Во август, извозот на автомобили од Кина скокна за импресивни 67,1%, достигнувајќи 890.000 извезени единици, со што вкупната бројка од почетокот на годината се искачи на 6,2 милиони патнички возила, според податоците на CAAM. Организацијата наведува дека минатата година земјата извезла околу 7,1 милион возила од сите видови, но нешто помалку од 6 милиони патнички возила.
Во првите осум месеци од годината Кина веќе го има надминато својот рекорд во извозот на автомобили, а тоа во голема мера се должи на растот на моделите на електрични возила (EV) и приклучни хибриди (PHEV). На глобално ниво, светот се свртува кон електрификација, а Кина е неприкосновен лидер во понудата на што е можно повеќе електрифицирани модели.
Моделите EV и PHEV се главните двигатели на растот на извозот.
Кинеската автомобилска индустрија продолжува да исфрла нови модели на пазарот, а сепак тој пазар во матичната држава продолжува да се намалува. Според Кинеската асоцијација на производители на автомобили (CAAM), продажбата на патнички автомобили во земјата опаднала за околу 25% на годишно ниво во август, во услови на поширока економска слабост. Најголемиот удар го претрпеа автомобилите со мотори со внатрешно согорување, бидејќи кинеските возачи сè повеќе се префрлаат на возила што се приклучуваат на струја (plug-in возила).
Сепак, падот на домашната продажба во Кина се компензира со нагло зголемениот извоз на автомобили од земјата.
Кинеските производители со години се обидуваат да се прошират на меѓународните пазари. Тие постигнаа значителен успех ширум светот, вклучително и во Европа, Латинска Америка и Југоисточна Азија. Квалитетот и привлечноста на моделите се зголемени, додека цените остануваат атрактивни. Иако некои земји воведуваат царини за кинескиот увоз за да ги заштитат сопствените капацитети за производство на автомобили, севкупниот извоз бележи голем пораст.
Еден од најдобрите примери е Австралија. Според „Cox Automotive Australia“, кинеските брендови сега сочинуваат речиси една третина од австралискиот пазар на автомобили. Секако, постои и увоз на возила исклучиво на бензин од компании како „Great Wall Motors“ или „SAIC“, но најголемиот дел од продажбата отпаѓа на хибридни, електрични (EV) или приклучни хибридни (PHEV) модели.
ПОДОБРИ РЕЗУЛТАТИ ВО СТРАНСТВО ОДОШТО ДОМА
Постојат неколку причини зошто кинеските производители се фокусираат на извозот. Додека на домашниот пазар компаниите се вклучени во жестока ценовна војна, во странство тие можат да наплаќаат повисоки цени и да остваруваат поголеми маржи, велат аналитичарите. Покрај тоа, извозот станува сè поважен додека компаниите се соочуваат и со огромни капацитети за производство на автомобили и со забавување на продажбата на домашниот пазар.
Сега се поставува прашањето дали Кина може да го одржи тоа темпо. Јасно е дека пазарите ширум светот – особено оние што немаат силна домашна автомобилска индустрија – се подготвени да купуваат возила од марките BYD, Geely и слично. Канада неодамна дозволи ограничен увоз од Кина, а Мексико веќе е преплавено со такви возила.
Сепак, некои региони поставуваат пречки. САД, се разбира, применуваат царини од 100 % за кинеските автомобили и размислуваат за воведување уште поизразита забрана. Според извештаите, Европската унија разгледува можност за повисоки царини за кинеските „плаг-ин“ хибриди, откако тие возила успеаја да ги избегнат царините наменети за целосно електричните возила.
(Фото: BYD Atto 3 Evo)
Аналитика








