„Политиката на субвенционирање на авиолинии и отворање на нови, продолжува, најави денес претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на ефектите на субвенциите во авио сообраќајот. „Отворивме неколку, десетици такви би рекол, во изминативе две години и тоа е резултатот. Бројката оваа година очекуваме да достигне до 3,5 милиони патници“, рече премиерот.
Според Мицкоски, аеродромите забележуваат зголемување веќе двоцифрен број проценти. „Во одредена мера, да речеме скопскиот имаше и до 30% зголемување споредено со истиот период од минатата година. Така што продолжуваме со оваа политика на отворање на нови авиолинии и онаму каде што има интерес, како што вие ги споменавте дестинациите, продолжуваме со поддршка на тие линии. За нас тоа е многу важно и како држава планираме да бидеме регионален хаб од каде што ќе може да се поврзат граѓаните од регионот со останатите дестинации во Европа, па зошто да не и во светот. И она коешто сакам да кажам, во услови на најголема светска криза, енергетска, во услови кога сите ги затвараат своите граници, ние со керозин од Македонија, снабдувавме неколку регионални аеродроми од тука“, нагласи премиерот Мицкоски во одговор на прашањето дали ќе се зголеми поддршката на државата и дали се разговара со „Визер“ за продолжување на оние сезонски летови до Сардинија и Сицилија, за коишто има голем интерес ова лето.
Аналитика








