ПОВЕЌЕ

    ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ИЗДЕЈСТВУВАА ПОВИСОК ОТКУП: Протестите донесоа нова цена за струмичката ајварка

    Време зa читање: 3 минути

    Неколку дена протести, блокади и незадоволство беа потребни за да се помести откупната цена на струмичката ајварка. Производителите, откупувачите и преработувачите вчера постигнаа договор, а од денес пиперката ќе се откупува по повисоки цени.

    Најголемата промена се однесува на класата во која, според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, спаѓа околу 80 отсто од родот. Наместо спорните 25 денари за килограм, таа пиперка ќе се откупува како прва-втора класа по 30 денари за килограм.

    За прва класа е договорена цена од 40 денари, индустриската пиперка ќе се откупува по 30 денари, а онаа што ќе биде класифицирана како „шкарт“ по 15 денари за килограм.

    Новите цени важат од денес и, според најавите, да останат во сила до крајот на откупната сезона.

    Договорот беше постигнат по средбата во Струмица меѓу производителите, откупувачите и преработувачите, по неколкудневното незадоволство на земјоделците поради ниската откупна цена. Производителите од Струмичко во изминатите денови повеќепати блокираа улици и крстосници, барајќи повисока цена и појасни правила при класифицирањето на родот.

    Серафимовски по средбата изјави дека спорните 25 денари за килограм успеале да ги претворат во цена од 30 денари за прва-втора класа.

    „Оние 25 денари за килограм пиперка што беа спорни на почетокот успеавме таа класа на пиперката да ја вметнеме во прва-втора класа, тоа се 80 проценти од родот на земјоделците што припаѓа во таа класа“, рече министерот.

    Тој посочи дека добил уверување од откупувачите и преработувачите дека договореното ќе се почитува, а контролата на откупот ќе ја врши Државниот инспекторат за земјоделство.

    Но, цената не е единственото прашање што се отвори во спорот. Голем дел од незадоволството на производителите се однесува и на начинот на кој се определува класата на пиперката, бидејќи токму од тоа зависи колку ќе добијат за килограм.

    Затоа министерот побара од откупувачите и преработувачите доследно и реално да го оценуваат квалитетот, но истовремено упати порака и до земјоделците да го предаваат родот согласно договорената класификација.

    Според Серафимовски, квалитетот мора да биде правилно вреднуван и секој производител да ја добие цената што одговара на класата на пиперката што ја предава.

    Постигнатиот договор донесе олеснување за производителите, но истовремено отвори и едно непријатно прашање – зошто до повисока цена се дојде дури откако земјоделците излегоа на протести и ги блокираа улиците.

    Токму тоа е и една од реакциите што се појавија по објавувањето на новите цени: ако можело да се договори повисока цена, зошто таа не била утврдена уште на почетокот на откупот?

    Министерот самиот го опиша процесот како „макотрпен“, но порача дека трудот на земјоделците мора да биде соодветно вреднуван и платен.

    „Земјоделците заслужуваат својот труд кој го имаат вложено да биде евалуиран и истиот да го наплатат по завршувањето на бербата, односно по завршување на сезоната“, рече Серафимовски.

    Во Министерството најавуваат дека проблемот не треба секоја година да се решава со протести и договори во последен момент. Од октомври повторно треба да започнат разговори со сите засегнати страни за системски решенија – од јасна методологија за класификација, до рокови за исплата и правила што би им донеле поголема сигурност на производителите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично