошени трговски односи со САД.
Канадскиот премиер Марк Карни претходно оваа недела изјави дека Канада се залага за „единствено партнерство“ со ЕУ, но не и за членство. Фон дер Лајен го покани Карни да ѝ се придружи во Стразбур, а тој ќе одржи говор во четврток.
Европската посета на Карни уследи по историското влошување на односите меѓу Канада и САД, откако минатиот месец пропаднаа трговските преговори, што поттикна низа реципрочни царински мерки.
„Ги делиме истите вредности, ги имаме истите приоритети и поседуваме многу комплементарни силни страни“, им рече Карни на новинарите во неделата.
Анкета од март 2025 година покажа дека речиси половина од Канаѓаните го поддржуваат потенцијалното членство во ЕУ.
Во Брисел, дипломатите размислуваат за тоа како би можело да изгледа едно такво решение.
„Канада е доволно голема, важна и со слични ставови, па можеби би можела да има малку поинаков, поприлагоден пристап“, изјави за „Еурактив“ еден висок европски дипломат.
Како алтернатива, Канада би можела да се приклучи кон ЕЕА (Европската економска област) – договорот со кој единствениот пазар на ЕУ се проширува на Исланд, Норвешка и Лихтенштајн. Сепак, тоа решение изгледа малку веројатно.
„Не сметам дека е веројатно, но не велам дека е невозможно“, изјави за „Еурактив“ еден функционер од ЕЕА.
(Фото: European Parliament)
Аналитика








