ПОВЕЌЕ

    Инвестиција од 4,2 милиони евра за поголема хигиена – 49 комунални возила за Скопје и уште 10 општини

    Време зa читање: 3 минути

    Нивото на хигиена во Скопје, Куманово, Прилеп, Струмица, Штип, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и Велес треба да го подигнат 49-те нови комунални возила вредни 4,2 милиони евра. Ќе се користат за собирање отпад, за миење и чистење на градските улици во 11 општини. Набавката е реализирана со средства од Светска банка.

    Станува збор за 19 мултифункционални камиони од различен тип, девет специјализирани возила – цистерни за миење улици, и 21 мултифункционално возило за чистење на улиците.

    „Набавката на нови 49 комунални возила за општините ќе помогне за подигнување на нивото на хигиена што е исклучително значајно за подобрување на квалитетот на живот и урбаното живеење“, рече вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на промоцијата на возилата, на која присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, градоначалници и претставници на Светска банка.

    Според Николоски, проектот со Светската банка трае неколку години. Опфаќа ревитализација и  изградба на нови локални и регионални улици низ сите општини во државата. „Дополнително, во склоп на тој проект, заради останати неискористени финансии, одлучивме на општините во Македонија да им помогнеме со една ваква набавка“. Николоски објасни дека првично за набавката биле предвидени 5,5 милиони евра, но по спроведениот процес реализирана е за 4,2 милиони евра.

    Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, посочи дека градот дополнително набавил специјализирани возила, дел со сопствени средства, а дел преку донација.

    „Освен набавката на камиони од страна на државата преку Град Скопје, по пат на донација добивме еден камион и дополнително уште два коишто ги субвенциониравме ние, имаме три камиони кои самостојно ги набавивме како Град Скопје и Комунална хигиена“, рече Ѓорѓиевски, кој најави и дополнително зајакнување на опремата во главниот град.

    Како што наведе, во наредниот период „ќе направиме и самите промоција на уште пет камиони коишто самите ги обезбедивме, од коишто две се претоварни станици и дополнително завршува периодот за жалби, Градот Скопје во наредниов период ќе добие повеќе од 3.200 контејнери“.

    Според него, со поддршката од овој проект Скопје ќе добие повеќе од 27 возила.

    Новата опрема треба да биде ставена во функција за подобрување на комуналната хигиена, додека Николоски најави дека преку следните проекти ќе се обезбедат комунални возила и за други општини.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично