ПОВЕЌЕ

    Жито Полог никако да излезе од минус – за 6 месеци загуба од 361,9 илјади евра  

    Време зa читање: 2 минути

    Загубите во континуитет го следат работењето на Жито Полог Тетово. Во првото шестмесечје е во износ од 361,9 илјади евра, а доаѓа по акумулираниот минус од 881,4 илјади евра со кој компанијата ја заврши претходната 2025 година. Но, споредено со ланското прво полугодие, загубата е пониска за 1,34 отсто.

    Во првите шест месеци од годинава Жито Полог остварил вкупни приходи од од 1,43 милиони евра, што е за 2 насто повеќе на годишно ниво.

    Речиси целиот приход доаѓа од продажбата. Разните видови брашно и тестенини, заедно со дадените услуги имаат удел од 96 отсто во вкупните приливи на средства, а годинава се зголемиле за 4 насто. Најголемиот промет е направен на домашниот пазар и изнесува 1,28 милиони евра.

    Сепак, повисоките приходи не биле доволни за компанијата да излезе од зоната на загуба. Вкупните расходи достигнале 1,79 милиони евра, што е 3 насто повеќе од лани.

    Во првата половина од годината, според финансискиот извештај, Жито Полог имал мали вложувања, но значителни обврски. Во основни средства се инвестирани 4,8 илјади евра. Истовремено, продажбата и отписот на основни средства достигнале 66,1 илјада евра. Или, вредноста на продадените и отпишани основни средства е повеќе од 13 пати поголема од новите инвестиции.

    Компанијата има и кредитните обврски. Вкупните консолидирани обврски по кредити на крајот од првото полугодие изнесуваат 1,90 милиони евра.

    Од Жито Полог велат дека продолжуваат да работат на подобрување на финансиските резултати и одржување на ликвидноста. Во следниот период планираат активности за изнаоѓање нови пазари, подобрување на квалитетот и проширување на асортиманот на производите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично