ПОВЕЌЕ

    ФОЛКСВАГЕН СЕЧЕ ДЛАБОКО: Мото-брендот Дукати подготвен за продажба, опстанокот на СЕАТ под знак прашалник

    Време зa читање: 6 минути

    Иако некогаш стратегијата на Volkswagen беше да собира автомобилски брендови и да гради една од најголемите автомобилски империи во светот, денес, под притисок на падот на профитабилноста, кинеската конкуренција, американските царини и огромните трошоци за преминот кон електрични автомобили, германскиот гигант активно бара можности да се ослободи од некои делови од империјата.

    Во таа пресметка повторно се најдоа две познати имиња – италијанскиот производител на мотоцикли Ducati и шпанскиот автомобилски бренд SEAT.

    Фолксваген ја разгледува можноста за продажба на Дукати, италијанскиот производител на мотоцикли во сопственост на неговата дивизија Ауди.

    Кај Ducati веќе отворено се разгледува можноста за продажба, додека кај SEAT сè поизвесна станува сосема поинаква опција – брендот постепено да исчезне од пазарот, а неговото место во рамките на шпанската компанија да го преземе далеку поамбициозната CUPRA.

    ЛЕГЕНДАРНИОТ БРЕНД DUCATTI НА МАСА ЗА ПРОДАЖБА

    Извршниот директор на Audi, Гернот Долнер, потврди дека Ducati е дел од поширокото преиспитување на портфолиото на Volkswagen Group. „Тоа е дел од процесот на оценување. Ќе разговараме и за Ducati, но ништо сè уште не е одлучено“, изјави Долнер, нагласувајќи дека групацијата сака „дисциплинирано и одговорно управување со портфолиото“.

    Ducati е под контрола на Audi од 2012 година. Volkswagen тогаш преку своите компании го презеде познатиот производител од Болоња во период кога германскиот концерн агресивно го ширеше портфолиото и се стремеше да стане најголем автомобилски производител во светот. Официјалниот извештај на Volkswagen покажува дека за преземањето биле платени 747 милиони евра, додека вредноста на зделката со вклучен долг во тогашните медиумски извештаи се проценуваше на околу 860 милиони евра.

    Четиринаесет години подоцна логиката е обратна: Volkswagen бара што може да поедностави, продаде или издвојува за да ослободи капитал и да ја намали сложеноста на групацијата.

    Интересно е што Ducati не е компанија пред колапс. Во 2025 година италијанскиот производител остварил 925 милиони евра приходи и оперативна добивка од 52 милиони евра, со продадени 50.895 мотоцикли. Сепак, резултатите биле послаби од 2024 година, кога приходите изнесувале нешто над една милијарда евра, а оперативната добивка 91 милион евра. Во првата половина од 2026 година Ducati продал 27.876 мотоцикли и остварил приходи од 489 милиони евра.

    Оттука, евентуалната продажба повеќе би била стратешка одлука на Volkswagen, отколку спасување на еден од најпрепознатливите брендови на мотоцикли во Италија, Ducati.

    Volkswagen размислуваше да се раздели со Ducati и во 2017 година, непосредно по огромниот финансиски удар од аферата „Дизелгејт“. Тогаш групацијата ангажираше советници да ги разгледаат опциите, меѓу кои и продажба, за да обезбеди средства за стратегиското преструктурирање и инвестициите во електрични автомобили. Продажбата на крајот не се случи.

    Во јуни, италијанската инвестициска фирма PatrItalia потврди дека изразила интерес за купување на Ducati, нудејќи предлог од 2,5 милијарди евра за стекнување на 100 проценти од брендот, но во тоа време беше кажано дека Ducati не е на продажба.

    ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ СО СЕАТ?

    Веста за потенцијалното напуштање на Ducati од групацијата Volkswagen доаѓа откако германското деловно издание WirtschaftsWoche претходно овој месец објави дека Seat, шпанската подружница на групацијата Volkswagen, се соочува со исчезнување. „Брендот Seat ќе биде постепено укинат на уреден и економичен начин најдоцна до крајот на 2029 година, а воедно ќе се обезбеди континуирана поддршка за постојните клиенти и исполнување на постојните обврски“, се вели во интерен документ на групацијата Volkswagen, како што објави WirtschaftsWoche.

