Дунав е во најтешката хидролошка состојба во повеќе од еден век. Кај Бездан, на влезот на реката од Хрватска во Србија, на 3 август е измерен водостој од –163 сантиметри, што е најниско ниво откако се вршат мерења и за 20 сантиметри го надминува досегашниот негативен рекорд од 1909 година. Според прогнозите на Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија, до 7 август водостојот би можел дополнително да падне на –170 сантиметри.
Причината, според хидролозите, не е само летната суша. Како што објаснува Јелена Јериниќ од Републичкиот хидрометеоролошки завод за BBC News на српски, клучниот проблем започнал уште во текот на зимата. Иако на Алпите имало повеќе снег од просекот, високите температури предизвикале негово прерано топење, а потоа следувал долг период без врнежи. Така Дунав останал без вообичаениот пролетен прилив што секоја година ја полни реката.
„Снегот брзо се стопи, немаше врнежи и Дунав од средно висок водостој премина во средно низок, а потоа продолжи да опаѓа“, вели Јериниќ.
Дополнителен проблем е што засега нема изгледи за брзо закрепнување. Според сезонските прогнози, до крајот на август не се очекуваат позначајни дождови, а за стабилизирање на состојбата не се доволни локални врнежи. Потребни се повеќедневни и обилни дождови низ целата сливна област на Дунав за повторно да се наполнат водните резерви.
Нискиот водостој најсилно се чувствува во северниот дел на Србија, каде што Дунав кај Бездан, Богоево и Бачка Паланка продолжува да опаѓа со темпо од еден до два сантиметри дневно. Во подобра состојба е реката Сава, која добива повеќе вода од западниот дел на сливот, каде што имало повеќе врнежи.
Иако засега нема проблеми со снабдувањето со вода за пиење, експертите предупредуваат дека комбинацијата од исклучително високите температури и нискиот водостој создава поволни услови за развој на бактерии. Температурата на водата во Дунав веќе достигнува околу 28 степени, поради што не се препорачува капење во реките.
Кризна е состојбата и кај другите европски реки. Рекордно низок водостој е измерен и на Рајна, една од најважните европски транспортни артерии, каде што во германски Келн и холандски Лобит нивото на водата е најниско откако се водат мерења. Според германскиот информативен систем за низок водостој, дури 44 проценти од мерните станици на Рајна и 78 проценти од оние на Дунав на крајот од јули регистрирале екстремно ниски нивоа на вода. Иако властите не очекуваат целосен прекин на пловидбата, товарот веќе се прераспределува на повеќе бродови за да можат да минуваат низ плитките делови на реката.
Во Италија, пак, реката По го достигна најниското ниво во историјата кај Кремона, по што беше прогласено високо ниво на тревога за суша во целата долина. Според Европската опсерваторија за суши, сушата останува критична во голем дел од Европа, а новите топлотни бранови со температури над 40 степени дополнително ги намалуваат водостоите.
Последиците не се само транспортни. Дунав веќе го достигна најниското ниво во последните три децении во повеќе земји, меѓу кои Србија, Романија и Унгарија, а проблемите директно се прелеваат и врз енергетиката. Во Унгарија, единствената нуклеарна централа „Пакс“ се најде на работ на запирање поради недостиг од вода за ладење, додека Романија со контролирани експлозии во коритото на Дунав се обиде да го зголеми протокот кон нуклеарната централа „Чернавода“. Поради недостигот од електрична енергија, две автомобилски фабрики во Романија привремено го прекинаа производството за да ја намалат потрошувачката.
Во повеќе европски земји веќе е намалено производството на електрична енергија од хидроцентралите и нуклеарните електрани кои зависат од реките за ладење, додека во исто време растат и цените на природниот гас поради нарушеното снабдување на светскиот пазар. Според енергетските аналитичари, токму оваа комбинација – помалку вода, помало домашно производство на струја и поскап увозен гас – претставува еден од најголемите ризици за европскиот енергетски систем во пресрет на зимата.
(Фото: низок водостој на Дунав во Унгарија, архива, Ínség szikla, CC BY-SA 4.0)
Аналитика








