БАРАВТЕ ВОЈНА – СИ ДОБИВТЕ ВОЈНА: Жестоки реакции на одлуката на судот за рудникот Иловица
732
Време зa читање:4минути
Нема да копате, а само си отворивте војна со народот, реагира струмичкото еколошко здружение Здрава Котлина на соопштението на Владата во кое јавноста се информира дека е донесена пресуда на Вишиот управен суд, со која се поништува одлуката за престанок на важење на одлуката за спојување на концесијата за експлоатација на минерална суровина на локалитетот Иловица, Општина Босилово, со концесијата за експлоатација на минерална суровина на локалитетот Иловица, Општина Босилово и Општина Ново Село. Во соопштението се нагласува дека конечна судска одлука која Владата, како институција што го почитува владеењето на правото, е должна да ја почитува.
Владата истовремено и се оградува од ваквата одлука, за која вели дека не е резултат на одлуки донесени од актуелната Влада, туку претставува наследена правна состојба која произлегува од одлуките за спојување на концесиите донесени во јуни 2023 година, како и од последователните одлуки за нивен престанок донесени само еден месец подоцна, во јули 2023 година, по што е покрената судска постапка пред надлежните судови.
„Свесни сме дека кај дел од граѓаните, локалното население и граѓанските организации постојат оправдани прашања и загрижености поврзани со овој проект. Токму затоа Владата ќе продолжи целосно транспарентно да ги разгледува сите релевантни факти, стручни мислења и аргументи, во рамки на законските процедури и институционалните надлежности“, стои во соопштението на Владата.
Сепак, потсетува Владата, нивен приоритет останува создавање услови за економски раст, нови инвестиции и отворање работни места, но тоа никогаш нема да биде на сметка на здравјето на граѓаните, природните ресурси и животната средина, нагласувајќи дека заштитата на јавниот интерес, почитувањето на највисоките еколошки стандарди и целосната законитост на постапките остануваат принципи од кои Владата нема да отстапи.
Активистите против рудникот Иловица во Струмица од здружението Здрава Котлина во своето обраќање кон јавноста потсетуваат дека Вишиот управен суд донел одлука во мај да ја поништи одлуката за поништување на спојување на концесиите и дека пресудата се упатува на повторно разгледување во Владата, но дека Владата се прави како да не прочитала во одлуката дека треба повторно да решава и за неа ова било конечно решение.
Тие посочуваат дека Владата не вложила приговор, на што имала право според законот туку чекала да помине рокот и сега вели дека ќе се почитувале законите. „А очи им извади 10 години поминати рокови, заложена македонска земја како колатерал кај странците, 75% попуст на рудата, целосната несоодветност на студиите, зимањето на струмичката вода од Турија, појавувањето на 22 литра во секунда силна киселина што ќе тече во наредните 500 години итн..“, се наведува во реакцијата на Здрава Котлина.
Во соопштението на Владата е нагласено дека секое понатамошно постапување во однос на овој предмет во иднина „ќе се одвива исклучиво врз основа на стручни анализи, законски процедури и институционален надзор, со целосна информираност на јавноста. Владата ќе продолжи одговорно, транспарентно и во согласност со законите да носи одлуки кои ги штитат интересите на граѓаните, обезбедуваат правна сигурност и создаваат услови за одржлив развој на државата“.
Активистите против рудниците ја прашаа Владата дали туркањето на измените на Законот за минерални суровини во насока на надминувањето на експропријација за добивање дозвола се поврзани со ваквиот очекуван исход за случајот Иловица, сето тоа поткрепено со офанзива на рудничка пропаганда, која интензивно се пласираше од страна на некои портали.
На крајот, Здрава Котлина ја потсети и владеачката ВМРО-ДПМНЕ на она што го зборувале и на она против што и самите протестирале додека биле во опозиција, во 2023/2024. Во што тогаш верувавте, прашуваат активистите против русникот во струмичко. „Ќе ве потсетиме…ЛИЦЕМЕРИЕ, ЗАСЛЕПЕНОСТ, СЕЛЕКТИВНА ПРАВДА. НО НЕМА ДА КОПАТЕ, А ОТВОРИВТЕ ВОЈНА СО НАРОДОТ“, се вели на крајот на писмената реакција на Здрава Котлина на соопштението на Владата.
Здрава Котлина и другите еколошки здруженија од југоисточниот регион со години даваат силен отпор за отворањето на рудникот за бакар и злато крај струмичките села Иловица и Штука, на падините на Огражден. Нивниот став е дека за стумичкиот крај, познат по своето земјоделско производство рудниците ќе донесат многу поголема штета од најавуваниот економски развој, за кој зборуваат поборниците на изградбата на рудникот. Доколку проработи рудникот на смртта, ќе дојде до трајно и директно загадување на трите основни елементи за живот – водата, воздухот и земјата, е ставот на струмичките екологисти.