    Seat е еден од малкуте брендови на Volkswagen Group кој во голема мера се потпира на преименување и редизајнирање на основните производи на Volkswagen, како што се Leon (Golf), Ibiza (Polo) и Arona (T-Cross).

    Прејде во сопственост на Volkswagen во 1986 година, откако беше основан во 1950 година како заедничко вложување помеѓу шпанските фирми и италијанскиот производител на автомобили Fiat.

    Ситуацијата со SEAT е посложена. Volkswagen засега не соопштил дека сака да го продаде SEAT. Официјалниот став на компанијата е дека сите опции за иднината на брендот остануваат отворени, вклучително и негово постепено повлекување од пазарот по 2030 година.

    SEAT S.A. на 4 септември соопшти дека брендот има обезбедена програма за следните години. Во 2027 година се планирани благи хибридни верзии на Ibiza и Arona, но за следната генерација модели ситуацијата веќе не е толку сигурна.

    Компанијата директно признава дека построгите регулативи, економијата на електрификацијата и високите инвестиции потребни за развој на нови автомобили го прават понатамошното инвестирање во SEAT сè потешко оправдливо.

    Тоа е значајна порака за бренд основан во 1950 година, кој во 1986 година влезе во Volkswagen Group и со децении беше еден од најпрепознатливите производители на автомобили во Шпанија.

    Но исчезнувањето на брендот SEAT не значи и исчезнување на компанијата SEAT S.A.

    Компанијата SEAT S.A., која ги опфаќа и SEAT и CUPRA и ги поседува големите производствени капацитети во Шпанија. И токму CUPRA сè повеќе ја презема улогата на главен бренд за иднината.

    Создадена како самостоен бренд во 2018 година, CUPRA веќе испорачала повеќе од еден милион автомобили, а Volkswagen и SEAT S.A. ја опишуваат како клучен двигател на идниот раст и профитабилност. До 2030 година целта е CUPRA да стигне до околу 3% пазарен удел во Европа и дополнително да се шири на меѓународните пазари.

    Во исто време, фабриката во Марторел треба да остане важен производствен центар на Volkswagen Group. Таму се индустријализира новата платформа MEB21 и производството на семејството мали електрични автомобили на групацијата.

    Најреалното сценарио во моментов би било дека името SEAT би можело постепено да се повлече, додека фабриките, вработените и индустриската структура продолжуваат да работат под сè поголемо влијание на CUPRA и другите проекти на Volkswagen.

    КРИЗАТА НА ФОЛКСВАГЕН

    Групацијата во 2025 година оствари приходи од 321,9 милијарди евра, речиси колку и една година претходно. Но оперативната добивка се урна од 19,1 на 8,9 милијарди евра – пад од 53 проценти. Оперативната маржа се намали од 5,9 на само 2,8 проценти. Добивката по оданочување падна од 12,4 на околу 6,9 милијарди евра.

    Само американските увозни царини во 2025 година го чинеле Volkswagen околу 2,9 милијарди евра. На тоа се додаваат трошоците за преструктурирање, проблемите на Porsche, огромните инвестиции во батерии и софтвер и регулаторните трошоци поврзани со емисиите во Европа.

    Во 2026 година притисокот дополнително се засили. Продажбата на некогаш исклучително профитабилниот кинески пазар се намалува, домашните кинески производители стануваат сè посилни, а нивните автомобили сè поагресивно навлегуваат и во Европа. Истовремено, американските царини ја притискаат профитабилноста на европските производители.

    Оперативната маржа на Volkswagen во првите шест месеци од 2026 година се спушти на 3,8 проценти, во споредба со 7,9 проценти во 2022 година.

    Одговорот на Волфсбург е најголемото преструктурирање во 89-годишната историја на групацијата. Надзорниот одбор веќе даде зелено светло за план кој предвидува уште 50.000 укинувања на работни места, со што вкупниот број предвидени кратења достигнува околу 100.000. Неизвесна е и иднината на четири германски производствени локации – Емден, Хановер, Цвикау и Некарсулм.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично