
Брашно, вода, квасец и мајсторството состојките да се спакуваат во примамливи печива се „тајниот“ рецепт за успешна работа и добра заработка. Промет од 160,6 милиони евра е направен минатата година во пекарниците и слаткарниците низ земјава. Толку пари потрошиле граѓаните за леб, свежи печива и за разно-разни солени и слатки задоволства.
Дали поради поголемиот интерес или ценовните корекции, вкупниот приход за една година нараснал за 7,86 насто. Дејството на квасецот било уште посилно кај добивката – се зголемила за 13,63 насто, од 10 милиони евра во 2024 година на ланските 11,4 милиони евра.
Ова се резултатите на 870 трговски друштва што работат во дејноста производство на леб, свежи печива и слатки. Анализата на Пари, во чија основа се податоците од Бизнис Мрежа, покажува и дека десетте најголеми компании според приход заедно направиле 59,1 милион евра, што е за 3,68 насто повеќе од прекланските 57 милиони евра.
Извор: Бизнис Мрежа
ВО ЖИТО ЛУКС ГРАЃАНИТЕ ОСТАВИЛЕ 20,7 МИЛИОНИ ЕВРА
Од аспект на приходите, се чини дека најверни купувачи има Жито Лукс, што може да се поврзе и со осумдецениската традиција. Компанијата во 2025 година има прометна реализација од 20,7 милиони евра, речиси колку и претходната година, кога приходот изнесувал 20,6 милиони евра. Растот во овој сегмент е 0,63 насто. Исто така, приливите на оваа мелничко-пекарска компанија „бегаат“ пред конкуренцијата.
Од продажбата на познатите охридски ѓевречиња, леб и други печива, Жито Леб од Охрид направила приход од 8,9 милиони евра. Износот е за 1,79 насто повисок од преклани.
Треторангирана е скопската компанија Диме со 5,5 милиони евра приход. Прометот на оваа пекарница е единствениот на листата топ 10 проследен со пад. Всушност, се работи за помалку од еден процент, поради кој приходот се намалил за околу 100 илјади евра.
Потрошувачите го направиле својот избор на снабдувач, создале навики, па годишните процентуални движења не отскокнуваат многу – одат од под 1 до над 13 насто. Најголем раст остварила Алгомак од Свети Николе, за 13,51 насто. Во апсолутен износ приходот на компанијата се зголемил од 2,4 на 2,7 милиони евра.
Сличен раст, од 13,47 насто, има и скопската компанија Кисми, чиј приход пораснал од 2,8 на 3,2 милиони евра. А, пак, производителот на леб, печива и слатки од Челопек, Пекон, го зголемил прометот за 12,44 насто, на 3 милиони евра. Двоцифрен раст (+ 12,26 %) остварила и Жито клас Силбо, која остварила приход од 5,5 милиони евра.
Извор: Бизнис Мрежа
САМО ЖИТО КЛАС СИЛБО ИМА МИЛИОНСКА ДОБИВКА ВО ЕВРА
Не за кого е печено, туку за кого е речено – највисоката добивка не му припаѓа на најголемиот приходоносец. Од сите измесени теста и продадени печива најголема е заработката на Жито клас Силбо, од 1,5 милиони евра. За една година профитот е зголемен за 20,64 насто.
И втората добивка на листата е направена во семејството Милеви. Жито Скопје Силбо ја заокружила 2025 година со 560,4 илјади евра и со профитен раст од 62,51 насто.
Потоа следи Мигрос Битола со добивка од 552,2 илјади евра, што е за 24,37 насто повеќе од 444-те илјади евра заработени претходната година.
Меѓу најпрофитабилните во дејноста се и три препознатливи слаткарски имиња. Шарлота-ДФМ во 2025 година остварила добивка од 482 илјади евра (+ 22,28 %), а Делициа од 382,8 илјади евра (‒ 7,29 %). Забележлив раст остварила Блондина, од 48,6 илјади евра преклани на 358,1 илјада евра лани. Во билансот на успех е запишан раст од 636,30 насто.
Убедливо најсилната по приход, Жито Лукс, е петта според добивката. Компанијата лани заработила 432,9 илјади евра, за 13,49 насто помалку отколку во 2024 година.
Блондина го има највисокиот профитен раст, а Жито центар од Чучер-Сандево најголемиот пад. Добивката на овој производител паднала од 531,5 илјади на 287,7 илјади евра, односно за 45,88 насто.
Топ десетте компании според добивка имаат заедничка добивка од 5,2 милиони евра, која е за 20,93 насто поголема од добивката од 4,3 милиони евра преклани.
Извор: Бизнис Мрежа
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








