Добивка од 15,13 милиони денари или 246 илјади евра оствари Централна кооперативна банка во првата половина од годинава. Финансискиот резултат е за речиси 48 насто подобар во споредба со истиот лански период и постигнат е во услови на пообемна кредитната активност, повисоки приходи од камати и умерено зголемување на депозитната база.
Кредитите пласмани на Банката на крајот од јуни достигнале 136,5 милиони евра, што е за околу пет насто повеќе на годишна основа. Од ЦКБ наведуваат дека растот најмногу произлегува од кредитирањето на физичките лица.
Истовремено, депозитите се зголемиле на 216,5 милиони евра, при што уделот на другете, небанкарски клиенти е во износ од 213 милиони евра. Банката оценува дека растот на депозитната база е резултат и на повисоките каматни стапки што им ги понудила на штедачите.
Растот на кредитното портфолио се одразил и врз приходите од камати. Вкупните приливи од камати се на нивото од 4,8 милиони евра, додека нето-приходите по таа основа се зголемиле за 14 насто – на 3,1 милион евра.
Од друга страна, нето-приходите од провизии и надоместоци се намалиле за шест отсто, на 876 илјади евра. Меѓутоа, ЦКБ бележи значително подобар резултат кај нето-приходите од курсни разлики, каде што има раст од 50 насто, а полугодишниот износ е 188,5 илјади евра.
Од Банката наведуваат дека во текот на првата половина од годината работела во услови на стабилен економски раст, инфраструктурни инвестиции и подобрена надворешна побарувачка, додека монетарната политика останала насочена кон стабилизирање на инфлацијата и одржување на стабилен девизен курс.
Исто така, од ЦКБ посочуваат дека и покрај повисоките каматни стапки на депозитите успеале да ги задржат расходите за камати на ниво слично на ланското, а повисоките активни каматни стапки овозможиле раст на каматните приходи. Банката истакнува и дека го задржала квалитетот на кредитното портфолио, при што исправката на вредноста на финансиските средства и резервирањата за кредитен ризик на нето-основа изнесувале 6,68 милиони денари.
Вкупната актива на Централна кооперативна банка на крајот од јуни изнесувала 15,61 милијарди денари, односно 253,9 милиони евра, што е два насто повеќе во споредба со првата половина од минатата година.
Банкарска војна за Адико банка: Милиони евра, моќ и влијание на маса
Аналитика








