ПОВЕЌЕ

    Половина милијарда долари за ветерниот парк во Штип, обезбедени првите 180 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Алказар енерџи обезбеди 180 милиони евра за првата фаза од ветерниот парк во Штип, во која ќе бидат изградени 21 ветерна турбина, со вкупна инсталирана моќност од 131 мегават. Со тоа започнува следната фаза од инвестицијата, чија вкупна вредност треба да надмине 500 милиони долари.

    „Денес завршуваме со финансиската конструкција за 131 мегават и 21 турбина, со 180 милиони евра инвестиции што се обезбедени од ЕБОР, ИФЦ, Ерсте банка заедно со Шпаркасе банка. Не можам да го кажам името на компанијата, но можам да кажам дека таква компанија покажува доверба во држава како Македонија“, рече Даниел Калдерон, коосновач и генерален директор на Алказар енерџи.

    Ветерниот парк треба да се реализира во три фази и да достигне вкупен капацитет од 396 мегавати, со 54 ветерни турбини, со што би бил најголем во регионот. Кога ќе биде целосно изграден, според најавите, ќе произведува енергија за околу 148.000 домаќинства, ќе овозможи заштеда од 570.000 тони CO₂, а се очекуваат и околу 300 работни места.

    Премиерот Христијан Мицкоски инвестицијата ја оцени како ново енергетско поглавје за земјата.

    „Отпочнуваме инвестиција којашто на крајот, кога ќе биде целосно реализирана, ќе вреди околу половина милијарда долари. Но, она што дополнително ме охрабрува, е фактот што од инвеститорот слушнав дека тука ниту почнуваат, ниту завршуваат нивните планови за инвестирање во Македонија“, рече Мицкоски.

    Тој посочи дека проектот ќе донесе нови производни капацитети од обновливи извори, нова инфраструктура и стотици работни места, а Владата, како што нагласи, ќе продолжи да ги поддржува ваквите инвестиции.

    „Би сакал уште еднаш да испратам силна порака и до инвеститорот, но и до заемодавателите, дека ние како Влада имаме врвен приоритет да поддржуваме ваков тип гринфилд инвестиции“, рече Мицкоски.

    Според неговата оценка, потенцијалот на земјата за производство на електрична енергија од обновливи извори е значително поголем. Мицкоски посочи дека потенцијалот би можел да достигне 24 терават-часови што, според пресметките што ги изнесе, би претставувало бизнис од околу 2 милијарди евра годишно.

    Комбинацијата на одржлив транспорт и зелена транзиција е нешто што Македонија ја прави лидер во регионот, а токму реализација на проектот за изградба на ветерниот парк на компанијата Алказар во Штип е доказ дека државата има модерна иднина, озјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

    „Изградбата на ветерни паркови е важен чекор кон почиста и одржлива енергетска иднина. Со производство на зелена енергија од обновлив извор, го намалуваме загадувањето, ги штитиме природата и животната средина и создаваме услови за поголема енергетска независност на државата“, нагласи Николоски и воедно го изрази своето уверување дека во наредните три години ветерниот парк ќе биде пуштен во употреба.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично