ПОВЕЌЕ

    ОХРИД ДОБИ ВРЕМЕ, НО НЕ И АМНЕСТИЈА: УНЕСКО го остави надвор од листата во опасност

    Време зa читање: 4 минути

    Охридскиот Регион ја избегна најстрогата формална опомена од УНЕСКО, но не доби потврда дека опасностите се надминати. Комитетот за светско наследство одлучи природното и културното наследство што го делат Македонија и Албанија во оваа фаза да не биде впишано на Листата на светско наследство во опасност, оставајќи им на двете држави период до 2031 година да покажат конкретни и мерливи резултати.

    Одлуката беше донесена на 48. сесија на Комитетот, која се одржува во Бусан, Република Кореја, од 19 до 29 јули. Првичниот предлог предвидуваше Охридскиот Регион да биде впишан на Листата во опасност, но со амандман поднесен од Турција таа формулација беше избришана и заменета со одлука регионот засега да остане надвор од листата.

    Тоа, сепак, не е безусловна победа. Во истиот документ Комитетот оценува дека вкупниот напредок во запирањето на деградацијата останува ограничен и потсетува дека уште во 2025 година биле исполнети условите Охридскиот Регион да биде прогласен за светско наследство во опасност.

    Меѓу проблемите што и натаму го загрозуваат регионот се наведени слабата прекугранична координација, недостигот од сеопфатна Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина, нерешеното урбанистичко планирање, бесправното градење, континуираниот притисок од нови градби и бавното решавање на отпадот и отпадните води. Според оцената на Комитетот, нивното кумулативно влијание предизвикува сериозно нарушување на исклучителната универзална вредност поради која регионот е под заштита.

    Македонија и Албанија треба до 1 февруари 2029 година да достават заеднички извештај за спроведените корективни мерки. Потоа треба да биде поканета заедничка реактивна мониторинг-мисија на Центарот за светско наследство, ИУЦН и ИКОМОС, која на терен ќе го процени постигнатиот напредок и состојбата на регионот. Нов извештај, заедно со наодите на мисијата, треба да биде доставен до 1 февруари 2031 година за разгледување на 53. сесија на Комитетот.

    Оттука, најавениот петгодишен период не претставува празен рок во кој обврските можат повторно да се одложуваат. Тој е временска рамка во која Македонија и Албанија ќе мора да докажат дека состојбата на терен навистина се менува.

    За Македонија, една од најголемите обврски останува справувањето со дивоградбите. УНЕСКО бара да се забрза процената на нивното влијание и да се применат мерки за санација, вклучително и отстранување таму каде што е потребно. Се бара и запирање на измените на деталните урбанистички планови и одобрувањето развојни планови надвор од населбите, сè додека Стратегиската оцена не покаже дека тие нема да му наштетат на заштитеното наследство.

    Посебно е нагласена потребата итно да се подготват генерални урбанистички планови за Охрид и Струга, усогласени со заштитата на регионот. Комитетот бара и забрзано прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и на Студенчишкото Блато за парк на природата.

    Во одлуката повторно се посочува и комплексот „Горица 3“. УНЕСКО изразува загриженост поради продолжувањето на проектот и бара развојните активности да бидат запрени додека не бидат завршени и доставени стратешките и проектните процени на влијанието.

    Обврските ја опфаќаат и Галичица. Од Македонија се бара да го доврши новото зонирање, со кое природните процеси би се одвивале непречено на 75 проценти од територијата на Националниот парк, да го зајакне инспекцискиот и ренџерскиот надзор и постепено да го ограничи движењето теренски возила.

    Комитетот го поздравува завршувањето на пренасочувањето на реката Сатеска, но бара да се довршат оперативните и управувачките механизми за системот да функционира ефикасно. Истовремено, од двете држави се очекува забрзување на инвестициите во управувањето со отпадот и отпадните води, кои директно влијаат врз езерскиот екосистем.

    Македонската делегација во Бусан ја предводеше амбасадорот при УНЕСКО Игор Николов, кој оцени дека одлуката е израз на доверба во преземените активности, но и обврска работата да продолжи со поголемо темпо.

    Во наредниот период, според најавите, фокусот треба да биде ставен врз прекуграничната Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина, зајакнувањето на инспекцискиот надзор, справувањето со бесправните градби и обновувањето на Студенчишкото Блато.

    Охрид, значи, не е ставен на Листата во опасност. Но, денешната одлука не е сертификат дека регионот е безбеден, туку последна голема можност ветувањата да се претворат во видливи резултати. До 2031 година ќе се види дали дополнителното време било искористено за вистинска заштита или само за уште едно одложување.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично