ПОВЕЌЕ

    ГЕРМАНИЈА БРОИ ЗАГУБИ НА НИВИТЕ: Екстремното време го зема данокот

    Време зa читање: 4 минути

    Германскиот земјоделец денес сè помалку се прашува колкав принос ќе извади од хектар, а сè повеќе дали воопшто ќе има доволно вода во моментот кога на растенијата им е најпотребна. А ако дождот стигне – дали ќе биде корисен или ќе дојде како порој, со град и ветер, и ќе направи уште поголема штета?

    Тоа е новата реалност на германското земјоделство. Земја која со децении ја градеше својата аграрна продуктивност врз технологија, механизација и високи приноси, сега се соочува со производен фактор што тешко се контролира – сè понестабилното време.

    Пролетта во Германија донесе само околу 126 литри врнежи на квадратен метар, или околу две третини од долгорочниот просек. Во Баварија паднаа само околу 45 проценти од вообичаените количества дожд. Потоа дојде жештината. Во јуни беше измерена температура од 41,8 степени Целзиусови, нов германски рекорд.

    За земјоделството тоа не е само метеоролошка статистика. Кога екстремната топлина ќе се совпадне со периодот во кој растенијата го формираат зрното или плодот, последицата многу брзо се претвора во помал принос.

    Првите официјални проценки за 2026 година веќе го покажуваат тоа. Германија очекува производство од околу 37,5 милиони тони жито без зрнеста пченка, што е седум проценти помалку од минатата година. Просечниот принос се проценува за 5,2 проценти понизок. Кај зимската пченица, најважната житна култура во земјата, се очекуваат околу 20,6 милиони тони, или 8,7 проценти помалку од 2025 година.

    Проблемот, притоа, повеќе не е само во тоа што „нема дожд“. Сè почесто дождот доаѓа во погрешно време или во форма на кратки и интензивни врнежи. Голема количина вода може да падне за неколку часа, но брзо да истече по површината, без доволно да навлезе во почвата. Така, месечната статистика може да покаже дожд, а нивата и натаму да остане жедна.

    Во јули недостигот од вода продолжи. На национално ниво паднаа околу 40 литри дожд на квадратен метар, наспроти долгорочниот просек од околу 78 литри. Во делови од западна и југозападна Германија беа измерени помалку од 10 литри за целиот месец. Јули беше петти последователен месец со недостиг од врнежи.

    Тоа ја претвора климатската нестабилност и во финансиски ризик. Земјоделецот може истовремено да добие помал принос и да има поголеми трошоци. Наводнувањето бара вода, енергија и инфраструктура, а кога производството паѓа, фиксните трошоци по произведен тон дополнително растат.

    Германија веќе ја зголемува површината под наводнување. Во 2022 година биле наводнувани околу 554.000 хектари земјоделско земјиште, но тоа е само околу 3,3 проценти од вкупната површина. Огромен дел од германското земјоделство и натаму зависи директно од врнежите.

    Дополнителен проблем е осигурувањето. Историските податоци покажуваат дека сушата е убедливо најголемиот извор на временски загуби во германското земјоделство, но само мал дел од обработливите површини се осигурени токму од суша. Причината е едноставна – за разлика од градот, кој може да погоди една нива и да ја поштеди соседната, сушата може истовремено да зафати цели региони. Затоа таа е и многу поскап ризик за осигурување.

    Сепак, ова не значи дека Германија ќе остане без храна или дека цените во супермаркетите автоматски ќе скокнат. Земјоделските пазари се глобални, а на цените влијаат и увозот, извозот, енергијата, залихите и жетвите во други земји. Но почестите временски екстреми ја прават една работа многу поверојатна – поголема нестабилност на производството и на приходите на фармерите.

    Германското земјоделство затоа веќе се приспособува. Се бараат сорти поотпорни на суша, почви што подобро ја задржуваат влагата, попрецизни системи за наводнување и начини дождовницата подолго да остане во пејзажот. Инвестициите кои пред десет години изгледале како дополнителен трошок, сè повеќе стануваат услов за опстанок на фармата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично