
Долго време на етикетата „Made in China“ првата асоцијација беа евтини играчки, облека и производи за широка потрошувачка. Новите бројки од кинеските пристаништа покажуваат дека таа слика забрзано се менува. Денес меѓу најсилните извозни адути на Кина се чиповите, електричните автомобили, батериите, индустриските роботи и опремата потребна за светската трка во вештачката интелигенција.
Кинескиот извоз во јули пораснал за 23,9 отсто во однос на истиот месец минатата година, мерено во долари, значително над очекуваните 22,2 отсто. Растот е нешто побавен од јунските 27 отсто, но сепак покажува дека извозната машина на втората најголема светска економија останува исклучително силна.
Зад добриот резултат сè повеќе стои глобалниот бум на вештачката интелигенција. Држави и компании вложуваат милијарди долари во дата-центри, сервери и нова дигитална инфраструктура, а дел од компонентите и опремата потребни за тој инвестициски циклус доаѓаат токму од кинеските фабрики.
Извозот на полупроводници во првите седум месеци од годинава речиси се удвоил во вредност во споредба со истиот период лани, додека вкупниот извоз на високотехнолошки производи пораснал за 40,7 отсто. Само во јули, според податоците што ги пренесува CNBC, вредноста на извозот на чипови скокнала за 117 отсто на годишно ниво.
Повеќе од 60 проценти од кинескиот извоз во првите седум месеци го сочинувале механички и електрични производи. Меѓу категориите што забрзано растат се електричните возила, литиумските батерии, опремата за производство на енергија од ветер, 3Д-печатачите и индустриските роботи.
Автомобилите се уште еден силен адут. Кинескиот извоз на возила во јули пораснал за повеќе од 50 отсто и според количината и според вредноста, додека домашните производители сè поагресивно бараат купувачи надвор од Кина.
Но, зад блескавите технолошки бројки се гледа и една поинаква Кина.
Извозот на керамички производи паднал за 28,3 отсто, а кај играчките е забележано намалување од 9,7 отсто. Така, додека напредното производство профитира од глобалната ВИ-треска, дел од традиционалната индустрија се соочува со послаба побарувачка.
Тоа е и една од најинтересните промени во кинеската економија: фабриката на светот не исчезнува, туку произведува сè пософистицирана стока.
Увозот во јули исто така силно пораснал – за 27,5 отсто на годишно ниво, иако растот забавил во однос на јунските 36 проценти. Трговскиот суфицит на Кина изнесувал огромни 112,5 милијарди долари за само еден месец, помалку од 125,6 милијарди долари во јуни, но повеќе од очекувањата на аналитичарите.
Проблемот за Пекинг е што токму тој огромен суфицит сè повеќе ги нервира неговите трговски партнери.
Кинескиот извоз кон САД во јули пораснал за 17 отсто, и покрај новите трговски ограничувања. Дел од растот е последица и на брзањето на компаниите да испратат стока пред очекуваното зголемување на американските царини.
Извозот кон Европската Унија се зголемил за 16 отсто, додека кинескиот увоз од Унијата паднал за 1,4 отсто. Со тоа дополнително се зголемува нерамнотежата што веќе подолго време е предмет на спор меѓу Пекинг и Брисел.
Кина минатата година оствари трговски суфицит поголем од еден трилион долари, а годинава е на пат повторно да ја надмине таа граница. За САД и Европа тоа е доказ дека Пекинг произведува многу повеќе отколку што неговиот домашен пазар може да потроши, а вишокот го насочува кон странство. Кина, пак, тврди дека нејзината конкурентност е резултат на индустрискиот развој и технолошкиот напредок.
За кинеската економија извозниот бум доаѓа во вистински момент. БДП во вториот квартал пораснал за 4,3 отсто, што е најслабото темпо од крајот на 2022 година и е под официјалната годишна цел од 4,5 до 5 проценти. Домашната потрошувачка останува слаба, а инвестициите губат сила.
Затоа извозот во моментов ја врши работата што кинескиот потрошувач не успева да ја направи – ја одржува економијата во движење.
Но, токму тука лежи и ризикот. Колку повеќе Кина се потпира на продажбата во странство, толку повеќе зависи од тоа дали САД, Европа и другите пазари ќе продолжат да ја примаат нејзината стока без нови царини и ограничувања.
Засега глобалната ВИ-треска работи во корист на Пекинг. Светот сака повеќе чипови, сервери, батерии, роботи и електрични автомобили, а Кина има фабрики што можат да ги произведат во огромни количества.
Прашањето е колку долго остатокот од светот ќе биде подготвен да ги купува под истите услови.
Аналитика








