ПОВЕЌЕ

    Илузијата од 20 долари

    Време зa читање: 6 минути

    Најевтиното нешто кај вештачката интелигенција е цената. Токму тоа треба да ве загрижи.

    Во една од моите претходни колумни пишував дека моделот што го користи вашата компанија е изнајмен, дека и вашите конкуренти го изнајмуваат истиот модел од истите добавувачи и дека единствената предност што навистина можете да ја поседувате е сопственото знаење. Годинава фактурите почнаа да покажуваат колку навистина чини тој наем.

    Броилата веќе вртат

    На 1 јуни 2026 година GitHub го префрли Copilot на модел на наплата според потрошувачката. Претплатите остануваат со вклучен месечен пакет кредити. Предлозите што ги добивате додека пишувате код не трошат кредити. Понапредните модели и подолгите агентски сесии, пак, трошат повеќе и, кога ќе се исцрпи вклучениот износ, можат да донесат дополнителен трошок.

    „Антропик“ беше уште подиректен со деловните корисници. Неговиот актуелен пакет Enterprise со наплата според потрошувачката чини 20 долари по корисник месечно, со годишно фактурирање. Цената го покрива пристапот до платформата. Потрошувачката се пресметува одделно, а секој токен се наплаќа според стандардните цени за API.

    Фиксната претплата од 20 долари нема да исчезне, но сè почесто ќе биде само влезница. Вистинската сметка ќе зависи од работата што системот ја извршува. Зошто попушти фиксната цена?

    Фиксната цена по корисник беше скроена за асистент што го користите за неколку прашања дневно. Таа почнува да попушта штом истиот асистент самостојно работи со часови. „Делоит“ проценува дека во 2026 година инференцијата, како што се нарекуваат пресметките што се извршуваат при користење на моделите, ќе троши околу две третини од вкупните пресметувачки капацитети за вештачка интелигенција. Цената на една операција паѓа, но обемот на работа расте многу побрзо.

    Гледано од денешна перспектива, почетните цени барем делумно беа стратегија за придобивање корисници. Попустот беше дел од самиот производ. Додека ве придобиваа како клиент, со попустот истовремено купуваа и пазарен удел.

    Ние овој филм веќе сме го гледале

    Транспортниот аналитичар Хуберт Хоран, врз основа на финансиските извештаи на Uber, процени дека во 2015 година патниците покривале околу 41 насто од реалниот трошок за нивните возења. Остатокот го покривале субвенциите, со кои се граделе и пазарот и навиката. Кога побарувачката повторно порасна во 2021 година, недостигот од возачи ги туркаше цените нагоре.

    И „облакот“ ги научи компаниите на истата лекција: едно чини да почнете, а друго да продолжите.

    Во сите овие примери се повторува слична шема: ниска цена на почетокот, потоа навика, па целосната сметка. Кај вештачката интелигенција кон тоа може да се додаде и техничка зависност од еден добавувач. Кога работните процеси, интеграциите, правилата и знаењето ќе ги врзете за една платформа, промената на добавувачот бара многу повеќе од купување нова лиценца.

    Истата поделба веќе постои и кај Microsoft 365

    Новиот пакет Microsoft 365 E7 чини 99 долари по корисник месечно и ги обединува Microsoft 365 E5, Microsoft 365 Copilot и Agent 365.

    Овде границата мора прецизно да се повлече. Лиценцата покрива голем дел од вообичаената употреба на Microsoft 365 Copilot. Одделни услуги и натаму се наплаќаат според потрошувачката. Microsoft преку Copilot Credits наплаќа точно определени услуги, меѓу кои Copilot Cowork и Work IQ API. Користењето на Work IQ API преку сопствени агенти или агенти на трети страни се наплаќа според потрошувачката и за корисниците што имаат Microsoft 365 Copilot.

    Точната граница зависи од лиценцата и од видот на работата. Во буџетите веќе се појавуваат две одделни ставки: алатката за вработениот и работата што се извршува автоматски.

    Фактурата е помалиот проблем

    Малку компании во своите буџети ја третираа вештачката интелигенција како инфраструктура, затоа што таа пристигна спакувана како апликација од 20 долари. Влезе преку лични претплати, маркетиншки алатки и асистенти за програмери, а потоа тивко стана дел врз кој се потпира секојдневната работа.

    Следново сценарио служи како стрес-тест: замислете дека утре за секоја задача во која се користи вештачка интелигенција трошокот ќе стане трипати повисок. Што би укинале, а што би задржале?

    Ако немате одговор, не знаете од што веќе зависите.

    Еднаш веќе задоцнивме

    Овој пазар го следам дванаесет години, а професионално градам инфраструктура за податоци, па слободно сметајте ме за заинтересирана страна. Многу компании на нашиот пазар со години ги одложуваа сериозните инвестиции во складишта за податоци, управување со податоците и придружната инфраструктура. Логиката на хартија беше разбирлива: зошто да се плаќа за системски основи и јасни правила, кога добар аналитичар што солидно го владее Ексел може рачно да го подготви бараниот резултат за помалку пари?

    Таквата математика долго функционираше. Токму затоа денес доцниме со основите.

    Сега истата логика се враќа од другата страна. За дел од рутинските задачи, вештачката интелигенција под сегашните ценовни модели веќе изгледа поевтина од човекот со табела. Токму затоа може повторно да нè наведе да ја одложиме инвестицијата во податоци, процеси и основно поставување на системите. Ако и сега го пропуштиме вистинскиот момент, како што го пропуштивме претходно, последиците ќе се прелеат од извештаите во нашата способност да се натпреваруваме со компаниите што не чекале.

    Затоа, искористете го медениот месец додека трае. Цените сè уште се ниски, алатките сè уште нудат многу за малку пари, а грешките сè уште се евтини. Тоа е најдобриот момент да почнете да ги градите основите, но и најлошата можна причина повторно да ги одложите.

    Три потези пред да стигне вистинската сметка

    Прво, мапирајте ја зависноста. Утврдете каде вештачката интелигенција веќе презела дел од секојдневната работа, без разлика дали е официјално или неофицијално. Не можете да му одредите цена на нешто што не сте го мапирале.

    Второ, направете стрес-тест со реални сценарија. Ако некоја примена носи јасна вредност и при тројно повисока цена, веројатно ќе продолжи да го оправдува вложувањето и по следната промена на цените. Она што веднаш престанува да биде оправдано можеби било само навика создадена од субвенцијата.

    Трето, вградете економска ефикасност и преносливост уште во архитектурата. Машина што работи со уредени, добро управувани податоци и со јасно документирано организациско знаење троши помалку платено пресметувачко време на пребарување, нагаѓање и повторување. Затоа, основите за кои пишував во првите колумни сега почнуваат да се исплаќаат во две валути: прво преку поголема точност, а сега и преку понизок трошок.

    Ерата на попустите нè научи да прашуваме што може да направи вештачката интелигенција. Ерата на реалната цена ќе нè принуди да прашаме колкава вредност создава секоја нејзина употреба.

    Компаниите што денес не го мерат трошокот по процес, утре нема да знаат кои примени создаваат вредност, а кои опстојуваат само затоа што пристапот бил евтин.

    Лиценцата можеби чини 20 долари. Но зависноста се плаќа со податоци, процеси, интеграции и изгубена слобода да го смените добавувачот.

    Најскапиот дел од вештачката интелигенција нема да биде нејзината употреба, туку зависноста што сте ја изградиле без да ја измерите.

    Автор: Филип Петровски, Data Masters

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично