
Дигиталниот надзор на патиштата станува новата реалност за возачите во Македонија. Камерите од системот „Безбеден град“ за неполни пет месеци регистрирале повеќе од 120.000 сообраќајни прекршоци, а проектот веќе се проширува и во нови градови. Со поставувањето на опремата во Охрид и Струга и пуштањето во функција на камерите кај Ново Село во општина Дебрца, летната туристичка сезона ќе донесе и значително построг надзор врз сообраќајот.
На отчетот за двегодишното раководење со Министерството за внатрешни работи, министерот Панче Тошковски соопшти дека од почетокот на примената на проектот „Безбеден град“, од 2 февруари до 22 јуни годинава, преку камерите се евидентирани повеќе од 120.000 сообраќајни прекршоци.
Според него, дури 95 проценти од сите регистрирани прекршоци се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, што потврдува дека брзото возење останува најчестиот проблем на македонските патишта.
Тошковски посочи дека од почетокот на функционирањето на системот е забележано и намалување на бројот на сообраќајни несреќи за околу 40 проценти. Во периодот од 1 февруари досега во сообраќајни несреќи загинале 34 лица, наспроти 55 во истиот период минатата година.
Во моментов камерите од проектот „Безбеден град“ функционираат во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10. Министерот најави дека до крајот на годинава системот треба целосно да биде имплементиран низ државата и да ги опфати поголемите градови и најфреквентните патни правци.
Во меѓувреме, системот веќе се проширува. Во Охрид и Струга е завршено поставувањето и инсталирањето на опремата, а надлежните најавуваат дека камерите наскоро ќе бидат ставени во целосна функција. Тоа значи дека возачите кои летово ќе патуваат кон Охридското Езеро ќе бидат под надзор на автоматскиот систем за евидентирање на прекршоците.
Од 25 јуни во функција се пуштени и камерите на автопатската делница кај Ново Село, во општина Дебрца. Од СВР Охрид апелираат возачите доследно да ги почитуваат сообраќајните правила, особено ограничувањата на брзината на оваа делница.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека поставувањето на камерите продолжува и во останатите сектори за внатрешни работи, а системот ќе се активира поетапно. Планот е до крајот на годината проектот „Безбеден град“ да биде присутен во сите поголеми градови во земјата.
Освен за сообраќајот, Тошковски на отчетот се осврна и на состојбата со криминалитетот. Според него, Македонија бележи најниско ниво на криминал во последните дваесет години, при што ефикасноста во откривањето на сторителите достигнала 69 проценти. Во изминатиот период биле откриени повеќе од 30 организирани криминални групи, а во областа на корупцијата биле разбиени шест групи, со кривични пријави против 146 физички лица и 18 правни субјекти. Според податоците што ги презентираше министерот, биле откриени околу 500 кривични дела, а бројот на пријавени сторители надминал 1.000.
Аналитика








