Скопјани нека не потпаѓаат под влијание на дезинформации кои неодговорно се шират по социјалните мрежи за наводно присуство на бактерии во водата во Скопје, водата во градскиот водовод е чиста и исправна за пиење, изјавија од ЈП Водовод и Канализација за порталот Пари, од каде додаваат дека квалитетот и безбедноста на водата за пиење редовно лабораториски се испитува за хемиско-физичка и микробиолошка исправност и резултатите не покажале никакви отстапувања од пропишаните стандарди.
Од јавното претпријатие најавија и дека за кусо време ќе излезат со соопштение со кое подетално ќе ја информираат јавноста за исправноста на скопската вода и ќе ги демантираат ваквите шпекулации.
На социјалните мрежи денес се појави следната порака:
„Дечки, во водата во Скопје изолирана е E. coli. Да не пиете и да си ги известите сите. Оти немаат уште објавено, а веќе имало два случаи на клиника“, се наведува во пораката која во текот на денот почна масовно да се препраќа, но притоа не беше наведено на што се темели таквото тврдење.
Сепак, ова ги запали мрежите па на темава се произнесуваа и стручни лица, како епидемиологот, др Нико Беќаровски, кој на својот Фејсбук профил напиша:
„Пола работен ден ми помина во одговарање на телефонски позиви на загрижени граѓани, познаници, пријатели и другари од Скопје, за наводна контаминираност на скопската вода со бактеријата Esherichia colli.
Искрено не знам и не верувам дека оваа шпекулација е точна и ги замолувам надлежните институции да излезат со свој официјален и со докази аргументиран став, бидејќи овој психолошки немир создава чувство на страв и недоверба.
Јас водата од чешма и денес како и сите овие години без никаков страв ја консумирам.
“Рашче” е најголемото богатство со кое располага нашиот град, затоа треба да го чуваме “како зеницата на окото”.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски за денес во 14 часот најави прес конференција.
ЈП Водовод и канализација врши редовни лабораториски испитувања на квалитетот и безбедноста на водата од скопскиот водовод спроведени во Секторот за санитарна контрола и за тоа ја информира јавноста. Во денешниот неделен извештај на Водовод, се вели: Секторот за санитарна контрола во периодот од 04.05.2026 до 08.05.2026 зема 192 примероци за физичко-хемиска и 192 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 48 мерни места во Градот Скопје.
Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ, бр.183/18).
Аналитика








