Повеќе од 23 милиони евра државни пари за активни мерки за вработување во 2024 година не биле распределени рамномерно низ државата, туку најголемиот дел завршиле во само неколку центри за вработување. Слаб мониторинг на трошењето на средствата, сомнителни практики при исплата на надоместоци за невработеност, неефикасни ИТ-обуки и адвокатски услуги концентрирани кај еден адвокат – ова се дел од наодите на Државниот завод за ревизија за работењето на Агенцијата за вработување (АВРСМ) за 2024 година. Ревизорите изразиле мислење со резерва за финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеноста со законите и воспоставените политики.
За реализација на 14 активни програми и мерки за вработување биле исплатени 1,442 милијарди денари (23,4 милиони евра), што е за 16,3 насто повеќе отколку во 2023 година. Но, според ревизорите, распределбата не го следела законскиот принцип на рамномерен регионален развој.
„При распределбата на средствата не е обезбеден принципот на рамномерен регионален развој. Кај одделни активни мерки исплатите во скопскиот и дел од западните плански региони ја надминувале утврдената квота и до четири пати, додека регионите од централниот и источниот дел на државата добиле помал обем на средства“, наведува ДЗР.
Особено е изразена концентрацијата кај мерката самовработување, каде што 62,05 отсто од средствата биле реализирани преку центрите за вработување во само пет градови. Слична е состојбата и кај другите програми. Кај мерката субвенционирање на плати, повеќе од половина од сите одобрени апликации се однесуваат на центрите во Скопје, Струга, Тетово и Куманово, додека кај мерката вработување и раст на правни субјекти, речиси две третини од апликациите се реализирани во Тетово, Скопје, Струга, Куманово и Пробиштип.
Ревизорите предупредуваат дека Агенцијата нема доволно развиен систем за контрола на тоа како се користат доделените средства:
„Утврдени се слабости во системот на мониторинг и контрола на користењето на средствата, поради недоволно разработени процедури, ретки теренски контроли и нецелосна документација, што создава ризик од ненаменско користење на доделените средства“.
Во рамките на програмата за стекнување напредни ИТ-вештини биле исплатени 85,8 милиони денари (1,39 милиони евра). Но, резултатите се скромни. Од 735 кандидати, завршниот испит успешно го положиле само 184 лица, односно 25 проценти. Ревизорите оценуваат дека ваквиот резултат „укажува на ниска ефикасност на мерката“.
Во текот на 2024 година Агенцијата исплатила 1,327 милијарди денари (21,5 милиони евра) за парични надоместоци во случај на невработеност, што претставува 40,6 отсто од сите расходи на институцијата. Во споредба со 2023 година, исплатите се повисоки за 27,13 насто.
Сепак, ревизорите утврдиле сериозни слабости при признавањето на ова право. Во извештајот се наведува дека имало:
„некомплетна документација, невоспоставена електронска размена на податоци со Фондот за ПИО, отстапувања при пресметката на надоместоците“.
Освен тоа, откриени се договори за работа склучени на само три дена, договори продолжувани над законскиот максимум од пет години, како и повторно вработување кај ист работодавач веднаш по користење на правото на паричен надоместок. Според ревизорите, овие случаи упатуваат на потреба од значително посилни контроли.
Ревизијата открила и слабости во трошењето средства за адвокатски услуги. Во 2024 година биле исплатени 5,7 милиони денари за адвокати, медијација, судски такси и вештачења.
Од нив: „77,46 проценти од адвокатските услуги биле реализирани преку еден адвокат; за 881 илјада денари вештачења не била спроведена јавна набавка; за 740 илјади денари недостасувала документација за извршените услуги“.
Ревизорите наведуваат и дека дел од адвокатските услуги се однесувале на административни работи што можеле да ги извршат службите во самата Агенција, доколку била соодветно кадровски екипирана.
Државниот завод за ревизија повторно укажува дека Посебниот фонд за вработување на инвалидни лица не ги добива сите средства што му следуваат согласно закон.
Воедно, предупредува дека правилата за остварување право на паричен надомест при невработеност се недоволно јасни, што доведува до различно постапување во слични случаи, правна несигурност, жалби и судски постапки.
Поради сите утврдени слабости, ревизорите упатиле препораки до Агенцијата и до надлежните институции за подобрување на контролите, порамномерна распределба на средствата и поефикасно спроведување на програмите за вработување.
Аналитика








