ПОВЕЌЕ

    Килограм „ајварка“ носи 10 денари загуба – земјоделците од Струмичко утре ќе протестираат

    Време зa читање: 3 минути

    „Секој килограм пиперка што се продава денес е 10 денари загуба. Секој земјоделец работи за да биде во минус“. Со нови протести и блокади земјоделците утре во 11 часот повторно ќе го изразат своето незадоволство од откупната цена на „ајварката“, која одново падна. Договорот не се почитува, велат од Месното здружение на Млади Муртино.

    Четири дена важеле договорените цени, а веќе пет дена пиперките се откупува по 25 денари за килограм. Освен тоа, во најава се и нови пониски цени.

    Само 4 дена важеше договорот за пиперката, а еве веќе наредни 5 дена пиперот во струмичко се откупува по 25 денари килограм, за ‘честитка’ од фабриките имаме веќе најавено и нови пониски цени за од понеделник, реагираат од Здружението, посочувајќи дека претходно договорените цени од 40, 30 и 20 денари, зависно од класата, не се почитуваат.

    Земјоделците велат дека ситуацијата е особено тешка затоа што нивната пресметка покажува дека производната цена на еден килограм куртовска капија од пластеници е 29,22 денари.

    „Математиката е проста. Секој килограм пиперка што се продава денес е 10 денари загуба“, наведуваат од здружението, повикувајќи се на својата пресметка на производната цена.

    Од таму велат дека пет дена се обидувале проблемот да го решат преку разговор и биле во контакт со министерот за земјоделство Борче Серафимовски, кој бил медијатор при постигнувањето на договорот. Но, според нив, состојбата на терен не се променила.

    Посебно реагираат на тоа што, како што тврдат, не добиле писмени гаранции дека договорените откупни цени и класи ќе се почитуваат. Од Здружението потсетуваат и на ставот што, според нив, бил изнесен на состанокот – дека договорените цени јавно ќе бидат соопштени и дека фабриките ќе мора да ги почитуваат.

    „Еве го чекорот, министре, дојде за неполни четири дена од вашата прес-конференција. Сега на вас е редот“, порачуваат земјоделците.

    „Чесни и вредни земјоделци од: Банско, Муртино, Сачево, Свидовица, Куклиш, Робово, Дабиле, Босилово, Еднокуќево, Петралинци, Бориево, Моноспитово, Просениково, Василево, Пиперево, Добрејци, Сарај, Владевци, Нова Маала, Добрашинци, Ангелци, Вељуса, Гечерлија, Градско Балдовци и целата струмичка околина – ве повикуваме да излезете во што поголем број и да застанеме рамо до рамо!“, повикуваат од Млади муртино.

    Незадоволството утре ќе излезе на улиците. Месното здружение на Млади Муртино повикува на масовен земјоделски собир и блокади во Струмица, со почеток во 11 часот пред Министерството за земјоделство, а најавуваат дека ќе тргнат во 10:15 часот.

    Земјоделците се повикуваат да дојдат и со земјоделска и приклучна механизација. Од Здружението нагласуваат дека протестот ќе биде мирен и без партиска заднина.

    „Нема да дозволиме манипулации од неколкумина да ја одредуваат судбината на нашите семејства“, велат тие.

    Од Здружението бараат на протестот да се појави и министерот Серафимовски, но упатуваат повик и до локалните власти и до премиерот Христијан Мицкоски да дојдат во Струмица и директно да ги слушнат проблемите на земјоделците.

    Воедно, ги повикуваат медиумите да ја следат состојбата на терен и бараат институциите да обезбедат механизам со кој ќе се гарантира спроведувањето на договорените откупни цени.

    Земјоделците предупредуваат дека доколку цената продолжи да се намалува од недела во недела, проблемот ќе станува уште поголем со почетокот на откупот од отворено поле. Токму затоа, велат, прашањето повеќе не е само колку чини килограм пиперка, туку дали со актуелните откупни цени воопшто може да се покријат трошоците за производство и да остане заработка за земјоделецот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично