ПОВЕЌЕ

    ДЕНЕС ПОМАЛКУ ПРВАЧИЊА, УТРЕ ПОМАЛКУ РАБОТНИЦИ: Демографскиот аларм се засилува

    Време зa читање: 4 минути

    На 1 септември училишното ѕвонче ќе се огласи како и секоја година, но во илјадници клупи ќе нема нови ранци. Според досегашните уписи, во прво одделение би можеле да тргнат околу 4.900 деца помалку отколку минатата година.

    Бројката сè уште не е конечна, бидејќи дел од децата дополнително ќе бидат запишани. Но, и по завршувањето на уписите, Министерството за образование и наука очекува новата генерација првачиња да биде помала за најмалку 3.000 ученици.

    „Тој тренд го очекуваме и следната година, што е поразително за оваа земја“, предупреди министерката за образование и наука Весна Јаневска.

    Падот не е само образовна статистика. Помал број првачиња денес значи помалку средношколци и студенти во следните години, а подоцна и помалку работници, даночни обврзници, потрошувачи и родители. Демографскиот проблем повеќе не се гледа само во табелите за наталитетот – тој веќе се преселува во училишните ходници.

    Генерацијата што сега стигнува до училишна возраст е родена во период кога бројот на новородени деца веќе нагло се намалуваше. Во 2019 година во Македонија биле регистрирани 19.845 живородени деца, за седум проценти помалку отколку во 2018 година, кога биле родени 21.333 деца. За само една година земјата останала без речиси 1.500 новороденчиња.

    Последиците постепено се прелеваат низ целиот образовен систем. На почетокот од учебната 2024/2025 година во редовните основни училишта имало 180.627 ученици, што било намалување од 0,8 проценти за само една година. Во средните училишта биле запишани 67.143 ученици, односно 0,2 проценти помалку.

    Минатата учебна година, според првичните податоци на МОН, во прво одделение биле запишани околу 17.250 деца. И тогаш бројките не биле конечни, но веќе покажувале дека генерациите стануваат сè помали.

    Проблемот не е рамномерно распределен. Дел од скопските општини се соочуваат со недостиг од училници поради преселувањето на населението кон главниот град, додека во внатрешноста има училишта со само неколку ученици.

    Според податоци што ги соопшти МОН, во околу 100 училишни објекти учат помалку од пет деца. Две третини од училишните објекти се подрачни училишта, а во нив се образуваат само 12 проценти од учениците. Министерството затоа најавува оптимизација и поврзување на дел од малите подрачни училишта со поголеми образовни центри.

    Во исто време, во над 200 училишта веќе е воведена едносменска настава. Процесот побрзо напредува во градовите и општините во внатрешноста, меѓу кои Кавадарци, Прилеп, Битола и Штип. Во Скопје, каде што се концентрира сè поголем дел од населението, се потребни доградби и нови училници.

    Така, Македонија истовремено има две сосема различни образовни реалности: училишта што се празнат и училишта во кои нема доволно простор. Тоа покажува дека проблемот не е само во нискиот наталитет, туку и во внатрешната миграција и нерамномерниот регионален развој.

    Намалувањето продолжува и во високото образование. Според Јаневска, сè помалку ученици во основните и средните училишта неизбежно носат и помал број студенти. Истовремено, интересот и потребите не се еднакви кај сите студиски програми.

    Недостигаат студенти и идни наставници по математика, физика и географија, а во одделни делови од земјата се појавува недостиг и од кадар по македонски јазик. Од друга страна, информатиката, електротехниката и машинството имаат висока вработливост, додека кај дел од општествените науки можностите за вработување се намалуваат.

    Поради тоа, МОН почнало да ги приспособува квотите на факултетите според процените за потребите на пазарот на труд. Факултет што има акредитација за 500 студенти, на пример, може да добие одобрение да запише 400 доколку анализите покажат дека нема потреба од толку дипломирани кадри.

    Но, при пад од неколку илјади деца во една генерација, приспособувањето на квотите е само справување со последиците. Суштинското прашање е како да се создадат услови младите луѓе да формираат семејства, да имаат деца и да останат да живеат во земјата.

    Бројката од 4.900 првачиња сè уште може да се намали со дополнителните уписи. Но, дури и во најповолното сценарио, во септември ќе недостигаат најмалку 3.000 деца.

    Тоа се повеќе од сто просечни училишни паралелки.

    Денес тие се празни места во прво одделение. За повеќе од една деценија ќе бидат празни места на факултетите, а потоа и во компаниите, институциите и целата економија.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично