
Повеќе средства за капитални проекти, дополнителна поддршка за земјоделството и нови мерки за заштита на жртвите на семејно и родово насилство се дел од дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, кој Владата го усвои по завршувањето на комисиската расправа во Собранието.
Во документот се вградени амандманите прифатени од Комисијата за финансирање и буџет, по што дополнетиот предлог повторно ќе биде доставен до пратениците на конечно усвојување.
Со измените се обезбедуваат дополнителни средства за жените што вршат земјоделска дејност, за воспоставување национална СОС-линија за поддршка на жртвите на семејно и родово насилство, како и за отворање и ставање во функција на два згрижувачки центри.
Според Министерството за финансии, вкупните приходи во ребалансираниот Буџет се планирани на 379,5 милијарди денари, додека расходите се проектирани на 425,8 милијарди денари.
Дополнителни средства се предвидени и за земјоделските субвенции, железничкиот сообраќај, спортот, студентскиот и ученичкиот стандард, како и за здравствената и социјалната заштита.
Повеќе пари се насочуваат кон социјалните надоместоци, заштитните друштва, народните кујни и мерките за деинституционализација, со цел поддршка на најранливите категории граѓани.
Најголемото зголемување е кај капиталните инвестиции, за кои се планирани околу 46 милијарди денари. Тоа е за 14,5 проценти повеќе во споредба со првично донесениот Буџет. Истовремено, се намалуваат расходите за стоки и услуги.
Буџетскиот дефицит е проектиран на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од бруто-домашниот производ, додека очекуваниот економски раст е поставен на 3,5 проценти.
Со усвојувањето на дополнетиот ребаланс од страна на Владата, постапката повторно се префрла во Собранието, каде што пратениците треба да одлучат за неговата конечна верзија.
Аналитика








