ПОВЕЌЕ

    МОТОРЏИИТЕ ВЕЌЕ НЕ СЕ „НЕВИДЛИВИ“ – „Сејф Сити“ почна автоматски да ги казнува

    Време зa читање: 2 минути

    Мотоциклистите кои досега сметаа дека полесно можат да поминат „под радарот“ на системот „Безбеден град“, веќе треба да бидат повнимателни. Од завчера системот автоматски ги детектира и мотоциклите што се движат со брзина поголема од дозволената, информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

    Според него, надлежните успеале да пронајдат техничко решение со кое и прекршоците направени со мотоцикл можат автоматски да бидат евидентирани на териториите каде што веќе функционира системот „Безбеден град“.

    „Ексклузивно е започнато со детектирање и автоматско ловење и на мотоциклите на територијата, таму каде што го имаме имплементирано Безбеден град“, изјави Тошковски во гостување на ТВ Сител.

    Во оваа фаза, автоматската контрола кај мотоциклистите се однесува на возење со недозволена брзина.

    Министерот испрати и директна порака до оние кои не ги почитуваат сообраќајните правила.

    „Нека не се изненадат оние кои глумат дека се моторџии и не ги почитуваат правилата, дека ќе бидат предмет на санкционирање од страна на системот ‘Безбеден град’“, порача Тошковски.

    Тој нагласи дека целта на новото техничко решение не е само санкционирање, туку пред сè поголема безбедност во сообраќајот – и за самите мотоциклисти и за останатите учесници.

    „Најдовме технички начин како да бидат и тие констатирани во рамките на сторувањето на прекршокот за возење со недозволена брзина“, посочи министерот.

    Првите официјални бројки за тоа колку мотоциклисти биле регистрирани и санкционирани преку системот се очекуваат до крајот на денот.

    Со ова, „Безбеден град“ го проширува опфатот на автоматската контрола, а мотоциклистите кои ја пречекоруваат дозволената брзина повеќе не се надвор од досегот на системот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично